Новост

Музичкиот калеидоскоп на маестро Гекиќ создаде уште една магична ноќ на „Охридско лето“

11.08.2020

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Квалитетната музичка програма на 60-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ се повтрди и вчеравечер со маестрален настап на пијанистот Кемал Гекиќ што се одржа во црквата „Света Софија“.

Хрватскиот уметник кој ужива светско реноме во светот на класичната музика, покажа оригиналност, силина во интерпретацијата и виртуозност над пијаното, и со посебно одбран репертоар за „Охридско лето“, ја остави без здив публиката која повеќе од два часа со огромно внимание го следеше концертот.

-Перфектно се чувствувам по мојот настап. Ова беше навистина исклучителна и необична ноќ. Што се однесува до репертоарот, тој беше креиран специјално за фестивалот „Охридско лето“.
Се работи за контраст на идеи за животот, за смртта, за радоста и тагата. Оваа програма заокружи голема географска целина, од латино-американска музика, преку Бетовен, Шопен, Бах, до „Унгарските рапсодии “ на композиторот Лист.

      

 Бурните и долги овации на љубителите на класичната музика резултираа со три биса кои перфектно одзвучија под акустичните сводови на катедралата „Света Софија“. -Публиката имаше можност да слушне две за нив непознати композиции, од кубанските композитори Хозе Марија Витиер и џез композиторот Еднан Лопез Муса, а третиот бис беше Шуберт со Серенада со обработена за пијано изведба, додаде Гекиќ.

Маестро Гекиќ неколку пати во 80-ти и 90 тите години на минатиот век гостувал на „Охридско лето“. Во светот е познат како еден од најдобрите интерпретатори на музиката од Франц Лист.