Настан

Ѓорги Цинциевски, контрабас, Марија Вршкова, пијано, Северна Македонија

Црква Св.Софија

10.08.2021

21:00 ч.

Продажба на билети

Ѓорги Цинциевски-контрабас

 

Роден во Скопје, Ѓорги Цинциевски ги завршува студиите на Кралскиот колеџ за музика во Манчестер. Таму дипломира и магистрира во класата на проф. Јиржи Худец и е назначен за негов асистент. Цинциевски е прв помлад асистент во класата за контрабас на овој факултет.

Соработува со некои од водечките музичари на денешницата како: Валери Гергиев, Бернард Хаитинк, Курт Мазур, Фабио Луизи, Сер Марк Елдер, Даглас Бојд и многу други, а свирел и во престижните оркестри: Филхармонијата на Би Би Си, оркестарот „Хале“, Филхармонијата во Малме, Радио-симфонискиот оркестар во Виена, Лондонските „Моцарт плејерс“, финската Лиепаја Филхармонија и многу други. Ангажманите како соло контрабасист и оркестарски музичар го носат на бројни престижни фестивали во Европа и Азија. Покрај неговата активност како солист и водач на секцијата контрабаси на филхармонијата во Малта, Ѓорги е активен и како педагог одржувајќи бројни мајсторски курсеви, работилници и соло концерти во Велика Британија, Кина, Германија, Франција, Тајланд, Латвија, Куба, Италија, Полска и Малта. Неговите интерпретации се високо оценети од музичката критика поради техничката виртуозност, но и поради исклучителната музичка експресија и страст со која тој му приоѓа на инструментот, а која резултира и со бројни аранжмани и транскрипции на дела за контрабас и камерни ансамбли. Неговите транскрипции на „Голдберг варијациите“ од Ј.С. Бах за гудачко трио (виолина, виола и контрабас) се сметаат за први и единствени за оваа камерна формација во светот и се наградени за Најдобра транскрипција на престижното Европско биенале за контрабас одржано во Холандија во 2014 година. Оваа транскрипција, како и други дела на Цинциевски ексклузивно ги издаде издавачката куќа „Хофмајстер“- една од најпрестижните издавачи на дела од областа на класичната музика.  Снимката токму на Баховите „Голдберг варијации“ му носи извонредни критики кои меѓу останатото велат „неверојатно успешно дело кое ќе остави печат во светската музичка историја“.

Ѓорги Цинциевски е основач и уметнички директор на фестивалот Меѓународни денови на контрабас кој се одржува во Валета, а од 2014 година е уметник-солист спонзориран од компанијата „Пирастро“ која изработува жици за гудачки инструменти.

 

Марија Вршкова-пијано

 

Марија Вршкова е родена во Битола, таму го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена cum laude во класата на проф.Т.Светиев  и на истиот факултет ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието добитник е на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а најзначајна  е третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим – Италија. Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на земјава во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници: Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков,  во 2010, таа го снима и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во: Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, Америка, Србија, Австрија, Грција… Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните македонски фестивали: Охридско лето, ДММ, Златна лира, Есенски музички свечености. Како врв на нејзината уметничка дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на интернационалниот натпревар „Охридски бисери“ во 2009 година, како и трите награди „Виртуози“ една за најдобар музички изведувач во 2013 година и две награди во категоријата најдобар камерен состав во 2015 и 2016 година. Марија Вршкова сега е доцент на ФМУ – Скопје.

 

 

SHARE