Новост

Мошук: Судбината на уметникот е да им донесе радост на сите луѓе во светот

10.07.2018

SHARE

Без какви било посебни побарувања околу нејзиното сместување и настапот на фестивалот „Охридско лето“ големата оперска певица  Елена Мошук денеска ќе пристигне на скопскиот аеродром, по што ќе биде сместена во апартман во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид.

Романско-швајцарската сопранистка Мошук која има репутација на еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот, доаѓа првпат во Македонија и вели дека е  многу возбудена што ќе го отвори фестивалот „Охридско лето“  за кој слушнала дека е важен настан во регионот.

– Знам дека многу популарни музичари биле често поканувани и секогаш доаѓале со огромно задоволство да музицираат на овој популарен фестивал во Европа. Дури и јас имам  некои подалечни роднини во Охрид и среќна сум  што ќе пеам за нив и за сите луѓе.  Судбината на уметникот  е да им донесе радост на сите луѓе во целиот свет,  и сум благодарна што сум поканета на  еден ваков прекрасен фестивал. Тоа е голема чест, вели оперската дива Елена Мошук.

Романскиот тенор со неверојатно активна концертна кариера,  Калин Братеску, кој ќе настапи на свеченото отворање заедно со Мошук, пристигна во текот на вчерашниот ден.

Двете оперски ѕвезди , под диригентската палка на маестро Николае Молдовеану, а во придружба на оркестарот на Македонска филхармонија, на 12.јули, на Антички театар, со почеток во 21 часот, свечено ќе го отворат годинешното 58-мо по ред издание на фестивалот „Охридско лето“.

„Охридско лето“  заедно со уметниците, спектакуларниот почеток на фестивалот ќе го најават на утрешната прес-конференција што ќе се одржи во хотелот „Инекс Горица“, по што претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов кој е покровител на фестивалот „Охридско лето“, ќе приреди свечен прием во вилата „Билјана“ во Охрид.