Груби: Мојата кариера започна на „Охридско лето“

20.08.2017

SHARE

Врвните македонски инструменталисти Блерим Груби на виола и Марија Вршкова на пијано приредија прекрасна вечер за публиката на фестивалот „Охридско лето“ со својот концерт на стандардната фестивалска сцена, подиумот во црквата „Света Софија“.

Синоќешниот концерт беше втор настап за пијанистката Вршкова на годинешното издание на фестивалот. Претходно таа настапи во рамки на Шведската вечер на „Охридско лето“, придружувајќи ги на пијано сопранистките Биљана Стафансон и Љиљана Јовановиќ.

– Како и при секој настап на „Охридско лето“, возбудата е преголема затоа што сепак, не е едноставно да се свири на оваа сцена. Имавме убав концерт, интересна, летна, но не и лесна програма. Уживавме и двајцата, а мислам дека уживаше и публиката, вели пијанистката Вршкова.

Почетоците на кариерата од уметникот Блерим Груби се врзани токму за фестивалот „Охридско лето“.

– Се чувствувам многу емотивно кога доаѓам да свирам овде. Сум свирел на „Охридско лето“и со камерен оркестар, и во квартети, но и соло. Токму овде, пред 30-тина години ја започнав музичката кариера. Млади надежи од цела Југославија свиреа на фестивалот, а тогаш се претставив и јас. Таа енергија што ми ја подари црквата „Света Софија“ ја чувствувам секогаш кога доаѓам тука, вели Груби.

Програмата со која се претставија на „Охридско лето“, двајцата истакнати македонски уметници, Груби и Вршкова, ќе ја отсвират и во октомври во Приштина. Пијанистката Вршкова, како што најави, претходно во септември, ќе музицира во Њујорк со соло и дуо-програма.