Настан

Јубилеј од раѓањето на Македонските уметници Ристо Аврамовски, Драгослав Ортаков и Стојан Стојков

Горан Начевски дипломирал и магистрирал композиција кај проф. Милан Славицки, а во 2001 година, по паралелните студии, магистрирал и соло пеење кај проф. Рене Тучек на Факултетот за музичка уметност во Прага. Во 2006 на истиот Факултет докторирал Музичка теорија со специјализација по теорија на композиција. Своето деби го доживува во 2006 година и оттогаш Начевски ја започнува својата вокална кариера како солист баритон во Македонската oпера и балет, а за краток период на истата сцена дебитира во уште 15 главни улоги. Постојано е присутен на сцената на фестивалите и музичките случувања во Македонија, но и надвор. Начевски моментално работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Пијаниската Јасна Аврамовска дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Тодор Светиев, а магистрира на Музичката национална академија „Панчо Владигеров“ во Бугарија во класата на еминентната пијанистка и професорка Жени Захариева. Во текот на својата кариера соработува со истакнати домашни и странски уметници, а како солист остварила соработка и со значајни домашни и странски оркестри. Чест учесник е и на значајни фестивали во земјата и странство. Добитник е на импозантен број сертификати и награди. За МРТВ има реализирано аудио снимки , ЦД и телевизиски емисии. Од 1993 год. работи во ДМБУЦ ,како корепетитор во дувачката и гудачката класа и како професор по пијано.

Обоистот Васил Атанасов е познат македонски уметник кој со своите изведби постојано ги пренесува високите уметнички вредности на македонската култура и уметност во светот. Добитник е на голем број награди и признанија. Постојано е активен на македонската музичка сцена, со бројни учества на фестивалите во земјава, но и во повеќе други земји во Европа, Азија и Америка. Атанасов честопати е член на жири комисии на домашни и меѓународни натпревари. Неговите изведби трајно се запишани на повеќе носачи на звук. Во 2016 година ја добива највисоката награда за животно дело „Златна лира“ на Сојузот на музички уметници на Македонија, а во 2017 година е добитник на наградата 13 ноември.

Тодор Светиев студиите по пијано ги завршува на музичката академија во Загреб, а се усовршува на конзерваториумите во Санкт – Петерсбург и Антверпен. Како солист и камерен музичар развива богата концертна дејност и настапува успешно на подиумите како во Македонија така и во други земји. Во неговиот репертоар се вбројуваат дела од најразлични епохи, како и голем број премиерни изведби на дела од македонски автори. Добитник е на повеќе награди и признанија. Светиев повеќе години успешно работи како професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а честопати е член во жири комисиите на меѓународните пијанистички натпревари.

Скопскиот дувачки квинтет постои скоро четириесет години и претставува дел од една традиција на камерна дружба, меѓу плејада македонски уметници од дувачката фела. На неговиот репертоар се дела од светската музичка ризница, како и дела од македонски автори, некои и специјално напишани за овој ансамбл. Остварил голем број настапи во земјава и пошироко,како и бројни тонски и ТВ записи. Заради своите успеси, овој камерен состав е многупати наградуван, а досега гостувал на познати манифестации и фестивали во земјата и странство. Од 2002 година, Скопскиот дувачки квинтет ја продолжува својата уметничка дејност под  уметничко водство на Васил Атанасов. Сегашниот состав го сочинуваат познати македонски уметници, членови на Камерниот оркестар Скопски солисти, Македонската филхармонија и Македонската опера: Васил Атанасов-обоа, Марија Јаќимовска-флејта, Ристо Ѓоревски-кларинет, Даниел Апостолов-фагот, Александар Гошев-хорна.

SHARE