Новост

Концерт на харфа на фестивалот „Охридско лето“

31.07.2017

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Светски познатиот виртуоз на харфа Емануел Сејсон вечерва ќе настапи на фестивалот „Охридско лето“. На програмата се дела од Бах, Шпор, Рение, Дебиси, Форе и Салзедо

Харфистот Емануел Сејсон е роден во 1984 година во Франција. Студира харфа на Конзерваториумот во Лион, а подоцна и на Парискиот конзерваториум во класата на Изабел Морети. Од 2005 година неговата успешна кариера го води во некои од најпрестижните концертни сали како „Вигмор хол“ во Лондон, салата „Гаво“ во Париз, „Карнеги хол“ во Њујорк, „Концертхаус“ во Виена, салата на Берлинската филхармонија и многу други. Во 2004 година Сејсон се закитува со златниот медал на Интернационалниот натпревар за харфисти во Блумингтон (САД), каде ја добива и специјалната награда за најдобра изведба.

 

 

Тој е добитник на прва награда и шест специјални награди на аудициите за млади музичари во Њујорк во 2006 година, а во 2009 година победува на престижниот натпревар „АРД“ во Минхен. Во 2010 година е номиниран во категоријата „Најдобар инструменталист “ на изборот „Викторис де ла музик класик“ во Франција, а во 2011 година е добитник на наградата за развој на кариерата од страна на Францускиот институт за уметности. 
 
 
Во периодот од 2006 до 2015 година Емануел е соло-харфист во оркестарот на Париската национална опера. Тој е редовен гостин на фестивалот во Картагена (Колумбија), одржува мајсторски курсеви во Ница и е главен предавач на мајсторскиот курс поддржан од Фондацијата „Салви“. Во моментов Емануел Сејсон е соло-харфист на операта „Метрополитен“ во Њујорк и предава харфа во школата за музика „Менс“.
 
 
Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“, со почеток во 20 часот и 30 минути.
.