Новост

Гацева: Не е едноставно да се вброите меѓу уметниците на „Охридско лето“

18.07.2018

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Во црквата „Света Софија“ во Охрид,  синоќа се одржа уште еден празник на уметноста што ќе се вброи во фестивалската историја на „Охридско лето“.  Извонредните македонски пијанистки Ана Гацева и Татјана Џорлева и приредија на публиката незаборавен концерт со дела за четири раце на пијано од Дворжак, Равел и Сати.

Мислам дека имавме убава вечер според  реакциите на публиката. Ја чувствувавме нивната извонредна енергија којашто од дело во дело нè поддржуваше и се чувствуваше тој флуид. Аплаузите на крај, бисовите и на некој начин вознесеноста, ја потврдува мојата мисла, но и мислата на мојата колешка, вели уметницата Ана Гацева.

Таа не настапува првпат на Охридско лето, и како што додава, секое нејзино музицирање во Света Софија, е посебна инспирација.

– Не е едноставно да се вброите меѓу уметниците на Охридско лето. Тоа треба да се заслужи, треба да се одработи и да се музицира на највисоко можно ниво. Затоа и поттикот е многу голем-да стоите рамо до рамо со сите овие уметници кои годинава се најдоа на програмата на Охридско лето. Мислам дека до крајот на фестивалот ќе имаме врвна програма благодарение на селекторите и на фестивалската дирекција, вели пијанистката Гацева.

За разликата помеѓу соло настапите и камерното музицирање таа смета дека е многу голема.

– За да се адаптира музичарот во симбиоза со друг уметник, треба да размислува поинаку. Да го заборави своето јас и во името на уметноста да се спои во нешто повисоко и поубаво. Тоа е камерното музицирање, смета Гацева.

Двете пијанистки потекнуваат од една пијаниатичка школа а тоа се чувствуваше и синоќа, во  звукот и во третманот на пијаното.

Маестралните Татјана Џорлева и Ана Гацева на вчерашниот концерт настапија со дела за четири раце на пијано од Дворжак, Равел и Сати, програма која што е доволно сериозна како што наликува на фестивалот Охридско лето, но и еднакво атрактивна за да ја привлече публиката, оние коишто се професионални, но и тие што беа во црквата „Света Софија заради уметничко задоволство.