Новост

Громогласен аплауз и три „биса“ за пијанистот Синчук

25.07.2017

SHARE

Please follow and like us:
Instagram
Со силен аплауз и задоволна публика помина вечерашниот концерт на рускиот пијанист Александер Синчук во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
 
  
 
Во публиката имаше слушатели од сите генерации кои трипати го вратија младиот и талентиран руски пијанист повторно на сцената со делата на Чајковски и  Рахманинов.
 
– Првпат настапувам на „Охридско лето“, но за овој светски реномиран фестивал сум слушал многу. Затоа мојот настап вечерва го доживувам како голема чест, но и огромно задоволство. Што се однесува до мојот настап очекувам високо ниво и голем успех, а се надевам и дека публиката одлично ќе ме прифати, изјави пред почетокот на концертот Синчук.
 
Неговата кариера започнува да оди во нагорна линија  по неговата победа на четвртиот интернационален натпревар „Сергеј Рахманинов“ во 2008 година во Москва, по која деветнаесетгодишниот пијанист настапува на соло-рецитал во „Карнеги хол“ во Њујорк.
 
 
Денес тој одржува концерти во познатите сали низ Русија, но и во Украина, Србија, Бугарија, Италија, Шпанија, Германија, Австрија, Велика Британија, Португалија, Франција, Данска, Луксембург, Израел, Мароко и САД.  Настапува со истакнатите   диригенти   како   Валериј   Гергиев, Владимир Спиваков, Дмитри Јуровски, Дмитри Васиљев, Валери Полјански, Максим Ешкенаси, Хауард Грифитс и др.
 
 
Синчук  дипломира и магистрира во класата на Валериј Пјасетски на Московскиот конзерваториум, а во 2014 година се здобива и со диплома од школата за музика „Торнтон“ во Лос Анџелес, каде студира во класата на американскиот   пијанист и прв победник на конкурсот „Чајковски“, проф. Даниел Полак. Се усовршува кај истакнатите пијанисти Наум Штаркман, Рудолф Бухбиндер и Дмитри   Башкиров. Во 2015г. е назначен за на  Московскиот   државен конзервaториум.
 
 
Тој е лауреат на повеќе значајни национални и меѓународни натпревари меѓу кои прва награда и златен медал на натпреварот „Владимир Хоровиц“ во Киев и „Гран при“ на натпреварот „Интерлакен“ во Берн.
 
 
Во 2009 година, Александер Синчук го издава ЦД-то „Романси од Сергеј Рахманинов“ заедно со баритонот Павел Барански, а исто така снима солистичко ЦД во Големата сала на Московскиот конзерваториум со дела од  руските мајстори Чајковски, Скрјабин и Рахманинов.