Новост

Ана Комнена донесе голем уметнички квалитет во Предворјето на Света Софија

21.07.2017

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Велешкиот театар „Џинот“ синоќа во Предворјето на Света Софија ја воодушеви публиката со изведбата на претставата Ана Комнена работена по истоимениот драмски текст на Сашо Димоски во режија на Ненад Витанов и Васил Зафирчев. 

Одличната актерската екипа, Кети Борисовска, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Весна Димитровска Бобевски, Зорица П. Панчиќ, Жарко Спасовски, Александар Велјановски, Самоил Стојановски, Фаик Мефаилоски, Даријан Петров, Талија Настова, Андреј Серафимовски, Маја Љутков, Александар Ѓеоргиев, Кирил Гравчев, Марија Стефановска и Румена Шопова , ја пренесоа својата креативна енергија во гледалиштето со што публиката уживаше во изведбата и покрај ладното време.

Големата перфекција со која беше донесена оваа комплексна и многу атрактивна претстава е само потврда за квалитетот на  селектираната драмска  програма на ова 57-мо фестивалско издание.

„Видовме еден визуелен, драмски, ликовен, музички спектакл. Претстава  која вклопена во прекрасниот амбиент на оваа сцена донесе голем уметнички квалитет “, рече селекторот Љутков.

Претставата ја донесе  личната драма на византиската принцеза Ана Комнена која иако легитимен престолонаследник, не успева да застане на чело на империјата само затоа што е жена. Ана Комнена не е историска драма ниту драма на историјата, туку современ драмски прочит кој го преиспитува историскиот контекст и феноменот на власта, ќе рече авторот на текстот.

„Претставата е градена на три основни концепти, како што се родовото устројство на светот, позицијата на жената во власта и преиспитување на концептот верба, позицијата на Бог, прочитана од сите можни перспективи што го засегаат човековото битие. Овие три концепти се особено сериозни, на нив почива цивилизацијата“, вели авторот на текстот Димоски.

Насловната улога во претставата Кети Борисовска  со експресијата на емоции  ја донесе  Ана Комнена  како најголемиот воин во борбата за добивање на нештата со право што следува по природен пат. Нејзиното најсилно оружје е тоа што е апсолутна жена.

„И во денешно време постојат сегрегирањата по основа на пол и затоа е интересна животната приказна на Ана Комнена. И покрај перипетиите што ѝ се случуваат во борбата за престолот, нејзиниот прогон, на крајот, сепак, таа успева да извојува морална победа, од која произлегува главната поента на претставата дека човекот не го прави позицијата општеството, туку душата и срцето“, вели режисерот Ненад Витанов.

Сценографијта за претставата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Раде Василев, авторската музика на Сашко Костов, а видео-дизајнот на Данчо Стефков.