Новост

Започна свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“

12.07.2018

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Под отвореното охридско небо на Античкиот театар во Охрид  започна 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“, препознатливиот белег на македонскиот културен идентитет.

Од вечерва и во наредните 40 фестивалски денови, убавината на музиката и театарот  ќе создаваат трајни впечатоци кај публиката на „Охридско лето“.

Уметничката порака годинава на свеченото отворање пред многубројната публика ја пренесе маестралниот македонски актер Никола Ристаноски кој рече дека  вонвременскиот Охрид  е природното пристаниште на уметноста.

-Уметноста можеби нема да го спаси светот, но може да нè поучи како да останеме благодарни и возвишени во несовршеното.Исправени пред праќите и стрелите на бесната судбина, и мудри за да разбереме дека збеснетиот космос или разулавеното општество не ни влегуваат дома во кујна преку отворениот прозорец, туку напротив, оттаму ни излегуваат, за повторно некогаш да ни се вратат низ неправдата зготвена од лажните богови или низ насилството на нивните завладеани пророци,чија што претстава за самите себеси напати станува поважна од која било универзална или човечка вистина, дури и од онаа, најличната, рече актерот Ристановски.

Уметноста, додаде Ристановски,  нема да се предаде зашто, како што рече, таа е последната палуба каде што луѓето се навистина заедно.

-Уметноста е последната хумана интернационала. Нејзината палуба е последното место каде навистина сме заедно.На нејзиниот кораб се распнати едрата на убавината, дарбата, прозрачноста, слободата и едноставната верба.Верба на дете што некогаш само за миг ја прекинува својата детска игра за да откине парче леб од ноќвите, колку да не заборави на животот.На оној кој навистина се случува, подвлече актерот Никола Ристановски, пренесувајќи ја годинава уметничката порака на фестивалот „Охридско лето“.