Настан

АНСАМБЛ ДОРИКО

 

Даниела Нуцоли- мецосопран/виолина

Клодиана Бабо- барокна виолина

Франческо Алесандро де Феличе-виолончело

Џованимариа Перучи-чембало

Раул Хернандез – тенор

 

Ансамблот „Дорико“ е група на музичари која настапува на барокни инструменти почитувајќи ги историските практики на интерпретација. Членовите на овој состав свиреле во некои од најзначајните оркестри посветени на стара музика како: „Џардино Армонико“, „Еуропа Галанте“, „Талент Лирик“, „Академија Бизантина“ и се посветени на популаризација на ваков тип на музика како и на откривања на дела од овој репертоар. Настапувале на голем број интернационални и национални фестивали.

 

Даниела Нуцоли- мецо сопран и виолина

Даниела Нуцоли е уникатен музичар со две специјалности. Магистрира виолина на Конзерваториумот во Верона, и соло пеење (специјалност ораториум и соло песна) на Конзерваториумот „Л.Кампјани“ во Мантова. Се усовршува во областа на соло песната на Академијата во Болоња, а репертоарот на германски соло песни го гради со професори и пејачи во Германија и Австрија. Нејзината кариера како оперска пејачка ја води на некои од најзначајните оперски сцени како: Фестивалот „Пучини“ во Торе дел Лаго, театрите во Салцбург, Болоња, Верона и Милано. На турнеја настапува во Кина и во САД заедно со истакнати солисти меѓу кои Лука Писарони, Грегори Кунде и Раул Хернандез под диригентската палка на Даниеле Ферари, Чарлс Оливиери Мунро, Енрике Мацола, Андреа Солинас и многу други. Нејзиниот репертоар ги содржи делата од барокот (Ифигенија на Таурида за Француското радио), но и оперски дела од Моцарт, Верди и Пучини. Како концертен изведувач настапува на значајни национални и интернационални фестивали како: Фестивалот во Равена,  фестивалот за камерна музика „Верди“ во Милано, Академијата за уметности во Барселона, „Опера под ѕвездите“ во Палм Спрингс и др. Во Франција настапува со рецитали  со програма посветена на Италијанската музика на 20 век придружувана од Камерниот оркестар од Тулуз под диригенство на Жил Колиар.

Нуцоли има снимено повеќе ЦД-а за италијанската издавачка куќа „Тактус“ меѓу кои светската премиерна снимка на Оферториумите за глас и оргули од Џузепе Џордани, ЦД со Камерни романси од Џузепе Верди, а како пејач и виолинист го снима двојното ЦД на Духовни дела од италијанскиот композитор Пелегрино Сантучи, како и ЦД со композиции за виолина, глас и харфа од Џузепе Милико и ЦД за глас и оргули со Духовни дела од мајсторите на Лорето од 18 и 19 век. Во јуни оваа година Јапонската издавачка куќа „Да Винчи“ издаде ЦД со соло песни од Фернандо Обрадорс за соло глас и пијано форте.

Како виолинист, специјализира барокна виолина со Енрико Гати во Милано, со М. Крамер на Интернационалните семинари во Андора, но и со Енрико Онофри, Елизабет Валфиш на Конзерваториумот во Хаг. Член е на Европскиот барокен оркестар, а како солист и камерен музичар настапува во Италија и надвор од неа со некои од најзначајните ансамбли и диригенти кои специјализираат барокна музика. Како концерт-мајстор на ансамблот „Нова Музика“ настапува со Чечилија Бартоли во некои од најпознатите светски концертни сали. Соработува и со Филип Јаруски и снима за повеќе издавачки куќи: Дека, Дојче Грамофон, Хармонија Мунди, Наив, Динамик, Еми-Вирџин и Тактус.  Даниела Нуцоли е основач и диригент на ансамблот „Дорико“ со кој настапува и како виолинист и како вокален солист.

 

Клодиана Бабо- барокна виолина

Клодиана Бабо започнува да учи виолина на шест годишна возраст во Тирана, каде се здобива со диплома на 18 годишна возраст. Започнува да студира на Универзитетот за уметности во Тирана, пред да продолжи со студиите на конзерваториумот „Џ. Росини“ во Пезаро, таму дипломира со највисоки оценки и е наградена од Фондацијата „Росини“ како еден од најдобрите студенти. Докторира  барокна виолина на конзерваториумот „Б. Мадерна“ во Чесена под менторство на Маестро Лука Џардини и е комплетно посветена на барокниот репертоар. Како солист или втора виолина настапува со некои од најистакнатите барокни ансамбли на денешницата, а концертира во престижни концертни сали и на фестивали за стара музика: „Оудер музик“ фестивал во Утрехт, „Концентус Моравиае“  во Брно, Фестивалот за стара музика во Инсбрук и многу други. Снимените материјали ги објавуваат повеќе издавачки куќи: „Глоса“, „Клавис“ и „Тактус“. Клодиана Бабо е посветена и на дидактичките методи за виолина и долги години се занимава со педагогија и изучување на техничко-дидактичките прашања поврзани со изведбата на барокна виолина.

