Настан

НАЦИОНАЛНА ОПЕРА И БАЛЕТ

Црква Св.Софија

15.07.2019

21:00 ч.

Продажба на билети

 

Националната Опера и Балет опстојува во континуитет веќе 72 години. Основана е во 1947 година во рамките на тогашниот Македонски народен театар, кој сѐ  до 2004 г. имаше три ансамбли: драма, опера и балет. Со акт на Владата на Република Македонија, официјализирана е како самостојна Национална установа во 2004г. со назив: Национална установа „Македонска опера и балет“, а од минатата година преименувана во Национална установа, „Национална Опера и Балет“, со седиште во Скопје.

Своите почетоци ги реализира со тогашните расположиви професионални кадри, надополнети преку аудиции со членови од аматерските оркестарски и хорски ансамбли.

Со доаѓањето на светски познатиот диригент Ловро Матачиќ, започнува подемот на операта. Се комплетираат оркестарот, хорот и солистичката екипа и почнува да се реализира разновидна репертоарска политика, со назнака на т.н. „железен репертоар“.

Овие услови овозможуваат развој и квалитет на ансамблот, што од друга страна придонесува за можност од претставување на истиот и надвор од границите на Македонија, во сите тогашни центри на поранешна Југославија (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад), исто така и во странство: Лоѓ (Полска), Нирнберг (Германија), Стразбур (Франција), Букурешт (Романија), Софија (Бугарија), Тирана (Албанија) и др.

Растот и развојот на Националната опера и балет придонесуваат за поголем интерес и посетеност од страна на публиката, што било потстрек во 1972 година да се востанови фестивалот „Мајски оперски вечери“. Овој фестивал е еден од ретките оперски фестивали во Европа. Годинава тој се одржа по 47. пат, што навистина претставува бројка за почит. На фестивалот, но и во тековниот репертоар на куќата, гостувале врвни оперски уметници од целиот свет.

На фестивалот „Охридско лето“ редовни гости се солистите, диригентите и ансамблите на нашата опера и балет. Впрочем, првиот настан на „Охридско лето“ на 4 август во далечната 1961 год. е солистичкиот концерт на нашата Примадона Aна Липша – Тофовиќ – мецосопран.Тој податок кажува доволно за посветеноста и респектот што ансамблите на „Националната Опера и Балет“ го имаат кон фестивалот „Охридско лето“.

SHARE