Настан

„Идентитети- историја на еден растегнат сон“ Јубилеј на Рисима Рисимкин – 30 години кореографско творештво Скопје танцов театар

Предворје на црква Св.Софија

18.08.2020

21:00 ч.

Продажба на билети

„Идентитети-историја на еден растегнат сон“

 

Движам, дали ова тело греши?

Чекај, слушам музика.

Ах! Тоа  природата плаче“

 

Рисима Рисимкин

 

Кореографија и режија: Рисима Рисимкин

Музика: Тони Китановски

Костими: Благој Мицевски

Дизајн на сцена: Матеа Мијановиќ

 

Рисима Рисимкин-кореограф

 

Рисима Рисимкин  е еднa од водечките македонски кореографки и уметничка директорка на „Танц фест“ Скопје и „Скопје танцовиот театар“, првата официјална компанија за современ танц во Северна Македонија. Д-р Рисимкин е редовен професор на Катедрата за современ танц при Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Магистрира на Универзитетот во Пловдив, Бугарија на Академијата за Музичка и танцова уметност (АМТИ) на отсек за кореографија, балетска режија и педагогија, со звање балет-мајстор, a докторира на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје .

Рисимкин е основач на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, која произлегува од нејзината соработка со една од најдобрите светски академии за современ танц – Ротердамската академија за современ танц, дел од универзитетот КОДАРТС во Холандија. Оваа високо-образовна програма започнува со работа во земјава во 2010 година, а од 2017 година е во рамките на УГД, како единствена академија за создавање на современи танчери, не само во нашата земја туку и во целиот регион.

Како професор за современ танц, импровизација и композиција и кореографија, Рисимкин предава на Универзитетот „Антон Брукнер“ од Линц, Австрија (2019), Универзитетот „Минзу“ и Пекингшката академија за современ танц во Пекинг, Кина. Академијата за изведувачки уметности во Братислава, „Holland Dance Festival“, Хаг, Холандија (2018) и на Бродвеј, Њујорк (2018), предава на Летениот камп за современ танц во Кина во 2015  и во 2016 година.

Рисимкин е автор на повеќе трудови за современиот танц и теорија на танцот:  „Компаративна поетика на современите танцови стилови во Европа – 20 век“ , докторски труд „Историја на современиот танц – 20 век“, „Теорија на танцот“. Таа е уредник на повеќе книги за танц, како: „Волшебниот свет на танцот“, „На крилјата на танцот“, „Патот на промените“, „Скопје танцова академија“, „Нов танцов театар“ а преку Интерарт центарот, се јавува како издавач на книгата поддржана од УНЕСКО „Уметноста на танцот“.

Во периодот од 2005 – 2013 година, Рисимкин е член на Управниот одбор на ЦИД УНЕСКО (Интернационален совет за танц, под покровителство на УНЕСКО) во Париз, Франција, во два последователни мандата. Во сезоната 2012-2103 г.  Рисимкин е уметнички директор на Националниот балет на Анталија, Турција.

Основач е на Интерарткултурниот центар (1996) преку чии активности ја развива македонската современа танцова сцена. Се вбројуваме меѓу најплодните современи македонски кореографи, како авангарден претставник во современото творење. Ја претставува активно Северна Македонија на меѓународната современа танцова сцена со свои претстави, за кои добива одлични критики. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и Награда за исклучителен придонес за развој на културата во Република Северна Македонија.

Рисима Рисимкин ја претставува Северна Македонија како кореограф во: Данска, Германија, Грција, Португалија, Нигерија, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Велика Британија, Холандија, Кина, Словенија и САД. Претставата „Идентитети“ која ја подготви со Скопје танцовиот театар, а која беше  изведена во рамките на Јубилејот 15 години на „Танц фест“ 2019, е поканета да гостува во еден од најпрестижните светски театари за современ танц, Националниот театар „Шајо“ во Париз, Франција, што ќе претставува прво гостување на современ кореограф, не само од нашава земја, туку и од целиот регион.

 

 

Скопје танцов театар“

 

Основан во 2011 г. „Скопје танцoв театар“ е првата компанија за современ танц во Македонија, предводена од Рисима Рисимкин, како основач и уметнички директор. Компанијата во континуитет, активно работи на создавање, промоција и презентација на современа танцова уметност кај нас, како и нејзин пласман на светската танцова сцена. Работата на овој театар промовира нова естетика кај нас и се бави со истражување и продукција во областа на современиот танц.

„Скопје танцов театар“ има повеќе целовечерни продукции зад себе: „Меѓусвет“, „Орландо“,  „Човек во ходникот“, „ХОТ“, „Потрага“, серијата претстави под име: „ИМПУЛС“, потоа „О!(тело), „СМС (сите мои слики), „Блесок“; „Патот“, „Кожа“, „Нулта точка“, „Д.О.Л.“, „Егзистирање“, како и повеќе кратки кореографии.

Во неговиот репертоар, покрај делата на Рисима Рисимкин, се изведуваат дела на короеграфите: Џенис Бренар и Шон Скантелбјури, Џоан ван дер Маст, Нил Вердрун и Тим Персент, Катцура Кан, Антон Рудаков, Антонело Тудиско, а учествуваат и голем број професори – гости од странство.

„Скопје танцов театар“ има остварено повеќе гостувања, низ Северна Македонија, како и во странство, и тоа во: Хрватска на Интернационалниот фестивал за современ танц и невербален театар, Санвинченто, (2011); Саем за танц, Дизелдроф и Културбункер во Келн, Германија (2012); ИТС фестивалот во Амстердам, Холандија, (2013); „Meet in Beijing”, интернационален фестивал во Пекинг, Кина, „Open stage program“ во Хаг и Ротердам, Холандија (2015), „Share”фестивалот, во Братислава, Словачка (2017) и на „Културната сезона“ во Кина на фестивалот „Maritime Silkroad Festival“. На 9 и 10 февруари 2018 година, „Скопје танцов театар“ гостуваше со претставата „КОЖА“ на најзначајниот фестивал за танц во Европа, „Holland Dance Festival“, а на 17 август 2018 година, го затвори 37 издание на фестивалот „Battery Dance Festival“ во Њујорк. Во октомври 2018 година „Скопје танцов театар“ настапи на Фестивалот за танц на Пекингшката академија за танц со проектот „Егзистирање“.

Во 2020 година „Скопје танцов театар“ има покана да гостува на Интернационалниот Саем за танц во Дизелдорф и на Интернационалниот фестивал за современ танц во Пекинг. Во 2021 г. „Скопје танц театар“ има покана да гостува во Националниот театар „Шајо“ во Париз, Франција, еден од најдобрите светски театри за современ танц.

 

 

„…..Убавината секогаш изгледа невино, иако  најмногу гревови носи…“

Петре М. Андреевски

 

Гледам дали, дали препознавам?

Движам, дали ова тело греши?

Чекај, слушам музика.

Ах! Тоа природата плаче“

Рисима Рисимкин

 

 

Кореографија и режија: Рисима Рисимкин

Музика: Тони Китановски

Костими: Благој Мицевски

Дизајн на сцена: Матеа Мијановиќ

 

Улоги:

 

Фатална жена: Андријана Данчевска

Божица: Мими Поп-Алексова, к.г.

Лебед: Анастасија Данчевска

Мистик: Дејан Битровски

Човекот: Валентино Апостоловски

(Анти) Херој: Бобан Русески

Bombshell: Исидора Краљевска

 

SHARE