Настан

Денис Шаповалов – виолончело Александер Вершинин – пијано

 

ДЕНИС ШАПОВАЛОВ-виолончело

За Денис Шаповалов познатиот Мстислав Ростропович  ќе рече: „Брилијантен талент! Треба да биде горд на својот талент“. Она што го издвојува Шаповалов од останатите надарени виолончелисти во светот е неговото комплексно продирање во суштината на делата кои ги изведува, неверојатната техника и исклучителна експресивност. Сето ова било препознаено на XI Интернационален натпревар „П.И. Чајковски“ во 1998 година кога му е доделена прва награда и златен медал со едногласна одлука од жири комисијата. По оваа победа бил поканет да учествува на третиот светски конгрес на виолончелисти во САД во Балтимор во 2000 година каде го има неговото американско деби. Истата година ги завршува пост-дипломските студии на Московскиот Државен конзерваториум во класата на Наталија Шаховскаја по што станува дел од професорскиот кадар и 11 години предава на оваа престижна музичка институција. Шаповалов бил постојано прв избор на Маестро Ростропович како солист при настапите со оркестар и тоа во Русија, Велика Британија, САД, како и на неговите фестивали во Азербејџан и Франција. Во чест на 75-от роденден на Ростропович, Шаповалов учествува на концертите во Лондон и Њујорк заедно со прославените Максим Венгеров, Евгениј Кисин, Марта Аргерич, Јуриј Башмет.

Настапува на значајни интернационални фестивали во Русија, Франција, Италија, Германија, Австрија, САД, Јапонија и Кина, а соработува и со истакнати оркестри како Симфонискиот оркестар „Чајковски“, Симфонискиот оркестар во Санкт Петербург, камерните оркестри „Московски виртуози“ и „Московски солисти“, оркестарот на Баварското радио, Холандската филхармонија, Лондонскиот симфониски оркестар, Лондонската филхармонија, оркестрите во Балтимор, Токио, Братислава, Макао и др. Настапува под диригентските палки на Лорин Мазел, Јука – Пека Сарасте, Владмир Федосејев, Јутака Садо, Јоел Лев, Ендрју Литон, Владимир Спиваков, Јуриј Башмет, Валери Полјански, Томас Сандерлинг, Џанандреа Нозеда и многу други.

Покрај како солист, Денис Шаповалов, гради кариера и настапува и како диригент, одржува мајсторски курсеви и компонира. Неговите дела се одлично примени од критиката и публиката.

 

Александер Вершинин-пијано

Рускиот пијанист Александер Вершинин е роден во 1965 година во Москва. Дипломира и магистрира со почести на Московскиот конзерваториум по што му е доделено професорско место. Веќе 25 години тој предава не само на овој конзерватиориум туку од 2009 година има своја класа на Универзитетот Сакујо во Јапонија. Како млад пијанист добитник е на неколку значајни награди и признанија- лауреат е (Втора награда) на Првиот интернационален натпревар во спомен на Владимир Хоровиц, а на истиот му е доделена и специјалната награда за најдобра интерпретација на дело од руски автор. Добитник е и на диплома од XI-от натрпревар „Џина Бахауер“ во Солт Лејк Сити.

Репертоарот на Вершинин вклучува музика од различни жанрови, од класични дела се до џез импровизации. Особено внимание посветува на опусот на Александар Скрјабин,неговите последни дела, пет сонати и делницата за пијано од симфониската поема „Прометеј“. Од 2001 година Вершинин е член на Фондацијата „Скрјабин“. Со педагогијата како негов примарен повик, Вершинин одржува мајсторски курсеви во Русија и надвор од неа, но успешно ги комбинира со неговите настапи на интернационални фестивали и турнеи во Франција, Германија, Јапонија, САД, Јужна Кореја и др. Тој е основач и уметнички директор на различни проекти меѓу кои крос-овер фјужн проекстот „Индија во Сино“,  „Класика и џез“,  како и серијата класични концерти со наслов „Историски концерти“.  Неоговото авторско дела „Свита Бајки“ за соло глас, саксофон, џез пијано трио и гудачки оркестар се здобива со одличен прием кај публиката но и кај стручната музичка јавност во Русија.

SHARE