Новост

„Потполно нешто друго“ – врвно естететско доживување за публиката

17.08.2018

SHARE

Стоечки овации, восхит и креативен вознес  донесоа уметниците од словенечкиот состав „Балкан Нуево“ предводени од светски познатиот кларинетист Горан Бојчевски, Гудачкиот квартет од Македонија и Димитар Михајловски, соло виолина, кои синоќа музицираа во црквата „Света Софија“ во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Во преполниот црковен амбиент беа изведени композициите од проектот „Потполно нешто друго“ . Станува збор за авторска музика напишана од Бојчевски со која овие уметници настапуваат на разни фестивали ширум светот.

-Секаде каде што настапивме со оваа музика наидовме на одличен прием, како што беше и синоќа. Бевме во Австрија, на елитни фестивали во Словенија, Германија…и насекаде добиваме стоечки овации, но овациите  синоќа беа најубавите за мене и ме допреа до срцето. Воодушевени сме од самата публика на „Охридско лето“ и  од самиот  настан воопшто.  Убаво е да си дома и да си добредојден. Во сите тие години, кога уметник ќе оди да живее надвор и кога повторно ќе се врати, со ваква публика добиваме потврда дека работиме добро и дека сме на вистинскиот пат. Огромна благодарност до организаторите и од срце се радувам на следна средба, изјави кларинетистот Бојчевски.

Уметниците велат дека уште од самиот почеток одлично се вклопиле во целиот проект, а потврда за тоа, како што додаваат, е одличниот прием кај публиката.

-Многу сум благодарен на селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Васо Ристов зашто ни овозможи нам, македонските уметници, да направиме нешто добро. Ова ни е прв заеднички концерт со „Балкан Нуево“ и со Гудачкиот квартет од Македонија, но сигурен сум дека има уште многу вакви концерти зашто уште од самиот почеток одлично се вклопивме, вели Димитар Михајловски, соло виолина, кој беше дел од концертот.

Проектот „Потполно нешто друго“што беше претставен синоќа пред фестивалската публика ги опфати композициите „Балкански циркус“, „Импресија”, „Подемот”,„Грешка”,„Прелудиум за југ”, „Танцот”,„Клезмер за 2”, „Мементо мори”, „Валцерот на седумте велови”, како една од најпознатите македонски народни песни „Зајди зајди” ,исто така во аранжман на Горан Бојчевски.

Словенечкиот состав „Балкан Нуево“ го сочинуваа кларинетистот Горан Бојчевски, хармоникашот Томаж Марчич, контрабасистот Јошт Лампрет и Јан Север на клавир. Во Гудачкиот квартет Македонија членуваат Владимир Цветковски – прва виолина, Диана Мирчевска – втора виолина, Илза Бафтиари- виола и Димитар Ангелов – виолончело.    Во рамките на „Охридско лето“, со овие два состави настапи и Димитар Михајловски – соло виолина.

Галерија: