Настан

„ЛИБЕРТАНГО“

Музика: Астор Пјацола
Кореограф: Сабрина Боско (Италија)
Режисер и либретист: Наташа Поплавска
Сценограф и костимограф: Александар Ношпал
Асистенти на кореографот: Горан Божинов и Олга Панго
Асистент на сценограф: Михајло Стојановски
Асистент на костимограф: Андреј Георгиевски
Репетитор: Билјана Пашариковска
Дизајн: Емил Петров

 

НАСТАПУВААТ:

Асунта Манети (мајка на Пијацола): Александра Мијалкова

Висенте „Нонино“ Пијацола (татко на Пијацола): Васил Чичијашвили (Грузија)

Мариа Ниевес (танго танчарка): Марија Кичевска Шокаровска

Хуан Карлос Копен (танго танчар): Игор Веланоски

Карменита Калдертон (последната жена на Пијацола): Наташа Јосифовска

Деде Волф (првата жена на Пијацола): Саша Евтимова

 

ЛИБЕРТАНГО нè води низ приказна која ни го покажува создавањето и патот на тангото. Уличен танц што го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето… На почетокот на минатиот век во Аргентина често има прилив на емигранти од Европа, а најмногу од нив биле Италијанци и Шпанци. Аргентина е новата ветена земја, земја што им давала надеж на сиромашните Италијанци, емигранти кои во почетокот на 20 век тргнале да бараат подобар живот. Оваа приказна ни го покажува патот на италијанското семејство Пјацола. Висенте и Асунта, родителите на познатиот композитор Астор Пјацола, кои ја доживуваат Аргентина како земја на нивната иднина. Мајката на Астор, Асунта Пјацола е пријателка со познатата италијанска танчарка Каменсита Кармен Калдерон која е една од првите танго-танчарки во Аргентина. Таа е исто така италијанска емигрантка која го развива тангото заедно со другите танчари. Пренесувајќи ги танго-чекорите на Асунта и Висенте Пјацола, тие заедно го развиваат овој танц. Истовремено во Аргентина на улиците се игра и танцот на италијанските емигранти. Низ тешкиот живот на емигрантите во Аргентина гледаме како Астор со својот мал банденеон, уште како дете почнува да ужива во танго-нотите, во џез-музиката како и во класичната музика. Растејќи по улиците на Буенос Аирес, поддржан од родителите, сè повеќе се вљубува во музиката. Со неговата музика тој ја привлекува и својата прва љубов, Деде Вулф со којашто подоцна се жени. Тој и натаму инспириран од танцот што го играат и мајка му Асунта и нејзината пријателка Калдерон, а воден од страста и љубовта кон Деде создава музика со силни емоции. Тангото долго време му е инспирација на младиот Пјацола. Низ приказната на неговите родители, љубовта кон жената и страста кон танцот и музиката, Астор расте, а со него расте и тангото насекаде низ светот. Понесен од играта и од страста на младата танчарка Марија, таткото на Астор почнува да танцува пред публика заедно со Марија Нивес во „Кафе бар – Буенос Аирес“. Во овој најпознат кафе бар во Буенос Аирес за прв пат ќе се спојат неколку различни танго-играчи: Висенте, Карлос, Калдерон, Асунта и Мариjа, а со нив ќе почнат да танцуваат и останатите танчари. Новосоздадената авторска музика, исполнета со страст и љубов, се распостила по сиот свет. ЛИБЕРТАНГО на големиот Астор Пјацола, кој се раѓа токму во Буенос Аирес, каде што живее и твори музика, отвора нов правец на тангото наречен ново танго (Tango Nuevo). Со креативниот подем на овој редок и светски познат композитор со нови звуци се преплавуваат светската музичка и танцова сцена, а тангото го задржува своето високо значајно место. Музиката на Пјацола ги спојува џезот, класиката и музиката на трите народи: Италија, Шпанија и Аргентина. Живеејќи меѓу улицата, клубот, музиката и танцот, класиката, џезот, универзитетот и талентот, помеѓу Буенос Аирес и Париз, Астор Пјацола ја создава една од најубавите танго-композиции на 20 век, ЛИБЕРТАНГО.

 

70 ГОДИНИ БАЛЕТ

(1949-2019)

 

Балетската уметност како најмлада сценска уметност  опстојува на македонските простори  веќе 70 години. Денеска со посебен респект може да се осврнеме кон оваа гранка на уметноста која пред сѐ  ги асимилира  европските достигнувања во овој театарски жанр и која на основа на тие цивилизациски достигнувања ја создава својата автохтона балетска традиција.

Историските почетоци на кои што почива денешното балетско творештво се нераскинливо поврзани со заложбата   на генерациите балетски играчи, педагози, репетитори, кореографи во афирмирањето на балетската уметност во Македонија  и надвор од неа и создавањето на балетската традиција.

Балетот е жива уметничка форма и всушност силата на традицијата е во нејзиниот развиток. Благодарение на создадената традиција од претходните генерации, балетски дејци, ние денеска можеме да  го продолжиме  исконското верување и респект  што го носиме во себе кон македонскиот  балетски театар и одржувајќи ја класичната балетска традиција да се вивнеме во новиот јазик на модерниот балет.

SHARE