Новост

Префинета и атрактивна изведба на младите француски уметници Кристоф и Мусат

11.08.2019

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

На 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ публиката проследи уште еден возбудлив концертен настап на двајца млади и шармантни музичари од Франција. Во рамките на традиционалната Француска вечер на фестивалот синоќа настапија кларинетистот Жо Кристоф и пијанистот Вансан Мусат.

Вечерта исполнета со пријатните звуци на пијаното и кларинетот започна со соната за овие два инструменти од францускиот композитор и пијанист Франсис Пуланк,а потоа прозвучија префинети хармонски и звучни бои од Првата рапсодија на Клод Дебиси. На вчерашниот репертоар се  најдоа и шесте пиеси за пијано „По брановите“ од Анри Дитје. Одличната програма беше заокружена со Фантастичните пиеси на Роберт Шуман и Соната за кларинет и пијано број 1 од Јоханес Брамс.

-Имавме долга програма, но уживавме во сите дела што ги отсвиривме. Црквата „Света Софија“ е навистина прекрасна и акустиката беше одлична. Ни беше огромно задоволство што свиревме тука. Со Жо сме пријатели целиот живот, но првпат се соединуваме во дует и се надевам дека повторно ќе имаме прилика повторно да свириме заедно, изјави пијанистот Мусат.

Кларинетистот Жо Кристоф освен што музицираше заедно со Мусат, вчеравечер мошне виртуозно го долови и  Омажот на Клод Дебиси за кларинет соло.

-Навистина уживавме при нашиот настап на фестивалот. Публиката беше одлична и многу приемчива, рече Кристоф.

Француската вечер на фестивалот „Охридско лето“ е традиционална и се одржува секоја година со поддршка на Амбасадата на Република Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје.