Новост

Тајната за охридскиот бисер на филмско платно

03.08.2017

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“, во Центарот за култура „Григор Прличев“ синоќа беше премиерно прикажан документарно-играниот филм посветен на традиционалниот охридски бисер.

 

Преку овој заеднички и уникатен проект на семејствата Филеви и Талеви и на браќата Кумеви, по 89 години се открива тајниот рецепт за изработка на бисерот,  уникатниот и надалеку познат украс. Филмот го опфаќа периодот од 1924 до 1930 година, кога познатиот руски емигрант Јован Субановиќ ја открива, односно ја продава тајната состојка за изработка на бисерот на семејството Филеви.

 

 

Преку мистериозната приказна за вистинскиот охридски бисер кој претставува охридски и македонски бренд, филмот не’ враќа назад кон нашите корени, низ историјата.
– Растејќи во овој прекрасен град, директно бев инволвиран во работата на овие две семејства, гледав што и како работат тие, но тогаш не бев доволно свесен за вредноста на охридскиот бисер. Тоа е всушност нашиот македонски, охридски бренд, бренд за којшто светот би требало да знае. Поради тоа му благодарам на фестивалот „Охридско лето“ што ни  овозможи премиерата на овој филм да се случи токму овде во склопот на овој реномиран фестивал, на овој празник, Илинден,  и токму во градот Охрид. Ние и понатаму работиме на овој проект, го подготвуваме за други фестивали како во земјава, така и надвор од нашите граници. Ова го работевме за душа, ова е приказна што допира до сите нас, и затоа им благодарам на семејствата Талеви и Филеви за можноста да се сними и овековечи нешто што треба да трае со генерации, вели режисерот на овој проект, Никола Кумев.

 

 

Со овој краткометражен филм, уште еднаш се прикажува и уникатноста, автентичноста и природната убавина на Охрид.

 

– Во ова дело видовме моменти каде што се опфатени сите генерации на семејствата и визуелно се решивме да ја прикажеме сериозната историја на градот Охрид и преку заедничка кохезија културно да ја афирмираме нашата земја и нашиот град . Бисерите на нашите семејства ги има насекаде и чест ми е што заедно со културната манифестација „Охридско лето“ имавме можност да го промовираме и афирмираме целиот овој проект, историјата на нашите две семејства.  Во иднина, проектот планираме да го развиеме и да создадеме игран филм, а ни претстојат и некои холивудски соработки, вели Михајло Филев.

 

Оригиналниот охридски бисер ги краси грлата на голем број крунисани и некрунисани дами.

 

 

 

– Најсреќен сум што немаше ниту еден негативен коментар од страна на публиката, затоа што таа е најдобар критичар. Значењето на „Охридско лето“ е на многу високо ниво и токму поради тоа сметам дека му дава уште поголема вредност како на како на филмот, така и на нашата традиција во изработување бисери, вели Ване Талев.

 

Минатата година во Охрид беше промовирана монографијата „Охридскиот бисер во фамилиите Филеви и Талеви“. Автори на книгата се Никола Митровиќ -Бабе, доктор по историски науки и Оливера Мишева, етнолог. Иницијативата за овој  книжевен запис беше на Михајло Филев, еден од чуварите на оригиналниот охридски бисер.