Новост

Претставата „Човек ѕвер и доблест“ премиерно на Охридско лето

23.08.2020

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Во рамките на драмската програма, вечерва на Охридско лето, Театар Комедија ја носи претставата „Човек ѕвер и доблест” од Луиџи Пирандело во режија на Егон Савин. Улогите во претставата ги толкуваат Атанас Атанасовски, Сашо Ристовски, Тони Денковски, Сашка Димитровска, Жарко Димоски, Кристина Ласовска, Жаклина Стевковска Дрнасин и Ева Скендеровска. Претставата ќе се игра на сцената на Долни Сарај со почеток од 22 часот.

Режисерот Савин за авторот Пирандело вели дека долго пишувал, поминувајќи ги сите фази – од натурализам преку експресионизам и футуризам до авангарда – но во сите свои дела тој секогаш се занимава со „кризата на моралот“. Лагата и лицемерството е невозможно човековиот однос да го измери, не постои човек што не посегнал по лагата за да ги прикрие своите пороци и слабости. Пиранделовата лична и литерарна слобода се состои во тоа работите да ги нарекува со свое име.

Во современиот театар има изобилство претстави кои зборуваат за човекот кој се конфронтира со власта, полицијата, војската, бирократијата… Но што се случува со човекот кој е загрозен од своите сакани, од оние што му се најблиски?

Семејната драма е најдобра драма. Секогаш неочекувана, никогаш отворена, секогаш мимикрирана, маскирана со ритуалите на семејниот живот. Понекогаш оваа игра има маска на пријателство, нежност, еротска љубов, грижа и пожртвуваност.

Овие „маски“, овие ритуали на секојдневниот живот им овозможуваат на луѓето колку-толку поднослив живот, без крв. Таквиот живот по одредено време резултира со презир и омраза кон себеси, резултира со меланхолија, со лудило…

Егон Савин е редовен професор на Катедрата за режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Савин има режирано околу стотина претстави во сите значајни театарски куќи низ цела бивша Југославија, како и во Унгарија и во Италија. Неговите претстави се играат насекаде низ светот, а добитник е и на голем број домашни и меѓународни награди за режија.

Претставата „Човек, ѕвер и доблест“ (Л. Пирандело) му е трета режија во Северна Македонија. Во средината на деведесеттите години Савин работеше на претставите „Злосторство и казна“  и „Лаж и Паралаж“, поставени во МНТ – Скопје