СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ

 

 

 

СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ

„РОМЕО И ЈУЛИЈА“

Шекспир, Прокофјев, Гуно

 

Режисер: Дејан Пројковски

 

„ Ромео и Јулија “ претставуваат метафора на идеалната љубов – за сите времиња. Не по платонската чистота, туку по големината на таа љубов во која се жртвуваат себеси, се подаруваат- во најбуквална смисла на зборот – еден на друг.

„Ромео и Jулија“ во основата е лирска драма на љубовта. Лириката е основното обележје на ова дело, тоа е тој свилен, седефен конец кој му ја дава интонативната боја на везот. Епското, пак, лежи во големината на смртта, на жртвата – не како опис, туку како длабока содржина.

   Големи во љубовта, Ромео и Јулија се поголеми од смртта. Уште поголеми во заличувањето на омразата. Мразејќи, Ромео засакува. Љубејќи, тој и таа горат, но не како жртви на сопствената љубов, туку на омразата. А со нивната смрт се запечатува еден крај, во трагична смисла,  нивниот,за да се стави крај и на долгогодишната омраза.

 

Сонет Бр. 149 – Вилијам Шекспир

„Зар ќе ми речеш: не ме љубиш ти, -

Со тебе кога против себе одам,

И зарад тебе заборав ме скри

Па каков веќе нема да се родам?

Тој што те мрази зар близок ми стана?

Зар сакам некој што не ти е мил?

Ако се лутиш зар не носам рана,

И кога, кажи, инаков сум бил?

Зар имам нешто што секој го цени,

А што е гордо да ти стане роб?

Зар имаш мана што не ќе ме плени

Дур твојот поглед ме води ко коб?

 

Ги сакаш тие што гледаат, знам,

Мрази ме, мила, јас сум слеп и сам.

 

                                                                                                    Дејан Пројковски

 

 

  Дејан Пројковски е роден на 06.08.1979 година во Битола.

Дипломирал и магистрирал на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, Р.Бугарија.Тој е  вонреден професор по театарска режија и актерска игра на Универзитетот за  аудиовизуелни уметности -  ЕСРА.

 Претседател е на Светската театарска Мрежа Интер АКТ во која членуваат театри и фестивали од над 20 земји. 

Има остварено значајни театарски режии : „Опасни врски“ , „Браќа Карамазови“,  „Хамлет“, „Смртта на Дантон“, „Црнила “, „Бегалка“, „Кралот Умира“,  „ Галеб„ , „Тартиф“, „Ромео и Јулија“, „Јонадаб“ , „Падот на невиноста“...

Како режисер е добитник  на голем број награди и признанија на домашни и меѓународни фестивали. Неговите претстави гостувале во повеќе земји низ Европа: Италија, Германија, Франција, Англија, Русија, Бугарија. Србија, Турција, Хрватска и Словенија.

 

 

Продукција “Охридско лето“,

Народен Театар Битола,

Театар Вера Комисаржевскаја-Русија,

Македонска Опера и Балет,

Народен Театар Охрид

 

12.07.2012

Антички театар

21:00

АНДРЕЈ КОРОБЕЈНИКОВ – пијано (Русија)

 

Андреј Коробејников е исклучителен претставник на силната руска пијанистичка традиција. Дипломира со највисоки почести на Московскиот конзерваториум на 19 годишна возраст, со што станува првиот музичар во историјата на оваа престижна руска школа кој го повторува успехот на композиторот и пијанист Сергеј Рахмањинов од 1892 година. Постдипломските студии ги завршува на Кралскиот музички колеџ во Лондон, како стипендијант на Фондацијата Gill & Julian Simmonds. Како „чудо од дете“, Коробејников својот прв солистички рецитал го остварува на 8-годишна возраст, и оттогаш се стекнува со повеќе од 20 државни и меѓународни награди. Меѓу нив најзначајни се Третата награда на Интернационалниот натпреват Александар Скрјабин во Москва во 2004 година и Втората награда и награда од публиката на Интернационалниот натпреват Сергеј Рахмањинов во Лос Анџелес во 2005 година. Концертирал во повеќе од 30 земји во светот и имал чест и привилегија да настапува со уметници од врвот на класичната музичка култура, меѓу кои и диригентите Владимир Ашкенази, Антони Вит, Таиџиро Лимори. Во неговата биографија се забележани креативните контакти со Philharmonia Orchestra, London Philharmonic Orchestra, Budapest Festival Orchestra, Токиската филхармонија, Чешката филхармонија. Коробејников се стекна со бројни признанија од музичките критичари за своето исклучително техничко мајсторство и музичка елоквентност. 

