Новост

Амбасадорот Ромео на „Охридско лето“: Само културата и музиката можат да понудат подобра иднина за сите

28.08.2020

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Италијанскиот флејтист Масимо Мерчели кој има изградено впечатлива интернационална уметничка кариера и  неговиот колега, пијанистот Лоренцо Бавај вчеравечер имаа маестрален настап во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.

Долгите и бурни овации кои одекнуваа под акустичните сводови на катедралната црква„Света Софија“ беа доказ дека „Охридско лето“ донесе уште еден музички настан со исклучително висок квалитет, како што и прилега на фестивал со шестдецениска традиција.

Концертот на италијанските уметници го отвори неговата екселенција, амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Карло Ромео кој истакна дека е почестен што присуствува на Италијанската вечер на „Охридско лето“  и како што кажа, е воодушевен од прекрасната црква „Света Софија“.

-Вечерва ја имаме можноста да уживаме во перформансот на двајца исклучително талентирани италијански музичари, Масимо Марчели и Лоренцо Бавај .Сигурен сум дека со моќта на музиката ќе ја осветлат публиката во овие тешки времиња предизвикани од пандемијата на Ковид -19. Сакам да ѝ ја искажам мојата најголема благодарност на директорката Наташа Поповиќ за успешната организација на целиот фестивал и покрај неповолните услови поради пандемијата.  Овие настани ја претставуваат надежта дека само културата и музиката  можат  да  понудат подобра иднина за сите. Таа е надежта која токму сега нам ни е повеќе од потребна. Како амбасадор на Италија, ве уверувам дека ќе продолжиме да ги градиме и да ги зацврстиме нашите веќе одлични културни врски помеѓу Италија и Македонија на секое возможно поле на културна ксоработка , особено со овој прекрасен бисер, Охрид, рече амбасадорот Ромео, упатувајќи честитки по повод јубилејот, 60-годишнината од постоењето на „Охридско лето“.

Амбасадорот Ромео потсети дека низ годините наназад, и уметниците од Италија со своите настапи се вткаени во фестивалската историја.

-Со неговото 60-то издание што е одлично доживување, овој фестивал е еден од значајните културни настани не само во Македонија, туку и во цел регион, на кој гостувале бројни значајни уметници во текот на годините, помеѓу кои и многу италијански уметници. Секако, сакам да споменам дека пред 11 години на Античкиот театар, македонската публика имаше уникатна можност  да го слушне спектакуларниот концерт на маестро Енио Мориконе во придружба на Македонската филхармонија. Тој беше еден од  генијалците кои ја запечатија историјата на музиката од 20 век , но за жал, почина пред помалку од два месеца, оставајќи ни го неговото ценето музичко богатство, додаде амбасадорот на Италија во нашата земја, Карло Ромео.

Прекрасното музичко доживување со мешан репертоар,  синоќа започна со Соната во g-moll  од Јохан Себастијан Бах, еден од омилените композитори на флејтистот Мерчели, како и од неговиот син Карл Филип Емануел Бах.

-Не можам, да одржам концерт без да свирам дело од Бах бидејќи тој е мојот омилен композитор. Секогаш е чест да се свири во оваа прекрасна црква, иако сум бил тука повеќе пати во последните 20 години, некогаш како флејтист, некогаш како член на Европската асоцијација на фестивали. Пресреќен сум бидејќи се наоѓам на прекрасно место каде има одлична организација. Дојдов повторно овде со голем ентузијазам, изјави по концертот Мерчели.

Во првиот дел од синоќешниот репертоар беше изведена една од најубавите сонати за флејта од Франсис Пуланк, „Унгарската пасторална фантазија“ од Доплер како и Соната од Доницети.

Масимо Мерчели е еден од ретките флејтисти во светот кому му се посветени бројни дела од некои од најпознатите композитори на денешнината како: Пендерецки, Губајдулина, Глас, Ниман, Бакалов, Мориконе, Галијано, Солима кои покрај тоа што пишувале за него, често и настапувале покрај него на концертните сцени.  Затоа, во вториот дел од концертот, беа доловени Двете пиеси за соло флејта од Ниман посветени токму на Мерчели, композиција од Мориконе, Три пиеси од „Шиндлеровата листа“ на Вилијамс, како и делото „Историја на тангото“ од Пјацола, која иако е пишувана за гитара и флејта, беше адаптирана за пијано и флејта.

Пијанистот Лоренцо Бавај кој се образувал на најпрестижните концерваториуми, е добитник на бројни награди и признанија за неговата работа, а од 1989 година е редовен концертен партнер на големиот светски тенор Хозе Карерас.

„Охридско лето“ ги спои двајцата италијански уметници, Мерчело и Бавај, по 40 години од нивниот последен заеднички концерт.