Новост

Концерт за пијано вечерва на „Охридско лето“

23.07.2018

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со програмата за пијано „176 Клучеви- Боите на црното и белото“ и уметниците Сун Хи Јоу од Кореја и Италијанецот Марко Чампи.

Двајцата пијанисти ќе изведуваат дела од Франц Лист, Фредерик Шопен , Клод Дебиси ,Витолд Лутославски, Лудвиг ван Бетовен, Џорџ Гершвин, Фридрих Гулда, Николаи Капустин  и Астор Пјацола.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“,  во стандардниот фестивалски термин, 21 часот.

Пијанистката Сун Хи Јоу е една од највозбудливите изведувачи во подем, која постојано ја воодушевува публиката низ светот. Уште од самото нејзино деби, таа од дете-гениј прераснува во комплетен музички артист со изразена експресивност и техничка зрелост во свирењето. Соработувала со голем број оркестри под диригентската палка на исклучителни светски диригенти. На нејзиниот репертоар се наоѓаат разновидни дела – почнувајќи од времето на Барокот, па сè до дела од дваесеттиот век. Има издадено и неколку компакт-дискови.

Пијанистот Марко Чампи е извонреден изведувач, a тоа го  докажува и фактот што досега има победено на преку 30 национални и интернационални пијано натпревари. Дипломирал на престижниот конзерваториум „San Pietro a Majella“ во Неапол во 2003 година со највисоки оценки. Како солист, Чампи досега се појавил на некои од најпрестижните сцени во Европа и Америка, како и на повеќе фестивали во светот. Во текот на својата кариера работел со проминентни оркестри и истакнати композитори и изведувачи. Неговите изведби редовно се емитуваат на престижни радио-станици.