Новост

ОПШТИНА ОХРИД ДОДЕЛИ ПОСЕБНО ПРИЗНАНИЕ ЗА НУ „ОХРИДСКО ЛЕТО“ ЗА ДОСТИГНУВАЊА ВО ОБЛАСТА НА КУЛТУРАТА

04.12.2020

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Советот на Општина Охрид на денешната 52-ра седница донесе Предлог одлука за доделување на посебно признание на НУ „Охридско лето“ за достигнувања во областа на културата во изминативе 60 години.

,,Охридско лето“, години наназад ja испраќа уметничката  порака на нашата духовна престолнина ширум светот.  Од првиот одржан концерт на 4 август во далечната 1961 година во катедралната црква „Света Софија“ па до ден денес,  на сцените на овој древен град, градот на Светите Климент и Наум и лулката на словенската писменост и култура, продефилираа бројни уметници од целиот свет. Меѓу нив и најголемите, најзначајните , најславните.

Н.У „Охридско лето“ 60 години ја негува традицијата на  возвишени и успешни изданија  кои нудат совршенство на класичната музика и театарот. Фестивалот  изминативе години од своето постоење ја потврди и неговата меѓународна репутација и се вгради во европските културни текови кои овозможуваат простор за значајни уметнички достигнувања.

Како еден од најпознатите фестивали во светот,,Охридско лето“ има огромна вредност за македонската култура, но и обврска тоа да се задржи, односно продолжи и во годините кои следат зголемувајќи ги вредностите и успесите.

„Охридско лето“  е еден од главните чинители на музичката и театарската култура на земјавапромотор на националното музичко творештво и амбасадор на македонската уметност во светот.

Ова за нас е значајна награда, признание за долгогодишните културни достигнувања, признание на заслугите на сите кои допринеле Фестивалот да е светски признат и вреднуван. Со достојна почит и респект изразуваме благодарност до сите светски и домашни уметници кои повеќе од половина век ја испишувале фестивалската историја, до сите оние кои го граделе и се радувале на успехот на најзначајната културно музичко-сценска манифестација. Продолжуваме да чекориме по тој пат со ветување дека овој сценски простор и натаму ќе биде духовен светилник, магично, волшебно огледало и достоен репрезент на уметничките дострели, простор над кој бдее светиот дух на Свети Климент и Свети Наум, вели директорката на „Охридско Лето“, Наташа Поповиќ.

Охрид  градот на УНЕСКО, од 12-ти јули до 20-ти август, 60- години е центарот на уметничките дострели, обележје на културниот идентитет на најдоброто творештво на меѓународно ниво.

На фестивалската сцна настапиле славните имиња како: Боб Дилан, чиј петдецениски влог во американската музика се совпадна со петдецениското постоење на Охридско лето, славниот диригент Зубин Мехта  со реномираната Израелска филхармонија, Џорџ Бенсон, еден од најпознатите џез и фанк гитаристи во светот,  легендарниот Брајан Фери заедно со неговата група “Рокси мјузик”, македонскиот музичар со светска слава, Дуке Бојаџиев, македонскиот гитарист Влатко Стефановски, светски познатиот тенор Хозе Карерас, звездата Барбара Хендрикс , маестро Зубин Мехта еден од најпознатите диригенти на светот, американската оперска дива, Џеси Норман, американската виолинистка Сара Ченг, светски познатото оперско име Инва Мула, маестро Борис Трајанов, познатата виолончелистка од Русија, Наталија Гутман, Џорџ Бенсон, еден од најпознатите џез и фанк гитаристи во светот, светски познатиот композитор Енио Мориконе, славниот руски пијанист и диригент  Михаил Плетњов, познатиот британски виолинист Нејџел Кенеди, македонскиот гитарист Влатко Стефановски, нашиот најпознат пијанист Симон Трпчевски, еден од најдобрите светски пијанисти, русинот Борис Березовски, светски познатиот баритон Дмитри Хворостовски, култниот виолинист  Роби Лакатош, полскиот композитор Кшиштоф Пендерецки ( концертот со Македонската филхармонија прогласен најдобар музички настан во земјава ), светски познатата оперска дива Елина Гаранча, славниот пијанист  Иво Погорелиќ, италијанските оперски ѕвезди, сопранистката Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи, маестралниот светски пијанист Максим Мрвица, познатиот руски виолинист Максим Венгеров, уникатниот и неповторливиот пијанист Фазил Сај, легендарниот џез-трубач Артуро Сандовал од Куба, светската виолиниска Ванеса Меј и многу други звучни имиња.

„Охридско лето“ е активен член на Европската Асоцијација на Фестивали (EFA). На Лисабонскиот самит „Охридско лето“ беше меѓу најдобрите на европската културна сцена. Звучните светски имиња и успешната традиција од 60 години  го искачија на високото трето место во оваа културна Асоцијација. Ова е само потврда дека Фестивалот е надалеку познат и признат, ценет од европската елита, еден од најстарите и најпочитуваните фестивали во тоа семејство.

Охридско лето и во годинава кога сме соочени со светската Пандемија ковид-19 покажа дека е пример како треба да се организира и реализира една врвна манифестација продолжувајќи ја традицијата во која се вреднуваат културните дострели. Коронавирусот не влијаеше врз квалитетот на програмата со која достојно се одбележаа 60 успешни години.

Реализацијата на фестивалските вечери се одвиваше по строго утврдените протоколи и мерки дадени од Комисијата за заразни болести и насоките на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Реализирани 36 настани со домашни и светски уметници без ниту едно откажување со приоритет на нашите македонски уметници, оркестри, театарски куќи кои се столбот на нашата уметничка вредност. Странските уметници пак и покрај строгите протоколи за влез и излез со нивните матични земји го прифатија предизвикот да настапат на нашата најголема музичко сценска манифестација.

Горди сме што во време кога бројни манифестации се откажаа „Охридско лето“ успеа беспрекорно да реализира едно културно збиднување на врвни уметнички вредности на класичната музика и театарот. Горди сме што Фестивалот покажа свесност, совесност и одговорност.  Не радуваат позитивните критики од сите љубители на уметноста кои го посочија „Охридско лето“ за пример на организатори во време на корона кризата, вели Поповиќ.