Новост

Квартетот „Сигнум“ приреди незаборавна Европска вечер на „Охридско лето“

25.07.2017

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Во рамки на традиционалната Европска вечер на фестивалот „Охридско лето“, синоќа во црквата „Света Софија“ се одржа концерт на саксофон квартетот „Сигнум“од Германија.  Европските уметници изведоа дела од Равел, Шостакович, Гершвин, Барбр, Пјацола, Корија и Зарвос.

Квартетот „Сигнум“ го сочинуваат четворица млади саксофонисти за кои критиката вели дека во својата музика носат смеса на мажевност и сензитивност.
 
 И синоќа во црквата „Света Софија“, свирејќи без ноти, младите саксофонисти успеаја да и’ се „наметнат“ на публиката на „Охридско лето“ која уживаше во нивниот настап.
 
 „Акустиката е фантастична. Ова место овде има многу голема традиција и затоа сме благодарни што „Охридско лето“ ни дава можност да го доживееме тоа извонредно искуство и да свириме на вакво место каде со  генерации и генерации се пишувала историјата. Многу ни е мило што со нашите прекрасни инструменти влегуваме во еден ваков простор како што е акустичната „Света Софија“, рече Словенецот Алан Лужар, дел од овој музички состав.
 
Блаж Кемперле, Ерик Нестлер, Алан Лужар и Гуерино Белароса го формираа квартетот во 2006  година. Тие се академски музичари кои се образувале на музичките универзитети во Келн, Виена и Амстердам.
 
  Зад квартетот „Сигнум “ стојат многу настапи на престижни сцени во светот, но и бројни награди. Оваа сезона настапите ги водат во новоотворената концертна сала во Хамбург, во големата сала на Филхармонијата во Санкт Петербург, како и на гостувања во Полска, Белгија, Италија, Бугарија, Австрија, Германија и во Јужна Кореја.