Новост

ВРАЧЕНО ПОСЕБНОТО ОПШТИНСКО ПРИЗНАНИЕ ЗА НУ „ОХРИДСКО ЛЕТО“

08.12.2020

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

ПОПОВИЌ: Оваа награда за нас е голем мотив да продолжиме и понатаму да ја градиме успешно приказната Охридско лето

„Од името на целиот колектив на „Охридско лето“ и од мое лично име искрено се заблагодарувам на Општина Охрид, на градоначалникот д-р Константин Георгиески, на Советот на Општина Охрид како и на Комисијата што за првпат го доделуваат ова признание на Фестивалот кој годинава славеше 60 години јубилеј под посебни услови наречени коронавирус. Но ние успеавме, кога сите големи културни установи немаа програма, да го реализираме Фестивалот. Оваа награда за нас е голем мотив да продолжиме и понатаму да ја градиме успешно приказната Охридско лето и ветувам дека следната година ќе го оправдаме тоа“, рече директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ на денешната свеченост на која беа доделени наградата и повелбите Св. Климент Охридски – Патрон на градот.

Ова високо општинско признание е доделено како признание за долгогодишното успешно опстојување на Фестивалот Охридско лето од каде години наназад се испраќа уметничката  порака на нашата духовна престолнина ширум светот.

„ Охридско лето годинава одбележува 60 години успешно опстојување на културниот живот на градот но и на државата. НУ Охрид лето е охридска гордост која на сите нас а и на  туристите кои доаѓаат во летните месеци  ни пружа несекојдневно доживување кое е привилегија на многу поразвиени и понапредни држави. Тоа е доказ дека богатството е во душата и културата на еден народ. Фестивалот Охридско лето има добиено Светиклиментова награда пред десеттина години но тогашниот менаџмент одлучил да не ја прими оваа вредна награда. Затоа ние сега, бидејќи според Статутот не можевме уште еднаш да ја доделиме, одлучивме да врачиме едно вакво специјално признание кои е повеќе од заслужено“, истакна градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.

Георгиески потенцира дека Охридско лето е највредното културно збиднување со кое градот се гордее повеќе од половина век.

„Од тој прв настап на Ана Липша Тофовиќ па се до денес кога славиме еден голем јубилеј, 60 години успешно опстојување се радуваме на секое фестивалско издание кое е симбол на високата уметност. Дури и во време на Пандемија Охридско лето успеа со беспрекорна организација да реализира успешно издание. Тоа е за секоја почит и токму затоа заслужува една ваква специјална награда како признание за врвните достигнувања во областа на културата“, рече охридскиот градоначалник.

Советот на Општина Охрид донесе одлука за доделување на ова посебно признание на НУ „Охридско лето“ за достигнувања во областа на културата во изминативе 60 години.

Добитник на највисокото општинско признание, наградата „Патрон на градот- Св. Климент Охридски“ за 2020 година е академик Вера Битракова- Грозданова, неуморен истражувач, универзитетски професор и еминентен научник од областа на археологијата и историјата на уметноста.

Годинешните повелби „Патрон на градот „Св. Климент Охридски“  заминаа во рацете на: ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид- како главен носител  на борбата со пандемијата на Ковид 19, посветеноста, стручноста и пожртвуваноста на сите вработени во оваа здраствена установа,    Д-р Мимоза Влаши Хиса- специјалист по гинекологија и акушерство, раководител  на Одделот  за гинекологија, акушерство и неонатолошка опсервација во ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид- заради нејзиниот ентузијазам, издржливост, посветеност кон пациентите  и соработка со колегите и Проф. д-р Рубин Земон, социо – културален антрополог- долгогодишен активист во невладиниот сектор  за промоција на мултикултурализмот и толеранција, на богатото културно наследство на Охрид, заштитата на културното и природно наследство, еминентен научник во општествените науки и универзитетски професор.