Новост

Оперски арии вечерва на „Охридско лето“

30.07.2019

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Светски познатата оперска дива Инва Мула од Албанија вечерва ќе биде дел од музичката програма на фестивалот „Охридско лето“.  Концертот на кој ќе настапат и сопранот Дешира Крлиу, тенорот Ѓорѓи Цуцковски и пијанистот Генц Тукичи ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Инва Мула важи за една од најзначајните сопрани на денешницата. Родена во Тирана, започнува да учи пијано на петгодишна возраст, а пеење на 16 години, најпрво со нејзината мајка, а потоа и на Универзитетот за уметности во Тирана на кој и дипломира. Првата улога на сцената  и е Виолета во операта „Травијата“ која и ѝ  ги отвора вратите на операта во Тирана каде настапува во текот на следните 5 години. Триумфира на првиот натпревар организиран од тенорот Пласидо Доминго во 1993 година, по што нејзината интернационална кариера ќе започне да се движи во нагорна линија со настапи во оперските куќи во Авињон, Лос Анџелес, Бон, Вашингтон, Лирската опера во Чикаго како и „Метрополитен“ операта во Њујорк каде настапува во продукцијата на операта „Боеми“.  Во 1997 година со голем успех настапува во „Риголето“ како Џилда заедно со Лео Нучи во операта во Марсеј. Значаен момент во нејзината кариера е нејзината вклученост во филмот „Петтиот елемент“ на Лук Бесон каде го позајмува гласот за Дивата „Сина Лагуна“. Овој проект и носи интернационална слава и надвор од кругот на строгите оперски фанови.

Сопранот Дешира Ахмети е родена во Дебар. Дипломира на Академијата за уметности во Тирана во 1998 година, а подоцна во 2012 година магистрира на Музичката академија во Скопје.  По студиите станува член на ансамблот на Макдонската опера и балет дебитирајќи на сцената со улогата на Микаела во операта „Кармен“ во 2005 година. Потоа следат повеќе водечки улоги на сцената како Памина во „Волшебната флејта“, Неда во „Палјачи“, Сантуца во „Кавалерија Рустикана“, Лиу во „Турандот“, Леонора во „Моќ на судбината“, Антонија во „Хофманови приказни“, додека пак во Албанската опера во Тирана ја исполнува улогата на Доника во операта „Скендербег“ од Пренк Јакова. Подеднакво активна на концертниот подиум Дешира Ахмети настапува  со рецитали  и на концерти со оркестар во Скопје, со Македонската филхармонија и оркестарот на операта под диригентсво на Александар Лековски. Во  Тирана настапува со Оркестарот на РТВ Албанија, а во Приштина со Косовската филхармонија. Настапува во Хамбург и Берлин, Сплит и Шибеник, Тел Авив, Равена и Њујорк.

Македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а специјализира кај проф. Оливера Миљаковиќ во Виена. Магистрира соло пеење во класата на Борис Трајанов на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.Неговите меѓународни претставувања со бројни улоги  се на сцените во Италија во Козенца, Лече и Бриндизи, во Јапонија во операта во Осака каде што настапува како Алфред во „Травијата“, во Токио како солист во Симфонијата бр. 9 од Бетовен, во Националната опера во Белград, на оперскиот фестивал во Аспендос, Турција, како солист во Моцартовиот „Реквием“ со Софиската филхармонија. На различни оперски гала-концерти, Цуцковски настапува со Филхармонијата во Дубровник, со Сливенската филхармонија во Бугарија, во Џакарта како солист при гостувањето на оркестарот на Македонската опера и др. Во изминатите неколку сезони е чест гостин во оперските куќи во Италија- настапува на гала концерт на Фестивалот посветен на Белини во Античкиот театар во Таормина, настапува како Пинкертон на Фестивалот „Пучини“ во Торе дел Лаго, одржува солистички рецитал во Авелино, а ги пее тенорските улоги во „Набуко“ и „Мадам Батерфлај“ во Лече и Бриндизи. Во 2017 година со рецитал настапува во Шангај и е награден со златен медал на Фестивалот „Хшиан“ во Кина. Со рецитали се претставува во Њујорк, Виена и на фестивалот „Епидаурус“ во Хрватска.

Цуцковски остварува гостувања во: Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Русија, Португалија, Германија, Швајцарија, Италија, Албанија, Австрија, Индонезија, Јапонија, Кина, Кореја, Хрватска и др. Цуцковски е првенец на Македонската опера, а предава пеење на ЕСРА-Интернационален универзитет за аудио-визуелни уметности во Скопје.

Албанско-францускиот пијанист и композитор Генц Тукичи редовно настапува со Инва Мула, а како композитор има напишано бројни дела за соло пијано, пијано и оркестар, како и неколку парафрази на оперски теми од Пучини, Верди и Офенбах.