 

Франческо Алесандро де Феличе-виолончело

Франческо Алесандро де Феличе студирал на конзерваториумот „Џ. Росини“ со С. Амадори. В. Ди Стефано и М. Ванги, а потоа со почести дипломирал на Конзерваториумот „Б. Мадерна“ во Чесена. Учествувал во оркестарскиот образовен курс во Пескара поддржан од Европската заедница, и со овој оркестар имал активна сесија како водач на секцијата виолончела. Соработувал со солистите: Масимо Кварта, Енрико Диндо, Ренато Брузон и др, а продолжува да се усовршува со Луиџи Пјовано добивајќи квалификација за оркестарски музичар во 2005 година. Веќе од 2006 станува водач на виолончелата на Симфонискиот оркестар во Пезаро таму соработува со исклучителни солисти и диригенти како: Зубин Мехта, Михаел Лауд, Даниеле Аигман во Италија, Јапонија, Кина, Малта и др. Негува особен интерес кон камерната музика и од 2010 е челист на триото „Дмитриј“, а од 2010-2012 студира камерна музика со Триото „Трст“ на интернационалната школа за камерна музика во Дуино. Дипломира камерна музика на Академијата „Санта Чечилија“ во класата на Карло Фабијано. Редовно одржува мајсторски курсеви за виолончело и камерна музика на Конзерваториумот „Ф. Гуереро“ во Севилја (Шпанија).

 

Џованимариа Перучи-чембало

Џованимариа Перучи ги завршува студиите по оргули, чембало, композиција и хорско диригирање на Конзерваториумот „Џоакино Росини“ во Пезаро. Продолжува да студира во Франција со Гзавије Дарас на конзерваториумот во Лион (оргули) и со Јан Вилем Јансен на Конзерваториумот во Тулуз (чембало) таму дипломира со највисоки оценки освојувајќи повеќе стипендии и учествувајќи на бројни семинари низ цела Европа. Како солист, но и како член на различни ансамбли, Перучи често настапува на фестивали и концерти низ Европа и Јапонија. Има направено повеќе снимки за радио и ЦД, а посветен е на реставрирањето и конзервацијата на стари оргули. Покрај таа практика, пишува текстови за историските инструменти, а предава теорија и музичка анализа во музичкото училиште во Пезаро и оргули на Институтот за стара музика во Фано.

 

Раул Хернандез-тенор

Гласот со неверојатна лирска убавина го прави мексиканскиот тенор Раул Хернандез еден од најталентираните интерпретатори на бел-канто репертоарот. Неодамна дебитира во театарот „Лицеу“ во Барселона како Војводата од Мантова во „Риголето“ и во операта „Метрополитен“ во Њујорк како Дон Отавио во „Дон Џовани“. Неговите изведби на главните тенорски улоги го водат во повеќе оперски куќи во САД, Канада, Европа, Мексико и Јапонија меѓу кои Њујорк Сити опера, операта во Сиетл, Театарот во Мадрид, Бољшој во Москва, Театарот „Белес Артес“ во Мексико Сити, оперите во Цирих, Минхен и многу други. Настапува во продукцијата на „Беатриче од Тенда“ од Белини во операта во Цирих наспроти Едита Груберова, и на турнеја во Минхен, Штутгарт, Дортмунд и Дрезден.

Раул Хернандез лесно се приспособува и на концертната сцена, настапувајќи како солист во Моцартовиот „Реквием“ и „Миса Бревис“, во „Месија“ од Хендл,  „Стабат Матер“ од Росини, Бетовеновата Симфонија бр. 9, „Реквием“ од Верди, „Кармина Бурана“ и „Катули Кармина“ од Карл Орф и др. Како  солист на рецитали особено се признати неговите емотивни интерпретации на музиката на латино –американските композитори. Во 2015 издавачката куќа „Тактус“ издаде монографско ЦД со песни од Верди, а во 2017 година двојно ЦД со дела од италијанскиот композитор Пелегрино Сантучи. Хернандез предавал пеење во Адрија (Италија), а моментно е професор на Конзерваториумот за музика „Фаусто Торефранка“ во Вибо Валентиа во Италија.

SHARE