Австриска изложба на фестивалот „Охридско лето“

18.08.2017

SHARE

„Роберт Музил и Првата Светска војна“ е темата на изложбата што денеска беше отворена во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Како што истакна амбасадорката на култура на Република Македонија во Австрија, Елена Мисиркова, Музил е еден од најзначајните а воедно и најмалку познат писател на 20 век од германското говорно подрачје.

– За Австриецот Роберт Музил може да се каже дека е еден од најзначајните автори од германското говорно подрачје којшто е воедно и најмалку познат кога зборуваме за 20-от век. Во август 1914 година тој ја презеде својата воена обврска во Горна Австрија каде што го има поминато и неговото детство и е учесник во Првата светска војна, истакна Мисиркова.

Изложбата првобитно беше продуцирана од литературната куќа „Минхен“, а кустоси беа Рајнхард Витман и Каролина Кин.Потоа беше адаптирана од Адалберт Штифтер Хаус, а кустос беше Александер Веран, и во оваа форма беше презентирана во Линц 2015/2016 година.

Проектот е финансиран од Дирекцијата за култура на покраината Горна Австрија. Координацијата, од македонска страна, ја има Почесниот конзул на Република Австрија, д-р Валентина Илиева, а од австриска страна ја има м-р Кристоф Х. Бенедиктер, по налог на Дирекцијата за култура на покраината Горна Австрија. Исто така, овој проет е поддржан и од Дирекцијата за култура на покраината Горна Австрија под раководство на директорот м-р Рајнхолд Кретер.

Изложбата „Роберт Музил и Првата светска војна“ за македонската јавност е преведена на македонски јазик и проширена со општ портрет на Роберт Музил. По фестивалот „Охридско лето“, поставката ќе биде поместена и во Штип.