Новост

„Во Агонија“ – интимна драма за меѓучовечките односи

15.08.2018

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Хрватските глумци од ПУК-Патувачки театар и Младински центар „Рибњак“ – Сцена синоќа во предворјето на црквата „Света Софија“ во рамките на драмската програма на  „Охридско лето“ ја донесоа театарската претстава „Во Агонија“ од Мирослав Крлежа.

Станува збор за драма која говори за тројца  животни бродоломци, тројца несреќни луѓе кои се вртат во еден љубовен и брачен триаголник.

Со претставата е опфатена пропаста на една генерација во австро-унгарското царство на која и се изгубени општествените статуси што ги имала некогаш,  и тие луѓе се снаоѓаат како што умеат и знаат во новите животни околности.

-Но таа општествена и политичка рамка овде е помалку важна. Поважно е што се работи за интимна драма, драма за комплицираните меѓучовечки односи. Претставата ја работевме на тој начин што се обидовме да ја поставиме во интимен простор, публиката да ни биде поблиску нам како изведувачи. Сакавме да направиме една театарска атмосфера во која публиката речиси воајерски присуствува во напнатите и интригантните односи и расплетот на сцената. Драмата настана без никакви амбиции, како една вежба помеѓу тројцата да ги оживееме ликовите на Крлежа. Кога ја погледнаа нашите колеги и пријатели, рекоа дека е извонредна и оти мора да излеземе со неа и надвор од границите на нашата земја. Едноставно кажано, претставата се роди во скромни услови но со намера за истражување на една органска глума, односно дали речениците на Крлежа за кои постои фама дека се комплицирани  и тешко проодни  можат да бидат сфатени. Ако се изговорат на вистински органски начин со доза уверливост, тогаш излегува дека речениците се сфатливи, возбудливи, динамични, вели актерот Дарко Стазиќ кој во претставата го играше ликот на Барон Ленбах.

Актерот Озрен Грабариќ појасни дека тројцата автори на проектот ја сработиле целата претстава , почнувајќи од режијата, преку глумата до поставувањето на сцената, но според него, најважно од се, било истражувањето на актерските органски процеси.

-Кога се работи Крлежа, особено глембаевскиот циклус кој според мене е најсилно дело, не само во Хрватска туку и пошироко, тоа е толку добро напишано, тако што секој нов концепт е отповеќе. Затоа јас велам дека оваа драма ја режираше самиот Крлежа. Ние само го испочитувавме тоа што тој го напишал. Што се однесува до самиот автор, сметам дека не е доволно застапен, зашто сепак се работи за светски автор,  додава Грабариќ.

Актерката Нела Кочиш  која ја играше главната улога во претставата „Во агонија“ вели дека токму со монологот на Лаура Ленбахова била примена на драмската академија.

-Тогаш бев премногу млада за да ја играм Лаура Ленбахова, но се надевав дека некогаш ќе имам шанса да ја одиграм улогата. Секогаш знаев точно како треба да ја одиграм, но се сомневав ако дојде некој режисер со поинаква концепција која е дијаметрално спротивна од моето видување за Лаура дека нема да можам да ја доловам како што ја замислувам. За среќа, се случи овој проект и можев да ги испробам сите варијанти, појасни Кочиш.

Драмата „Во Агонија“ од Крлежа има две верзии. Тројцата извонредни  хрватски автори и актери ја работеа оригиналната верзија од 1928 година со два чина. Подоцна, во 1965 година Мирослав Крлежа го напишал и третиот чин за оваа драма која е дел од трилогијата Глембаеви.