Новост

ПРИЗНАНИЕ НА УМЕТНИЦИТЕ, ПУБЛИКАТА И ФЕСТИВАЛОТ ,,ОХРИДСКО ЛЕТО”, 2020 – година -Трет дел

08.10.2020

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Голема благодарност до сите љубители на музичката уметност и сите читачи на концертните приказни од фестивалската приказна „Охридско лето“, 2020 година.

Почитувани!
Ви се обраќам, со особена почит, за вашето следење на фестивалот и вашата поддршка, многу значајни за уметниците – изведувачи, но и за мене – како нивни раскажувач. Уметниците го заслужуваат најголемото внимание, зошто: наградните аплаузи – траат неколку минути, сензацијата – трае неколку денови, додека пишаниот збор е траен белег за нивниот настап и остварената уметност.
Музиката, создадена и дарувана токму од нејзиниот Творец, до нас ја пренесуваат неговите гласници: композитори и изведувачи. Нејзиниот универзален јазик, со бескрајна моќ и влијание, има единствен универзален превод, разбирлив за сите, а се вика Љубов. Тоа ја прави музиката возвишена, а нејзините гласници се избраници од бескрајната интелегенција. Нив, со најголем благослов им е дадена значајна мисија, во која секој се внесува со љубов и со љубов се изразува. Таквите претставувања заслужуваат со љубов да ги поддржуваш и со љубов да зборуваш за нивното остварено дело. Само тогаш музиката е вистинска и чиста. Секое друго толкување е искривување на нејзината естетска вредност.
Мир и љубов!

Голема благодарност до фестивалот ,,Охридско лето” и неговиот директор г-ѓа Наташа Поповиќ

  • Импресии од концертните настани од професор Павлина Нечевска Јосифова

 

 

КАМЕРЕН ОРКЕСТАР НА МУЗИЧКА МЛАДИНА НА МАКЕДОНИЈА ,,САША НИКОЛОВСКИ – ЃУМАР”

КОНЦЕРТ – ,,МЛАДОСТ – РАДОСТ”

 

Музичката младина, традиционално, го оправдува своето присуство во програмата на брендот “Охридско лето”.
Низ нивниот времеплов, на настапи, секогаш водени од извонредни диригенти и педагози, поставувале совршени ревии на извонредни креации, од мајсторите на нашите и странски едукативни центри. Така, ги промовираат, најчесто, нашите инструменталци, но и солисти од други средини. Тие создаваат уметници, кои денес се наши Амбасадори, по светските сцени и институции.
Ние, музичките педагози и изведувачи, не се откажуваме од нив и не ги испраќаме со карта во еден правец. Тие, во секоја прилика и покана, постојано се меѓу нас, за да ги оправдаат нашите заложби и да ни ја наполнат душата. Има ли поголема љубов од чувството радост???
Нема!!!
Радоста е најголемиот степен на љубовта!!!
Во последниве три години, овој оркестар, воден од извонредниот инструменталист, педагог и диригент – Олег Кондратенко, со солистите кои си ги враќаме на гостување кај нас, ни ги овозмозуваат чувствата на восхит и радост.
Синоќешниот концерт, со многу сериозна камерна програма, како и солистичкиот предизвик – Моцарт, кај солистот, беа ставени пред најголемиот испит. Нивниот настап беше на отворено, што е голем хендикеп за нивната меѓусебна соработка, синергијата со публиката и повратни акустични одблесоци, тоа што успешно го остварува внатрешната прегратка и душата на храмот “Св.Софија”.
Младите не признаваат препреки. Тие, сигурни во концепциите на програмата, нејзините подготовки со авторитетот и инструкциите од својот професор, совршено музицираа. Што би рекол нашиот народ: Што знаат младите за тешко „на рамо и дома“!!!
Е тоа и ни го претставија: на рамо инструментите, во глава и прсти камерната литература и на големиот предизвик – одлично одговорија. Тие, многу успешно, Не понесоа низ сите приказни, но овој пат, со акустични одблесоци од надворешната аура на храмот ,,Св.Софиха”, кои лебдеа како светлосни балони.
Солистот, Ѓорѓи Петровски – виолина, нашиот Амбасадор, своето образование (средното и високото), одлично го реализира кај проф. Олег Кондратенко. Но како многу љубопитни изведувачи, во потрага по нови школи, практики и искуства, својата надградба ја специјализира надвор од нашата земја. На синоќешниот настап, како наш гостин, ни го овозмози Моцартовото мајсторство, со сиот негов препознатлив брилијантен печат, со висок интелектуален и изведувачки манир, низ јасната форма, содржина, врвните солистички обраќања во каденците како и силната естетска порака, за едниот претставник од светото тројство на класицизмот; Хајдн – Моцарт- Бетовен.
Како што бидува во традицијата, солистот кој потекнува точно и од овој оркестар, така и оваа година, не почести со лидерската дејност, концерт-мајстор, со која ги исполни сите коресподенции и сугестии меѓу диригентот и оркестарот, повторно со повремени соло интерпретации.
Камерниот оркестар, во континуитет на целосното владеење и професионални интерпретации и во вториот дел љубопитно Не понесоа низ приказните на сите автори од програмата.
Публиката не остана рамнодушна на младата енергија, полна со живот, ентузијазам, дисциплина, професионален манир, што за жал, кај младите генерации во повеќе области се губат таквите вредности и љубовта, како посебна доблест во нивното владеење.
Секако бевме почестени со награден бисер од нашиот автор Марко Виденовиќ. Младите професионалци, со многу расположение и темперамент, ни го отсликаа портретот на авторот, кој беше и претставен пред одушевената публика.
Концертот “Младост – Радост”, испрати порака, преку отворениот Портал пред величенствениот храм, до бескрајната интелегенција, со ветување дека нивната дејност ќе ја оправда сета взаемнита синергија; автор-изведувач-публика, во триаголната пирамида на радоста, упатена кон творецот!!!