13.07.2012

Света Софија

21:00

Џампаоло Бандини – гитара (Италија) Чезаре Кјакјарета – бандонеон (Италија)

 

Дуото Џампаоло Бандини и Чезаре Кјакјарета е формирано во 2002 година со цел да ја промовира аргентинската музика низ шармот и магијата на двата нејзини најпретставителни инструменти – гитарата и бандонеонот. Од своето формирање дуото стана важен дел од интернационалните музички кругови, благодарение на нивната голема комуникативност и исклучителна харизма. Поканети од значајни фестивали и театри во светот, тие настапувале на турнеи на неколку континенти, среќавајќи се со извонредни критики како од публиката, така и од критиката. Дуото имаше привилегија да настапи со Двојниот концерт „Омаж на Лиеги“ од Астор Пјацола, под диригентско водство на Маестро Лео Броувер во Аудиториумот Паганини во Парма, како и за Unione Musicale  во Турин, со реномираниот Камерен оркестар на московските виртуози, под уметничко раководство на Павел Берман. Особеноста на нивната музика која не познава граници им овозможи да соработуваат со многу истакнати имиња од музичкиот свет. Нивниот прв компакт диск „Hombres de Tango” беше распродаден во неколку десетици илјади копии и поздравен со голем ентузијазам од страна на критичарите. Дуото има реализирано снимки за познати телевизиски и радио станици во Италија и во светот. Нивната музика е богатство од емоции и магична атмосфера, сензуалност и интелигенција. Од гитарата на Бандини и бандонеонот на Кјакјарета извира самата душа на тангото.

 

14.07.2012

Света Софија

21:00

БИМАС 2012 – Архитектура на секојдневниот живот

 

 

Изложба на наградени трудови и ексклузивна селекција од оствареното архитетонско творештво и приказ на креативната мисла на македонските архитекти.

 

Истовремено е чествување на Архитектурата за низ времето полека да  се продолжи со исцртувањето на линијата на самопотврдување, самопрепознавање, самоидентификација....

Како архитектурата да се вклучи во секојдневниот живот? Како архитектурата да излезе надвор од ексклузивната пракса? Како да се вклучи во секојдневните процеси, да стане дел од секојдневието? Дали  архитектурата е само израз, репрезентација или е практика на употреба на секојдневниот живот?

Архитектурата не е слика: таа има сликовни својства, но никогаш не може да се сведе само на израз. Таа е сложена организација на активностите во еден простор но,  и нивна интеракција со околината.

Архитектурата не е непроменливост: таа тежнее кон совршенство, но таа е дел од животните процеси, се појавива во дијалог на ре – употребата на деловните поставки.

Архитектурата не е монументалност: историјата на архитектурата на една заедница е покажана преку историските артефакти, монументи, но секојдневниот живот е впишан во променливата архитектонска текстура.

Архитектурата не е исклучивост: луѓето природно тежнеат кон посебности, но архитктурата не е орудие за докажување на сопствената исклучивост спротивно на тоа, таа е матрица на поврзување. 

15.07.2012

Центар за Култура „Григор Прличев“

20:30

ХЕНРИ VI Од Вилијам Шекспир

 

 

Шекспир го напишал Хенри VI (Шестти), дел 3 помеѓу 1594 и 1596 година. Драмата се осврнува на настаните за време на т.н. Војна на Розите, граѓанска војна и војна меѓу династиите која се водеше во Англија од 1450 до 1485 г.

Третиот дел од Хенри Шести првенствено се фокусира на ужасите од конфликтот во ситуација кога политичките и лични амбиции ја фрлаат еднаш средената нација во безредие и варварство при што семејствата се распаѓаат, а моралните норми сурово се газат  во потрагата по одмазда и неимоверна моќ.

 Претставата ги презентира пароксизмите (нападите) на насилство кои водат до поништување на линијата на кралевите од Ланкастер.

Таа е фасцинантен и непаралелен преглед на настанувањето и распаѓањето на династијата, и силите кои водат до граѓанско, семејно и лично исчезнување и крај.

