Новост

„Охридско лето“ во знакот на романтичната музика

28.07.2018

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Романтична Вечер на Европската унија со австрискиот маестро Роберт Лербаумер, еден од најпрестижните пијанисти приреди синоќа фестивалот „Охридско лето“ во црквата „Света Софија“.

Уште на самиот почеток од концертот, префинетиот пијанист Роберт Лербаумер, еден од најпрестижните пијанисти најави дека на подиумот во Света Софија музицира уметник од светски ранг кој умее да ја восхити публиката.

-Воодушевен сум од ова магично место. Не само како изгледаше, туку и како звучеше. Акустиката беше совршена. Со моите очи ја почувствував магичноста, со ушите одличната акустика, но и пијаното исто така беше многу добро. За публиката, да не зборувам, таа беше многу топла, изхави Лербаумер.

На програмата беа дела од Франц Лист,Франц Шуберт, Јоханес Брамс, Франц Шуберт, Готфрид фон Ајнем  и Роберт Шуман.

-Преку програмата сакав да им испратам на луѓето во Охрид и на фестивалот поздрав од Австрија и затоа репертоарот беше избран да биде романтичен, рече маестро Лербаумер кој првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“.

Австрискиот пијанист Роберт Лербаумер својата кариера ја започнува на само деветгодишна возраст, кога се појавува на музичките сцени во Австрија, Германија и Швајцарија. Оттогаш неговите настапи (најпрвин како пијанист, а подоцна и како диригент и оргулист) стануваат сè почести и го водат во речиси сите европски земји, каде што соработува со најпрестижните светски оркестри. Паралелно со пијанистичката дејност, Лербаумер успева да се прослави и како одличен диригент и оргулист.

Како солист настапувал со диригентите од светски ранг: Клаудио Абадо, Јехуди Менухин, Андре Превин и др., а соработувал и со истакнати изведувачи како: Волфганг Шнајдерхан, Фридрих Гулда, Волтер Бери, Антон Дермота. Редовен учесник е на фестивали, има направено и повеќе снимки за радио и телевизиските станици, а неговата музика е документирана и на грамофонски плочи и компакт-дискови.

Лербаумер постојано одржува интернационални мајсторски курсеви во целиот свет. Моментално работи како професор на конзерваториумот „Прајнер“ во Виена. Добитник е на повеќе награди и признанија.