Новост

Прекрасна вечер со делата на Хендл и барокните инструменти на ансамблот „Дорико“

22.07.2019

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Со посебен пиетет кон музиката на големиот германски композитор Георг Фридрих Хендл кој заедно со Јохан Себастијан Бах се најзначајните претставници на музичкиот барок, ансамблот „Дорико“ од Италија синоќа на фестивалот „Охридско лето“ приреди Омаж на Хендл.

Концертната програма ја сочинуваа сонати, како и арии и дуети од оперите на барокниот великан, а  публиката во црквата „Света Софија“ уживаше во извонредниот настап на мецосопранот и виолинистка, Даниела Нуцоли, во прекрасниот глас со лирска убавина на мексиканскиот тенор Раул Хернандез, како и во музицирањето на виолинистката Клодијана Балбо, виолончелистот Алесандро Де Феличе и Џованимарија Перучи кој совршено владееше со чембалото.

Основач и диригент на ансамблот „Дорико“ е Даниела Нуцоли, која освен што плени со оперскиот настап како мецосопран во хенделовите арии и дуети, покажа и маестрална техника на барокната виолина.

-Огромна е честа што сме поканети да настапиме на фестивалот „Охридско лето“.Охрид е прекрасен град, луѓето се пријатни и културни, така што се чувствувам како да сум дома. Изненадена сум од „Охридско лето“. Толку голем фестивал, а беспрекорна организација. Оваа вечер ја посветивме на Хендл бидејќи е голем композитор. Го сакам зашто го претставува италијанскиот дух на многу хармоничен начин. За мене беше голем сон да му оддадам почит на овој композитор чиј дух го чувствувам и вечерва, овде во црквата „Света Софија“, изјави маестралната Нуцоли по завршувањето на вчерашниот концерт.

Ансамблот „Дорико“ настапува на барокни инструменти почитувајќи ги историските практики на интерпретација. Членовите на овој состав свиреле во некои од најзначајните оркестри посветени на стара музика како: „Џардино Армонико“, „Еуропа Галанте“, „Талент Лирик“, „Академија Бизантина“ и се посветени на популаризација на ваков тип музика, како и на откривање дела од ваков репертоар. Забележителни се и нивните настапи на голем број интернационални и национални фестивали.