Новост

Виолинистката Бадивуку и пијанистката Кастратовиќ ќе музицираат на „Охридско лето“

27.07.2019

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на големите уметници, виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа и пијанистката Маја Кастратовиќ што ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“, во стандардниот фестивалски термин, од 21 часот.


Виолинистката Сихана Бадивуку-Хоџа се смета за една од најпрефинетите музички уметници од т.н. средна генерација. Потекнува од музичко семејство и со музиката се среќава уште на млади години. Високото образование го стекнува на престижниот Конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, најпрвин во Киев, со проф. Богодар Которович, а потоа и во Москва каде што дипломира и магистрира во класата на проф. Евгенија Чугајева.

Бадивуку кариерата ја гради на меѓународните концертни подиуми настапувајќи на „Охридско лето“, Денови на македонска музика, Фестивал за современа музика во Тирана, Фестивалот „Ремузика“ во Приштина, Музичкиот фестивал во Варна, „Интерфест“ во Битола, на реномирани фестивали во Италија и Шпанија. Одржува концерти во Албанија, Македонија, Италија, Шпанија, Турција, Бугарија, Германија, Русија, Финска, Ирска, Белгија, Украина, Литванија, Словенија, Канада, САД. Нејзиното огромно искуство годините наназад го пренесува на своите ученици, кои го продолжуваат нејзиниот успешен уметнички пат.

Од 2008 година, Бадивуку е професор на Државниот универзитет во Тетово, редовно е член на неколку жири на виолински натпревари. Таа е виолинист во ансамблите „Вивенди“, „Музика Балканика“ и „Стринг трио Косово“. Во 2011 година, Сихана Бадивуку го објавува цедето „Брамс сонати“ со пијанистот Јоуни Сомеро во Финска. Во 2000, пак, го основа Камерниот музички фестивал, а од 2003 се јавува како основач на Музичката фондација „Арс Косова“, а наедно е и уметнички директор на Музичкиот натпревар за млади „Арс Косова“ и на Камерниот фестивал во Косово. Соработката со Маја Кастратовиќ датира од 1994 па сè до денес.

Пијанистката Маја Кастратовиќ е родена во Скопје каде го завршува основното музичко училиште во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Слаѓана Јовановиќ, а го продолжува во Централното Московско музичко училиште во класата на проф С. И. Гаџиев. Во 1993 година дипломира на престижниот конзерваториум „Петар Илич Чајковски“ , а во 2002 година магистрира во Скопје во класата на проф. Борис Романов.

Како концертна пијанистка настапувала со оркестарот на Македонската филхармонија, а остварува и бројни солистички и камерни настапи на домашната сцена, но и надвор од неа во Русија , Велика Британија, Италија, САД, Чешка, Австрија, Шпанија, Црна Гора, Србија и Словенија. Добитник е на бројн и награди и признанија за нејзиното извонредно музицирање на пијаното. Од 2001 година живее и предава пијано и корепетиција во Словењ Градец и Словенске Коњице во Словенија. Нејзините ученици се добитници на бројни награди и признанија на меѓународни натпревари.