Новост

Ристиќ-Симовиќ: Охридската публика е секогаш расположена на пријатна музика

04.08.2017

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Дувачкиот квинтет на Црна Гора синоќа одржа концерт во црквата „Света Софија“ во Охрид, во  рамките на музичката програма на 57-то издание на фестивалот „Охридско лето“ .

 

 

Ана Абрамовиќ, уметница која свири на хорна во овој музички состав вели дека отсекогаш сонувала да настапи на овој реномиран фестивал на чии сцени продефилирале многу звучни имиња од светот на музиката.

– „Охридско лето“ за мене е еден традиционален фестивал со огромно значење  за кој јас само слушав како студентка, но и претходно.  Тука настапуваа и мои професори кои се многу влијателни во светот на музиката и кои сум ги ценела и тогаш, но и сега. Им се восхитував кога доаѓаа на „Охридско лето“  и затоа сега сум пресреќна што сум на фестивалот и во Охрид .Сонував да настапам на „Охридско лето“,  и еве, денеска ми се оствари и сонот од младоста, изјави Абрамовиќ.

 

 

Обоистката Надица Ристиќ – Симовиќ која е од Македонија а е омажена во Црна Гора, освен вечерашниот, бележи повеќе настапи пред публиката на „Охридско лето“.

– За концертот на „Охридско лето“ подготвивме неколку бисери од нашиот репертоар.  Тоа се „Дувачкиот квинтет“ од Нилсен, потоа „Шесте багатели за дувачки квинтет“ од  Цанев, како и „Багателите“ од Лигети. Охридската публика е секогаш расположена за пријатна музика , за нови лица, а и за некои веќе видени. Сум учествувала во повеќе проекти на „Охридско лето“ и секогаш со задоволство се враќам во Охрид, и работно, но и приватно, вели Ристиќ – Симовиќ.

Освен овие две уметници, црногорскиот дувачки квинтет го сочинуваат Антонио Насевски на фагот, кларинетистот Петар Гариќ, како и флејтистката Марија Ѓурѓевиќ – Илиќ. Тие настапуваат на сцените во Црна Гора, но и надвор од границите на земјата.