„Нови бои на минатото“ –неверојатен спој на саксофон и хармоника

19.08.2017

SHARE

Невообичаен спој на саксофон и хармоника донесе синоќа фестивалот „Охридско лето“ со концертот на дуото „Алиада“. Публиката уживаше до последната композиција и ја продолжи пријатната вечер во црквата „Света Софија“ враќајќи ги уметниците на бис-изведба.

Двајцата малади музичари, саксофонистот Михаил Кнот и хармоникашот Богдан Лакетиќ во Охрид го донесоа проектот „Нови бои на минатото“ со стари композиции од барокот до 20-от век, но со нивни аранжмани прилагодени токму за овие два инструменти.

-„ Нови бои на минатото“ се нарекува затоа што свириме композиции од барокот до 20-от век, секако тоа се стари композиции на некој нов начин, првенствено заради спојот на саксофон и хармонија кој е релативно нов.
Бидејќи нашите инструменти се млади и постојат стотина години, композиторите немаа можност да компонираат за нашите инструменти, така што кога ние сакаме да свириме мора да аранжираме композиции за нас. Секако има композитори кои пишуваат за нашите инструменти и тие се во нашата програма. Ние сме меѓу првите, ако не и први, кои правиме комбинација на овие инструменти кои даваат некои нови звуци и нови музички можности, изјави уметникот Лакетиќ.

Според него, публиката која го следеше овој настан беше прекрасна што беше дополнителен стимул за одличниот концерт.

– Јас сум од Србија и уште од мал слушав за „Охридско лето“. Сметам дека тој е еден од најголемите фетивали на Балканот и бевме премногу среќни кога добивме покана од фестивалот за да настапиме, исто така поддржани од Австриската амбасада, додаде Лакетиќ.

Од нивното формирање во 2013 година, дуото „Алиада“ веднаш станува впечатливо во светот на класичната музика, што резултира со бројни концерти насекаде низ светот. Во минатата сезона остваруваат повеќе од 80 настапи на пет различни континенти во престижни концертни сали како „Карнеги хол“, „Музикферајн“ во Виена, „Тонхале“ во Цирих, театарот „Ермитаж“ во Санкт Петербург, Театарот дел Лаго во Чиле и многу други. Нивната кариера започнува со победата на натпреварот „Фиделио“ каде едногласно им е доделена наградата „Гран при“. Нивниот прв албум насловен „Нови бои на минатото“ се здобива со одлични критики, а Дуото Алиада е вклучено во програмата „Новиот австриски звук на музиката 2016-17“ финансирана од австриската влада.