Новост

„Илијада“ најголемиот театарски проект на 58-то „Охридско лето“

21.08.2018

SHARE

Со театарска претстава „Илијада“ од Хомер во копродукција на Словенечки народен театар СНГ Драма Љубљана , Цанкариев дом и Градски театар од Словенија, можеби еден од најголемите проекти на фестивалот „Охридско лето“, синоќа се спушти завесата на најголемата музичко-сценска манифестација во државава.

Публиката задоволна од врвната актерска игра во приказната колку што е класична, толку е и инспирирана од европската театарска авангарда, со суптилни совети на модерната историја на Балканот. Изведбата започна како концертна верзија на една опера, актерите во формална облека, седнати на столици, ја раскажаа крвавата историја за „Илијада“ на микрофони. Раскажаниот вовед полека прерасна во едно целосно театарско доживување со една универзална релевантна нишка кое беше препознатливо за целата публика.

Свеченото затворање на фестивалот го проследија министерот за култура на Република Македонија Асаф Адеми, заменик-министерот Владимир Лазовски, националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата, Роберт Алаѓозовски, министерот без ресор Зоран Шапуриќ, градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски, видни личности од театарскиот свет, пратеници, советници, како и  луѓе од бизнис-секторот, помагатели и пријатели на „Охридско лето“.

Успешното 58-мо фестивалско издание беше заокружено со свечен коктел во елитниот хотел „UNIQUE“ .