Новост

Маестрална изведба на „Одисеј“ за крај на 59-тото „Охридско лето“

21.08.2019

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Годинешното издание на „Охридско лето“  заврши синоќа со маестрална изведба на театарската претстава „Одисеј“ на Античкиот театар во Охрид, така како што наликува на еден фестивал кој е нависок ранг во семејството европски фестивали и кој секоја година ги носи најдобрите проекти од областа на класичната музика и театарската уметност.

Претставата чиј текст беше напишан од големиот македонски драмски писател Горан Стефановски, извонредно режирана од извонредниот режисер Александар Поповски, остави силен впечаток врз преполниот амфитеатар. Актерите во овој копродукциски проект од театрите „Гавела“ од Загреб, „Улисис“ од Бриони, Српскиот народен театар од Нови Сад, „Драма“ од Марибор, „Ателје 212“ од Белград, Стериин театар и Театар „Навигатор“ од Скопје, ги откажаа нивните театарски ангажмани во изминатиот период само за да бидат дел од оваа претстава и синоќа на сцената покажаа врвна актерска игра, позитивна енергија и донесоа силни пораки.

„Одисеј“ е претстава што го долови враќањето дома на еден човек, во својата татковина, во својот двор, под својата маслинка.

– Желба ми беше заради Горан оваа претстава да ја играме во Охрид, и тука, на своевиден начин, тој да ја најде својата Итака . „Охридско лето“ е нов почеток на едно ново Одисеево патување, вели режисерот Поповски.

Режисерот Поповски и драматургот  Дора Делбијанко препознаа во тектот на Стефановски  простор за иронично отстапување од митот, за пародијата,фарсата, па дури и бурлеската. „Одисеј“ е еден вид потсмев на Одисеј, кој го иронизиратрагичниот писедестал, а истовремено ја задржува и драмската тензија, полемизирајќи  притоа за темите на војната, геноцидот, силувањата на жени во војна, поствоениот хаос и цивилизациската пропаст како последица на воените пустошења.

Годинешната драмска програма на фестивалот „Охридско лето“ беше посветена на големиот драмски писател Горан Стефановски  кој почина во ноември минатата година, но остави силен печат врз македонската драма. Неговите драми имаа нешто заедничко, преку трагедијата на едно семејство, авторот ни ја предава историјата на македонскиот народ, со своите болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре.