Новост

Започнува Охрид џез бриз – Џез-викенд на „Охридско лето“

21.07.2017

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Со концертот на холандско-британското „Доминик Маршал трио“ вечерва на сцената Долни Сарај започнува џез-викенд програмата, Охрид џез бриз, на годинешното 57-мо издание на Фестивалот „Охридско лето“.

Станува збор за новитет во фестивалската програмска шема, со настап на врвни уметници од светот на џез музиката.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски истакна дека престојниот настан претставува обид за збогатување на програмата на фестивалот, со музичко-уметнички збиднувања замислени да ги комплетираат уметничките доживувања на се поразличната фестивалска публика .

Програмата за престојниот џез-викенд предвидува по два концерти дневно во текот на наредните три  вечери, со почеток од 21 и 22:30 часот на сцената Долни Сарај. На програмата се целовечерни концерти на македонско-данскиот бенд „МОМБ и Памперс од д фол“, преку данскиот гудачки квартет „Т.А.О.“, финската уметничка на бандеон и хармоника Хели Сиекинен и американско-британскиот „Project Hideaway“, до финалето в недела со настапот на американскиот бенд предводен од Лери Дан, инаку поранешниот клавијатурист на светски познатата група „Earth, wind and fire“.

      –Почестени сме што сме дел од фестивалот „Охридско лето“, во овој прекрасен град исполнет со култура, на уште поубавото езеро…Ова е мое прво гостување во Македонија, со нетрпение и големо возбудување го очекуваме настапот со останатите членови на мојот бенд „Лери Дан и пријателите“. На прекрасната сцена покрај самото езеро ќе изведуваме наши авторски композиции, класични џез дела, секако и дел од светските хитови на „Earth, wind and fire“, рече Дан.

Финската уметничка на хармоника и бандеон Хели Сиекинен која инаку е изведувач на класични музички композиции, рече дека специјално за „Охридско лето“ ќе настапува со програма малку поразлична од нејзиниот вообичен репертоар.

    – Мошне сум среќна што ја добив можноста да настапувам тука со нова програма, очекувам забавна вечер за сите што ќе дојдат на мојот концерт, рече таа.

 

Лоран Таргенсен од Данска исто така откри дека е особено почестен што е дел од овие врвни имиња.

    –Последниот мој албум има неколку синглови. Во моментов свирам класична џез форма на музика, а исто така бев и писателски партнер на Кајли Миног и други познати уметници. Многу сум среќен што сум тука. Нашата програма е утре навечер после 20 часот и започнуваме со акустичен гудачки квартет, истакна Таргенсен.

 

Фестивалската публика ќе може да ужива и во некои композиции што светските џез-уметници ќе ги изведуваат во 7/8 такт, карактеристичен за македонската музика.