Претставата е валкана, насилна, болна, брутална, но исто така и возбудлива. Драмата ја катапултира публиката со уникатен, затресувачки ритам.

Драмите за Хенри VI  беа едни од најпопуларните продукции на Шекспир во тоа време и  продолжуваат да бидат популарни и денес. Продуцирана и креирана од Битолскиот Народен театар беше многу успешна на неодамнешниот Фестивал Глоуб во Лондон, за каде и беше наменета оваа продукција. Именувана како „инспиративна“, „бистра “, „стилска“ и „жизнерадосно инвентивна“ од Лондонската критика, продукцијата се здоби со универзално воодушевено одобрување.

  Театарот има за чест да ја претстави овде, на фестивалот „Охридско лето“.

 

Џон Блондел живее и работи во Санта Барбара, Калифорнија, каде што е уметнички директор на Лит Мун театарската компанија, директор на Лит Мун Светските театарски фестивали, и професор по театарски уметности на колеџот Вестмонт. Од неговото преселување во Санта Барбара во 1983 година, Блондел има режирано повеќе од 50 продукции и продуцирано други 50 за разни интернационални фестивали на Лит Мун.

Во 2009 година весникот „Индипендент “ од  Санта Барбара го именува Блондел за „локален херој“ за неговата  „неуморна посветеност“ на меѓународната театарска заедница.

 

Режија: Џон Блондел

Превод: Драги Михајловски                                                     

Сценографија: Валентин Светозарев                                   

Костимографија: Благој Мицевски

Музика: Миодраг Неќак

Кореографија: Рисима Рисимкин

Светло: Илија Димовски

 

Улоги:

Грофот од Ворик:Соња Михајлова

Војводата од Јорк, Лордот Хејстинс:Борис Чоревски

Кралот Хенри VI:Петар Горко

Лордот Клифорд, Грофот Риверз:Иван Јерчиќ

Војводата од Ексетер, Јоркски Војник, Прв стражар, Гласник на францускиот двор, Придружник:Петар Спировски

Едвард ( подоцна крал Едвард Четвтри ):Огнен Дранговски

Ричард ( подоцна војводата од Глостер ):Мартин Мирчевски

Кралицата Маргарета:Габриела Петрушевска

Принц Едвард, грофот од Ратленд:Николче Пројчевски

Гласник, Ланкастерски војник, втор стражар, ловец, придружник:Васко Мавровски

Гласник, Лејди Елзабет Греј ( подоцна Кралица Елизабета ), Лејди Бона, Придружник:Валентина Грамосли

Џорџ ( подоцна Војводата од Кларенс ): Филип Мирчевски

Луј Единаесетти, Крал на Франција,придружник.....Кристина Христова Николова

Перкусионист : Митко Ивановски

Пиано: Миодраг Неќак

 

 

 

15.07.2012

Предворје на Света Софија

21:00

МИШЕЛ КАМИЛО – пијано (Доминиканска Република)

 

 

Мишел Камило е еден од највозбудливите музичари на светската џез сцена, чие творештво на автентичен начин ги спојува латиноамериканските ритми и мелодии со класичниот џез израз. Неговата театралност во изведбата, извонредната техника, силната енергија и амплитудата во динамиката го сместуваат во редовите на најпрепознатливите џез музичари на денешницата. Мишел Камило, кого го нарекуваат „малиот човек“ од Доминиканската република е роден во Санто Доминго во 1954 година. Почнува да учи хармоника, а првата средба со пијаното ја има на шест годишна возраст. Музика учи на престижниот колеџ „Џулијард“ во Њујорк и се развива под влијанија на џез великаните: Чик Кореа, Кит Џерет, Херби Хенког, Оскар Петерсон, Бил Еванс, Арт Татум. Како класичен пијанист во 90-те реализирал неколку турнеи. Покрај својата исклучителна дискографија од областа на џезот, Камило е автор и на популарна и филмска музика. Добитник е на престижните награди „Еми“ и „Греми“ за исклучителни достигнувања во музичката уметност.

 

16.07.2012

Предворје на Света Софија

21:00

АНТИГОНА Од Софокле

 

 

Ако постојат настани кои завршиле пред 2500 години... И ако луѓето кои довеле до тие деструкции сеуште живеат...

СТРАШНО!...

