Новост

Националната Опера и Балет со Гала оперски концерт на „Охридско лето“

15.07.2019

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Националната Опера и Балет на Република Северна Македонија вечерва во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе приреди Гала оперски концерт.

Концертот ќе се одржи во Предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Националната Опера и Балет опстојува во континуитет веќе 72 години. Основана е во 1947 година во рамките на тогашниот Македонски народен театар, кој сѐ  до 2004 г. имаше три ансамбли: драма, опера и балет. Со акт на Владата на Република Македонија, официјализирана е како самостојна Национална установа во 2004г. со назив: Национална установа „Македонска опера и балет“, а од минатата година преименувана во Национална установа, „Национална Опера и Балет“, со седиште во Скопје.

Своите почетоци ги реализира со тогашните расположиви професионални кадри, надополнети преку аудиции со членови од аматерските оркестарски и хорски ансамбли.

Со доаѓањето на светски познатиот диригент Ловро Матачиќ, започнува подемот на операта. Се комплетираат оркестарот, хорот и солистичката екипа и почнува да се реализира разновидна репертоарска политика, со назнака на т.н. „железен репертоар“.

Овие услови овозможуваат развој и квалитет на ансамблот, што од друга страна придонесува за можност од претставување на истиот и надвор од границите на Македонија, во сите тогашни центри на поранешна Југославија (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад), исто така и во странство: Лоѓ (Полска), Нирнберг (Германија), Стразбур (Франција), Букурешт (Романија), Софија (Бугарија), Тирана (Албанија) и др.

Растот и развојот на Националната опера и балет придонесуваат за поголем интерес и посетеност од страна на публиката, што било потстрек во 1972 година да се востанови фестивалот „Мајски оперски вечери“. Овој фестивал е еден од ретките оперски фестивали во Европа. Годинава тој се одржа по 47. пат, што навистина претставува бројка за почит. На фестивалот, но и во тековниот репертоар на куќата, гостувале врвни оперски уметници од целиот свет.

На фестивалот „Охридско лето“ редовни гости се солистите, диригентите и ансамблите на нашата опера и балет. Впрочем, првиот настан на „Охридско лето“ на 4 август во далечната 1961 год. е солистичкиот концерт на нашата Примадона Aна Липша – Тофовиќ – мецосопран.Тој податок кажува доволно за посветеноста и респектот што ансамблите на „Националната Опера и Балет“ го имаат кон фестивалот „Охридско лето“.