Новост

Интимната драма „Девојчето со жиците“ ќе ги отвори сите сетила на публиката

07.08.2018

SHARE

Современа драмска опера каде музиката нема да биде само декор, туку и начин на комуникација, ќе донесе вечерва драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ преку театарската претстава „Девојчето со жиците“ од Марјан Неќак и Маја Хрговиќ.

Претставата која  е копородукциски проект на  Словенечкиот народен театар СНГ Драма Љубљана и Подвижен Музички театар од Битола ќе се одигра на сцената Долни сарај со почеток во 21 часот.

Според селекторот на драмската програма на фестивалот, Александар Поповски, станува збор за одличен проект во кој играат актери од еден многу голем словенечки театар којшто е важен не само за Словенија, туку и за поширокиот регион.

-Голема е честа да се најави една ваква театарска претстава која доаѓа од театар што јас многу го ценам, Љубљанската драма, театар којшто освен што е важен за Словенија, важен е и многу пошироко во регионот бидејќи има извонреден ансамбл, рече Поповски на денешната прес-конференција.

Режисерот и еден од авторите на театарската претстава „Девојчето со жиците“, Марјан Неќак, истакна дека посебно е чувството да се игра претставата токму на фестивалот „Охридско лето“, бидејќи како што рече, концептот на самиот фестивал е театар и музика, а овој проект ги има и едното и другото.

-„Девојчето со жиците“ е претстава за слободата, уметникот, многу други интимни теми коишто ги имаме сите луѓе. Секој човек може да се поистоветува со самата приказна. Начинот на којшто ја градевме и ја работевме претставата е специфичен и бара малку повеќе време, една поинаква концентрација и поинаква љубов. Такви се актерите од Драма Љубљана, посебно тие што ги одбрав за да ја работиме оваа претстава кои беа исклучителни во смисла дека ова може единствено само со љубов да се направи, рече Неќак.

Драматургот на претставата Дарја Доминкуш  на прес-конференцијата најави дека се работи за специфична и комплексна приказна за девојката која патува со воз низ Европа, а всушност целта и е месечината. Таа метафора, според драматургот, важи за сите луѓе  зашто, како што рече,  во секојдневието сите се трудиме да направиме нешто, да патуваме некаде, а во сето тоа брзање би сакале да заминеме на месечината, кон недостижното, кон она за што сонуваме и заради што создаваме музика и уметност.

-Претставата бара вклучување на публиката, да се запалат сите сетила, а од друга страна е и многу емотивна зашто приказната е за девојка која сака да живее како уметница но во денешниот свет  тоа е многу тешко. Тогаш таа треба да премине некои граници во Европа  која би требало да биде отворена за уметноста. Покрај тоа, девојката како сенка ја следи приказната од детството за нерасчистениот однос со таткото кој всушност бил прв што ја спречил нејзината кариера. Дури потоа доаѓаат границите, Европа со своите сомнежи која не сака емигранти, која не сака луѓе што не се оттука, истакна Доминкуш.

Улогите во претставата „Девојчето со жиците“ ги играат Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј.

-Мене како актерка ми беше голем предизвик оваа посебна форма што опфаќа песни и интимна драма. Всушност овие песни претставуваат монолози  и на интимната драма и даваат повисоко ниво во однос на интерпретацијата, изјави актерката Церар.

Таткото во претставата го игра Урош Фурст, еден од врвните словенечки актери.

– Претставата отвора еден цел простор каде ние како родители влијаеме на своето потомство, што има тука добро, а што погрешно. Во исто време и да се отпее, тоа е полигон за извонредна актерска работа.И самиот начин на кој ја работевме претставата за мене е потполно нов и затоа се радувам многу, рече Фурст.

Автор на стиховите во претставата „Девојчето со жиците“ е  Ана Бунтеска. Костимограф е Наташа Филиповиќ, а кореограф Жигањ Крањчар. Музиката, сценографијата и светлото се на Марјан Неќак.