Новост

„Во агонија“ – возбудлива драма на „Охридско лето“

14.08.2018

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Во рамките на драмската понуда на фестивалот „Охридско  лето“вечерва во предворјето на црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот ќе  биде изведена театарската претстава „Во агонија“ од Мирослав Крлежа, а во режија на Нела Кочиш, Озрен Грабариќ и Дарко Стазиќ. Станува збор за проект на ПУК – Патувачки театар и Младинскиот центар „Рибњак“ – Сцена „Рибњак“.

Славната драма на Крлежа, дел од трилогијата за Глембаеви, е поставена како жесток судир на тројца луѓе. Во фокусот на безвременската приказна за љубовниот триаголник и подемите и падовите во општеството, се наоѓаат сензитивната и разочарана Лаура Ленбахова, која храбро ја поднесува имотната и општествената деградација работејќи во својот кројачки салон и служејќи ги муштериите, нејзиниот интимен пријател, адвокатот д -р Иван племенитиот Крижовец, кој успеал да се снајде во новонастанатите општествени ситуации и мажот на Лаура, пијаница и коцкар, бивши коњанички потполковник и бивши затвореник баронот Ленбах.

-Крлежа е класичар.  Претставата  „Во агонија ” е играна на сите сцени во Хрватска, а со тоа нашиот предизвик и одговорност беа уште поголеми, да се создаде нешто ново и поинакво од предлогот кој толку пати е режиран. Ние експериментираме, истражуваме, настојувавме да создадеме претстава која нема да биде само убава интонација и совршено изговорени реченици на Крлежа без емотивно покритие. Нашата цел беше да создадеме возбудлива, жива, драматична претстава што ќе биде поинаква, но сепак ќе остане на Крлежа, вели режисерката  и актер во претставата Нела Кочиш.

Освен Кошиш во улогата на Лаура Ленбахова, во претствата играат и Озрен Грабариќ како Иван племенитиот Крижовец и Дарко Стазиќ кој ја има улогата на баронот Ленбах. Сценографија е Петра Крилетиќ, а костимографијата ја изработи Марита Ќопо.