Како постоеле Хитлер, Сталин, Мусолини... Ако таква традиција, како културата што беше акумулирана со илијадници години човечка еволуција, како од Мао Задонг, беше распрсната од само еден удар и беше заменета со законите кои тие ги сакаа, а според кои и владееја со нивниот народ.

Ако вршеа терор врз нивниот народ како:  Садам Хусеин, Мубарак и Гадафи. И ако сеуште продолжуваат да вршат терор. Ако такви поединци како: Франко, Пиноче, Маркос и сличните на нив можат да бидат способни да ја уништат демократијата, слободата, правдата и иницијативите и напорите на поборниците на правото.

Ако моќните лидери сеуште вршат пресија, угнетување врз немоќните и безнадежните... И ако тираните сеуште владеат со денешниот свет како со марионета. И ако тие сеуште ја дизајнираат иднината на светот со истата алчност.

Навистина е страшно...

Како што опиша и Шекспир (Сонет 66)

„Ако и најблагородните верувања се сеуште тиранизирани.

Ако големи маси луѓе сеуште се несвесни за среќа.

Ако човечкото достоинство е сеуште потчинето

Ако доблеста е уништена

Ако човечкиот труд е угнетуван и деградиран,

Ако тираните сеуште владеат со власта

И ако хорот на народот сеуште е во страв

Ако оние кои ја говорат вистината ги сметаат како погрешни“

СТРАШНО!...

Најважно, ако братот сеуште пука и го убива брата си... Ако мајките на децата и младите кои умреа во војна, ја дрпаат нивната коса како Евридика... Ако сеуште се додава нова смрт над старите... Како што има опишано Шекспир,  „ ... Ако уметноста ги заврзе  јазиците...“

Сакавме да ги потсетиме оние кои повеќе нема да останат тивки. Со звукот на брановите кои удираат на бреговите на Босфорот и тајното итро завивање, татнење и завивање каде двете мориња се спојуваат со звукот на ветерот кој шепоти од Северозападна Анадолија.

За да не заборават

Софокле

и

Антигона...

 

                                                                                                                     Кенан Ишик

 

 

Од своето пристапување кон „Националниот театар“ во 1973 год, Исик работеше многу години како актер, режисер и драмски писател во оваа институција.

Беше назначен за Генерален уметнички директор на Општинскиот театар на Истанбул во 1996 год, а во 2000 год. се пензионира од  „Националниот театар“.

Тој направи истражувања за театарот во земји како САД, Германија и Полска. Учествуваше и како модератор и говорник на многу национални и интернационални конференции и состаноци. Напиша статии за „Култура и уметност“ во различни книги и предаваше на Универзитетот за култура во Истанбул од 2002 до 2005 г.

Уметникот кој придонесе со повеќе од 100 драми како драмски писател, режисер и  актер во неговата театарска кариера освоил и  многу престижни  награди.

 

Адаптација:  Кенан Ишик

Режија:  Кенан Ишик

Кореограф:  Елена Иванова

Светло:  Ундер Арик

Композитор:  Ајала Челик

Музички аранжман:  Чаџри Кодаманоџлу

Помошник режисер:  Али Сурмели

 

Улоги:                                                                            Хор:

 

Антигона:  Гузде Окур                                                        Серкан Сунгур

Исмена:  Селин Текман                                                   Онур Ертаман                                

Креонт:  Атила Олгач                                                          Бора Годри

Терезие:  Али Сурмели                                                     Ајабар Таштекин                                   

Хор 1:  Суна Селен                                                             Ајакут Испир

Хемон:  Бариш Баџи                                                          Омер Ментеше

Стражар:  Мурат Сари                                                       Кенан Дуран

Хор 2:  Таркан Коч                                                               Гулкан Бурку Деџирменки

Гласник:  Керем Гукчер                                                     Хенде Генчурнек

Евридика:  Туџче Шартекин Карасу                                Симел Кечекиоџлу

Слугинка: Фатма Инан                                                       Хилал Кувет

Стража 1:  Ејалем Сервер Унувар                                  Ебру Устунташ

Стража 2:  Гукхан Јилмаз                                                  Гузиде Арслан

Момчето:  Гукхан Мерт Јилма

16.07.2012

Центар за култура „ Григор Прличев “

22:30

БОРИС БРОВЦИН – виолина (Русија) АНАСТАСИЈА ВОЛТЧОК – пијано (Русија)

