Новост

Младиот пијанист Величков вечерва ќе се претстави пред публиката на „Охридско лето”

17.08.2019

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Репертоарот на класична музика во рамки на 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе го збогати младиот и талентиран пијанист Димчо Величков од Бугарија.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“, во стандардниот фестивалски термин, од 21 часот.

Димчо Величков е роден во 1987 година во Стара Загора, Бугарија во семејство на музичари. Започнува да свири пијано на шестгодишна возраст, а само една година подоцна започнува да учи во класата на неговиот татко во музичкото училиште во родниот град. На девет години ја добива наградата „Млади надежи “ на IV Интернационален натпревар „Музиката и земјата“ во Софија.

Во 2002 година, Величков настапува во салата „Бугарија“, а една година подоцна е солист со оркестарот на Државната опера во Стара Загора. Во 2005 година ги започнува студиите на Универзитетот за музика и уметности во Виена во класата на проф. Франц Цетл, а дипломира во 2011 година во класата на проф. Маркус Праусе. Концертно настапува во Бугарија, Полска, Кореја, Русија и Словачка. Во 2013 година на покана на бугарската амбасада и Културниот центар на Бугарија во Москва настапува на прославата на бугарската култура во главниот град на Русија. Димчо Величков настапува солистички, но и како дел од различни камерни состави соработувајќи со Клара Шуман-флејта, Улјана Левит-сопран, Фулвио Бертосо и Ина Петкова-виолончело, Маико Еномото-виолина, Михо Јамамура-пијано.

Од 2017 година е ангажиран како професор по пијано на Конзерваториумот „Франц Шуберт“ и на приватната музичка школа „Шмид и Цетлман“во Виена.