Новост

Дела за четирирачно пијано одекнуваа во акустичната „Света Софија“

25.07.2018

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Љубителите на класичнта музика,  синоќа под сводовите на акустичната „Света Софија“ уживаа во настапот на  врвните пијанисти, Иво Варбанов од Бугарија и Фиамета Тарли од Италија. 

  

Концертот донесе вистинска магија, енерија и позитивни вибрации низ просторот.

-На концертот имавме дела од двајца композитори. Брамс и Стравински. Првиот час беше посветен на два сетови љубовни песни од Брамс, „Љубовни песни“ и „Нови љубовни песни во вид на валцери“  кои се напишани за пијано четири раце и четири гласа. Остатокот од концертот беше посветен на Ставински, „Посветување на пролетта“ за четирирачно пијано. Сметам  дека тоа е едно од најинтересните дела напишано за исполнување со четири раце, изјави Варбанов по синоќешниот  концерт.

Варбанов и Тарли се првпат во Охрид. Воодушевени од убавините на градот и црквата Света Софија велат дека чувството е посебно да се настапува пред нашата публика.

-Првпат сум во Охрид. Местото е прекрасно. Меѓу другото, првпат свирам во православна црква.Во протестантски цркви се прават концерти, во католичките некаде се прават некаде не, но досега не сум видел во Бугарија концерти на класична музика да се одржуваат во црква. Но овде црквата „Света Софија“ е многу повеќе од сакрален објект, таа е културно седиште,додаде Варбанов.

-Многу сум среќна што имам можност да свирам на ова необично и крајно инспирирачко место, затоа што можам да почувствувам дека тука постои духовност и светост која ретко се наоѓа некаде. Исто така имам читано дека ова место е храм повеќе од 1000 години и за мене е многу важно што вечерва настапив тука, вели Тарли.

Бугарскиот пијанист Иво Варбанов е еден од најпознатите претставници на бугарската музичка култура во светот. Пијаното започнал да го изучува на шестгодишна возраст под менторство на Елеонора Карамишева. Во понатамошното негово школување му помогнале видни пијанистички имиња, какo: Рикардо Бертацоло, Илонка Декер, Суламита Ароновски, Франк Вибот, а се усовршувал и на мајсторските курсеви на Александар Лонквич, Бери Даглас и Лев Наумов. Варбанов има богата дискографија, а во 2014 година, заедно со неговата сопруга Фиамета Тарли, основа и своја издавачка куќа – ICSM Records. Настапува како солист и камерен музичар со голем број истакнати артисти. За промоција на бугарската музика надвор од границите на земјата, Варбанов е добитник на наградата „Иван Вазов“, а во 2011 година ја добива и наградата „Сребрен лав“ што ја доделува Министерството за надворешни работи.

Фиамета Тарли се запознава со пијаното на петгодишна возраст благодарение на италијанскиот пијанист Џампиеро Семераро, а на само 9 години го одржува својот прв концерт. Дипломира на Конзерваториумот во Фиренца, под менторство на истакнатите професори: Марија Типо, Лидија Рочети Пецати и Илонка Декер. Вокална и инструментална камерна музика пак, изучува на Кралската музичка академија во Лондон. За време на својата активна изведувачка и образовна дејност, Тарли успева и да магистрира и да докторира на полето на музикологијата на Кралскиот колеџ во Лондон. Редовно настапува во Италија, Германија, Бугарија, Словачка, Унгарија, Шпанија, Турција и Велика Британија. На полето на камерната музика често настапува со својот сопруг Иво Варабанов.