 

Победникот на Интернационалниот натпревар Тибор Варга, Борис Бровцин е еден од најзначајните претставници на руската виолинска школа. Настапувал со реномирани светски оркестри и на музички фестивали. Во 2001 година, Бровцин беше финалист на виолинскиот натпревар Queen Elizabeth во Белгија, а истата година стана добитник на наградата Ројтерс. Како солист работел со Сер Невил Маринер, Јури Башмет, Герд Албрехт, Марек Јановски, Нееме Јарви, Луи Лангре, Јан Паскал Тортелие, Гилберт Варга, Александар Лазарев, Владимир Федосеев и многу други уметници. Роден во 1977, Бровцин студира на Московскиот конзерваториум „Петар Илич Чајковски“. Во текот на студиите, станува лауреат на неколку интернационални натпревари. Во 2000 година за запишува на Guildhall School of Music and Drama во Лондон, а во 2004 година ја добива највисоката наградата на школата - Златниот медал. Броцвин свири на Jean-Baptiste Vauillaume виолина од 1862 година, која е сопственост на неговото семејство од 1930 година

 

Анастасија Волтчок е истакнат претставник на големата руска пијанистичка традиција. По своето оркестарско деби на осум годишна возраст под диригентско водство на Владимир Понкин, Анастасија Волтчок интензивно концертира низ Европа и САД. Неодамна таа настапи како солист со Валери Гергиев и оркестарот Киров при театарот Марински од Санкт Петербург. 

17.07.2012

Света Софија

21:00

ПИТАЧКА ОПЕРА Од Вацлав Хавел

 

 

 

„Питачка опера“ е познато театарско дело од славниот чешки писател, дисидент и прв претседател на демократска Чешка,Вацлав Хавел кој што во 1972 година  ја адаптирал во современи рамки приказната на Џон Гај од 18- от век. Текстот на Хавел е сатирична приказна за односите меѓу режимот и криминалците, корупцијата и криминалот кој ги руши сите идеолошки и статусни бариери, поради двостраниот материјален интерес и алчноста за материјална и статусна моќ.

Кога денес го читаме, тој текст изгледа дека има многу повеќе врска со времето во кое живееме ние сега, отколку со состојбите во комунистичките режими од седумдесеттите. Неверојатната актуелност  на Хавеловата „ Питачка опера“ можеби е тоа што најмногу фасцинира во овој текст.

„Питачка опера“ всушност го открива општеството како место за конфликт и соживот на различни криминални организации. Секоја од нив мисли дека е главна, а всушност многу вешто се  контролирани  и  насочувани од најсилната над нив - државата. Тоа е светот на полицијата, крадците и проститутките, односно светот на затворот, крчмите и борделите.

 

 Секој кажан збор е лага, а секое делување измама. Хавел го  испишува сето тоа со посебен манир, и  со нагласен салонски јазик. Тоа што проститутката и крадецот говорат како салонски интелектуалци е јасна метафора за деншните транзициски крадци кои не се тргаат од телевизиските екрани во различни улоги, од министри до лидери на граѓански здруженија. Флуидноста на сценскиот говор во кој вријат зборовите, во својот интензитет го откриваат криминалното и социјалното миље на претставата,отсликувајќи ја  денешницата. Денеска  на секој чекор ги гледаме обесхрабрените луѓе, без потреба за промена и побуна.

 

Дино Мустафиќ дипломирал режија на Академијата за сценски уметности во Сараево и  Општа литература на Филозофскиот факултет во Сараево.

Работел на голем број сцени во регионот и режирал престави по многу текстови.

Неговите претстави се изведени во сите театарски центри во Босна и Херцеговина и на сите регионални фестивали.

Претставата Хелверовата ноќ е неколку пати наградувана на меѓународни фестивали, со што е прогласена за најнаградувана претстава во историјата на „ Камерниот театар 55 “, со седумнаесет меѓународни признанија и награди.

Го снимил долгометражниот игран филм „Remake. На филмскиот фестивал во Ротердам 2003, „Remake според гласовите на публиката е избран за еден од петте најдобри филмови на овој фестивал. Филмот е прикажан на над 40 меѓународни фестивали во светот.

Автор е на повеќе документарни филмови од кои посебно се истакнуваат Писта на животот, Нека има светлина, Чудо во Босна.

