Новост

Концертот на турските уметници на Охридско лето се префрла во црквата Света Софија

06.08.2020

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Поради временските неприлики и врнежите кои се очекуваат и во вечерните часови, концерт на Озџан Улуџан-виолина и Бирсен Улуџан-пијано, Турција кој вечерва во рамките на фестивалската програма на Охридско лето требаше да се одржи во Предворјето на црквата Св.Софија се префрла во црквата Света Софија.

Според дозволата и насоките добиени од Комисијата за заразни болести, Протоколот за вечерашниот концерт предвидува гледалиште од 30 места согласно просторот за раздалеченост од 2 мерти, како и строго почитување на сите мерки за заштита, носење маска, дезинфекција на раце и одржување на социјална дистанца за време на влез и излез од црквата.  Исто така  препораките добиени од Комисијата за заразни болести предвидуваат концертот на турските уметници да се одржи со отворени врати на црквата Света Софија.

Почетокот на концертот е 21 часот

Озџан Улуџан- виолина

 

Виолинистот Озџан Улуџан е роден во Бугарија, во семејство во кое уметноста била многу почитувана. Студирал во Бугарија, Турција, В. Британија и Германија со Здравка и Веселин Спирови, Грета  Бурива, Ифрах Ниман, Виктор Пикајзен, Џошуа Епштајн и Максим Венгеров кој го нарекол „еден од најуспешните студенти, вистински следбеник на мојата филозофија на сцена…“

Улуџан има остварено настапи со: англискиот камерен оркестар, „Амстердам Синфониета“, Виенскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар „Франц Лист“, оркестарот „Филхармонија“  во Лондон,  во престижни концертни сали како Ројал Алберт Хол, „Концертхаус“ во Берлин, „Концертгебау“ во Амстердам, како и на фестивалите во Будимпешта и Лудвигсбург.  Во Амстердам настапува заедно со Максим Венгеров со оркестарот „Амстердам Синфониета“ под диригентската палка на легендарниот , маестро Мстислав Ростропович.Има реализирано три ЦД-а за „Лила Мјузик Истанбул“,  а покрај концертната кариера тој е и професор на Конзерваториумот „Мимар Синан“ во Истанбул.

Улуџан е основач на ансамблот за нова музика „Хезарфен“.

 

Бирсен Улуџан-пијано

Турската пијанистка Бирсен Улуџан е родена во Бугарија и учела пијано во Музичкото училиште во Варна со Е. Цветкова, на Истанбулскиот државен конзеравториум со М. Јапали и на Школата за музика „Гилхол“ во Лондон со Џ. Хавил. Магистрира на Сити универзитетот во Лондон.

Настапува низ цела Европа и тоа со водечките оркестри во Турција, со Виенскиот камерен оркестар, со камерниот оркестар „Франц Лист“, а одржува концерти и на реномираниот фестивал „Моцартеум“ во Салцбург, на Истанбулскиот фестивал и на Фестивалот „Флан“ во Франција. Настапува заедно со реномирани музичари како:  Марата Гулјас, Максим Венгеров, Ричард Роса, Изабел ван Кулен, Фернандо Перез, Кристијан Полтера, Озан Тунча, како и со нејзните брат и сестра виолинисти Ајшен Улуџан и Озџан Улуџан.

Покрај кариерата како солистка и камерен музичар, Бирсен Улуџан е посветен педагог на студенти на ниво на конзерваториум, но и на работа со најмладите.

Има снимено три ЦД изданија за „ Лила Мјузик“.