Настан

Влатко Стефановски-гитара; Мирослав Тадиќ-гитара

Влатко Стефановски

Влатко Стефановски е македонски рокпоп и џез музичар, основач на „Влатко Стефановски Трио“, и еден од основачите на групата „Леб и сол“. На почетокот на 1976 година Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушески и Димитар Чучуровски ја оформиле групата „Леб и сол“ во која Стефановски бил гитарист, пејач, композитор и текстописец. За време на дваесетгодишното постоење, групата „Леб и сол“ снимила 12 албуми, една двојна компилација, и музика за различни намени: филмски и театарски претстави, како и телевизиски серии.

Првите соло-настапи на Стефановски започнале во почетокот на 1990-те, а заедно со Бодан Арсовски во 1990 година го издаваат првиот македонски компакт-диск, со музика за рок-балетот „Зодијак“. Во 1994 година, Стефановски го снима својот прв самостоен албум „Каубои и индијанци“, додека сè уште бил член на „Леб и сол“.

Проект на Стефановски, „Сараево“ е работен во 1993 година, за потребите на претставата на Горан Стефановски, прикажана во театарот во Антверпен, во режија на Слободан Унковски. Во текот на 1996 година Стефановски интензивно работи на музиката за филмот „Џипси меџик“, во режија на Столе Попов, а носечката тема од овој проект, „Џипси сонг“, за кратко време станува голем хит на Балканот.

По иницијатива на првиот човек на американско-јапонска дискографска фирма „МА Рекордингс“, Тод Гарфинкел, во 1997 година, во Крушево, во просторот на меморијалниот музеј, заедно со американскиот гитарист од српско потекло Мирослав Тадиќ, Стефановски го снима албумот „Крушево“, со традиционални македонски песни, во акустичен аранжман.

Во текот на својата долга музичка кариера Влатко Стефановски добил повеќе награди, како: Естрадната награда на Југославија, наградата (за животно дело) Трајни вредности во Македонија, наградата на  Стериино позорје, за музиката во претставата „Ослободување на Скопје,“ три награди „Златен грамофон“ на фестивалот „Месам ’87“, повелба на градот Чикаго, Наградата „11 Октомври“.

 

Мирослав Тадиќ

Мирослав Тадиќ е гитарист виртуоз и професор на престижниот универзитет „Кал Артс“ во САД, но на овие простори е без сомнение најпознат како втората половина од дуетот со гитаристот Влатко Стефановски. Со годините, ова дуо, чиј репертоар се состои од македонски народни песни и ора, се прошири во трио, со придружувањето на бугарскиот кавалџија Теодосиј Спасов. На почетокот од оваа година триото беше на турнеја со оркестри, со кои настапуваа во престижни концертни сали во Монте Карло, Лајпциг и Лондон. Овој проект, кој својата премиера ја имаше на Скопскиот џез-фестивал во 1997 година, годинава се врати на сцената на фестивалот, на кој настапи со Македонскиот филхармониски оркестар под водство на диригентот Кристијан Јарви.

Еден од најпознатите проекти на дуото Стефановски-Тадиќ е секако албумот „Крушево„ снимен пред две децении.

SHARE