Директор е на Меѓународниот театарски фестивал МЕСС во Сарево, најстариот театарски фестивал во регионот.

 

Режија: Дино Мустафиќ

Автор: Вацлав Хавел

Превод: Пиро Милкани

Асс. на режија: Асдрен Селими

Драматург: Жељка Удовичиќ Плештина

Сценограф: Драгутин Броз

Асс.сценограф: Енес Деари

Костимограф:  Благоја Мицевски

Композитор: Тримор Доми

Автор на текстот на песните: Џабир Ахмети

Кореограф: Ѓерѓ Превази

 

Соработници:

Лектура: Бардул Заими

Дизајн на пропаганден материјал: Нгадњим Мехмети

Стручен консултант: Борјан Јовановски

Боречки вештини: Ферат Крблиќи

18.07.2012

Центар за култура „ Григор Прличев“

21:00

КОНЦЕРТ НА МАКЕДОНСКА ФИЛХАРМОНИЈА

 

 

 

Македонската филхармонија е основана на 24. 11. 1944 и од тогаш, па се до денес останува единствен постојан репрезент на симфониското творештво на македонската концертна сцена. За време на повеќе децениското постоење, Македонската филхармонија е еден од главните носители на музичкиот живот во земјата и амбасадор на македонската уметност во светот, а одигрува  огромна улога во афирмирањето на македонските репродуктивни уметници, диригенти и промовирањето на современото македонско музичко творештво во земјата и странство. Покрај редовните концертни настапи во земјата, Македонската филхармонија има остварено гостувања во земјите на Јужна Америка, Белгија, Холандија, Швајцарија, Шпанија, Полска, поранешниот СССР, Романија, Бугарија, Турција, Италија, Србија, Црна Гора, Султанатот Оман и др. Со оркестарот диригирале голем број на странски и домашни диригенти и настапиле реномирани вокални и инструментaлни солисти.

Андреј Гугнин студира на конзерваториумот „П.И.Чајковски“ во Москва со Вера Горностаева, а на истата институција ги продолжува и своите постдипломски студии. Добитник е на повеќе награди на разни натпреварувања: „Младите музичари на Москва“ (1997), Меѓународниот фестивал за млади пијанисти во Москва (1998), победник на натпреварот „Новите имиња“ во Русија, добитник на наградата Гранд при на Првиот меѓународен натпревар за пијанисти во Саратов (2000), Прва награда на натпреварот Cittâ di Cantù во Италија, Втора награда и две специјални награди на Меѓународниот натпревар „Светислав Станчиќ“ во Хрватска и други. Од 2003 година тој е стипендијант на Фондацијата „Гузик“. Во 2007 година, Гугнин го издаде своето прво ЦД со двата клавирски концерти на Шостакович со Московскиот камерен оркестар  и Константин Орбелиан. Настапувал на најпрестижните концертни сцени во Русија, како и низ светот, свирејќи со Националниот московски симфониски оркестар, Московскиот камерен оркестар, Холандскиот национален оркестар, Симфонискиот оркестар на Банког, Хрватскиот радио симфониски оркестар и други. Критичарите најпозитивно се изразуваат за неговата брилијантна техничка моќ, музичка сензитивност и драматична интерпретација. 

 

 

Штефан Фраас  студира пијано, вокално, оркестарско и хорско диригирање на музичкиот конзерваториум „Карл Марија фон Вебер“ во Дрезден и на конзерваториумот „Франц Лист“ во Вајмар. Постигнува успех на повеќе државни и меѓународни натпревари на кои се стекнува со многубројни награди. Неговата уметничка кариера започнува како Kapellmeister на Vogtland Orchestra Reichenbach, а потоа како диригент и уметнички раководител на Vogtland Philharmonie, како и шеф диригент на Камерниот оркестар Фолкванг од Есен. Реализирал успешни концерти во Европа, Израел, Кина, Мексико, САД. Во 1999 година станува почесен диригент на Кинескиот радио симфониски оркестар. Како гостин диригент настапувал на повеќе светски фестивали, а одржувал и семинари и мајсторски курсеви за млади диригенти. Во 2008 година, Фраас беше назначен за шеф диригент на еден од оркестрите со најбогата традиција во Германија – Камерниот оркестар Kurpfaelzisches од Манхајм. 

19.07.2012

Света Софија

21:00

1 2 3 19