Настан

Концерт за две пијана, Хајди Елзесер, Северна Македонија, Ненад Лечиќ, Србија

Црква Св.Софија

14.08.2021

21:00 ч.

Продажба на билети

Хајди Елзесер-пијано

 

Хајди Елзесер настапува како солист и камерен музичар во концертни сали ширум светот, меѓу кои во салата „Гаво“ во Париз, „Тонхале“ во Дизелдорф, „Еткер Хале“ во Билефелд, познатата концертна сала на „Резиденсиа де Естудиантес“ во Мадрид и др. Редовно настапува на бројни фестивали низ цела Европа како и во С. Македонија,

Кина и САД. Нејзиниот репертоар е исклучително еклектичен и многустран – од

раниот барок, па сѐ до современите дела на 21от век, вклучувајки и бројни светски

премиерни изведби на композитори со кои редовно соработува, како што се: Б. Шуман, В. Глобокар, Ј. Андреевска, М. Апелбаум, А. Пејовски, М. Трандафиловски, Х.Ј. Винклер, М.К.Редел, К. Делиниколов, Г. Сантандер, П. Шахов, В. Николов, К. Џерет и други.

Хајди Елзесер е основач на квартетот за две пијана и два перкусионисти „ Artwork Ensemble“ кој ја негува современата музика, а таа е член на повеќе ансамбли за современа музика како што се „ Ensemble Horizonte“, „Earquaqe Ensemble“ и други. Покрај нејзината активна концертна дејност како солист и камерен музичар, Елзесер настапува со оркестарот на Ландестеатер Детмолд, како и со сите македонски оркестри под водство на: Саша Николовски-Ѓумар, Тадеуш Козловски, Ангел Шурев, Александар Лековски, Фимчо Муратовски, Томас Херцог, Карлхајнц Блемеке и други.

Таа има издадено свој соло компакт диск со дела на Брамс и Шуберт, а учествува и во повеќе продукции на компакт дискови со камерна музика во Германија. Од 2011 година Хајди Елзесер и нејзиниот ансамбл за современа музика се почесни членови на Фондацијата  „Томислав Зографски“.

Хајди Елзесер е родена во Скопје, Р. Северна Македонија. Дипломира на ФМУ во класата на Стела Слејанска, ги продолжува студиите на Екол Нормал де Музик во Париз каде се здобива со повеќе дипломи, како и на Европскиот Конзерваториум исто така во Париз, Франција. Во овој период нејзин најзначаен професор е Теодор Параскивеско. Круна на нејзините студии се „Концертегзамен“ студиите на факултетот за музика во Детмолд, Германија кои ги завршува со голем успех во класата на Проф. Жан-Ефлам Бавузе. Хајди Елзесер предава на Факултетот за музика во Детмолд, држи национални и интернационални мастер класи, а нејзините ученици и студенти се добитници на награди на повеќе натпревари во Германија.

 

Ненад Лечиќ-пијано

 

Ненад Лечиќ е роден во Чачак, Србија. Уште многу рано доаѓа до израз неговиот голем и невообичаен талент за музика. Уште од мал е добитник на бројни национални и интернационални награди. Од 11-годишна возраст тој редовно држи рецитали и настапува како солист со оркестри. Во 1991 година ја добива специјалната награда  „Млад Европски топ талент“  од страна на познатата италијанска ТВ РАИ. На 13 годишна возраст се запишал на факултетот за музичка уметност во Белград, во класата на Игор Ласло, за набрзо потоа да ги продолжи студиите во класата на Арбо Валдма на факултетот за музика и театар во Келн, каде што на многу рана возраст дипломира и завршува низа од постдипломски студии со највисок успех.

Лечиќ настапува како солист и камерен музичар во Келнската Филхармонија, Штефанизаал во Грац, Музикгебау – Амстердам, како и на многу видни фестивали како што се: Клавирскиот фестивал во Рур, фестивалите во Алдебург и „Кингс Плејс“ во Лондон на други  ширум Европа, но и на далечниот Исток во Кореја и Јапонија. Критиката  го оценува како музичар со „беспрекорна изведба на инспирирано и врвно музицирање“. Како солист со оркестар настапува со Бамбершките Симфоничари, Европскиот Камерен Оркестар, Оркестарот „Филхармонија“ во Лондон и Белградската филхармонија под диригентските палки на: Џонатан Нот, Денис Расел Дејвис и Младен Јагушт. Како камерен музичар тој настапува заедно со: Пјер-Лоран Еимар, Кристоф Рихтер, Ксенија Јанковиќ, Ралф Мано, Гвидо Шифен, Тамара Стефановиќ, Хајди Елзесер и Катарина Десерно.

Од 2004 предава на факултетот за музика во Келн, а од 2007 е член на Artwork Ensemble. Има снимено 4 компакт дискови со соло и камерен репертоар.

SHARE