Ви благодарам Музичка Младина, проф. Олег Кондратенко и фестивалот ,,Охридско лето”.

 

 

ПРОФЕСИОНАЛЕН МЕШАН ХОР „ПРО АРС“

САШО ТАТАРЧЕВСКИ – диригент

,,ЅВЕЗДИТЕ ОД ПРАВОСЛАВИЕТО”

 

Вокалната музика е најстарата традиција во музичката уметност, воопшто. Таа, во хорската, духовна и световна област, низ сите творечки периоди, ја има остварено богатата литература. Инаку, духовното творештво, диктирано од римокатоличкото и византиското христијанство, претставува најпривлечен предизвик за неговите изведувачи. Во православната служба, пеењето е во a capella стил, (капела-мала црква), додека, во католичката и протестанската служба, пеењето е со инструментална придружба, како би се огласило во големите катедрали.

Хорот ,,Про Арс”, со нивниот уметнички раководител, диригентот, проф. Сашо Татарчевски, во концертната програма, на овогодинешниот фестивал ,,Охридско лето”, понудија, исклучиво, духовни композиции во a capella стил. Изборот, автори и дела, е многу студиозно подготвен и реализиран, точно од земјите во кои православната традиција го достигнува и одржува зенитот на хорското творештво и традиција. Тоа се претставници од Русија (А. Јонафан, С. Рахмањинов, П.И. Чајковски, П. Чесноков, А. Шнитке; Македонија (К. Македонски, Т. Зографски); Украина (М. Леонтович, Ј. Фалик, О. Манулјак); Србија (М. Говедарица); Бугарија (П. Динев) (редоследот го напишав според програмата м. з.).

Концертот, успешно ги оствари своите форми на пеење; колективно-хорско, со извонредно моделиран камерен апарат од дваесет, млади професионални учесници, но секако дека изворот од богослужбата помеѓу свештеникот и верниците – хорот, уште при првата композиција, беше магично остварен со респонзоријалното – наизменично пеење од солистот и хорот.

Хорскиот звук, овој пат под отворено небо, пред храмот ,,Св.Софија”, а не во неговите внатрешни прегратки, во кои треба акустички да ги поддржи и помилува гласовите, како што е редот за овој стил на a capella интерпретација, беше остварен со знанственост, мудрост и интелектуална култура. Немаше никаков хендикеп дека настапот се одвива надвор, претходно, со нов начин на подготовки, заради состојбите во кои се наоѓаме, како и потребна дистанца, меѓу учесниците, во текот на изведбите.

Проф. Сашо Татарчевски, исклучителен диригент, со посветена дејност и умеење, успешно ги пренесе своите извонредни концепции, својствени за овој стил, очигледно, нему многу драг. Неговата максимална ангажираност, во водењето и сугестивното влијание, низ јасната мануелна техника, ги оствари сите креативни интерпретации на програмата. Сите дела, без оглед на своето потекло и авторските средства, остварија заемен континуитет во оформувањето на импозантното виножито под кое, сите тие, го обединија колоритот на спектарот од бои. Само христијанската философија, формула во ваквото творештво, може да ја постигне таквата магична целина.

Хорскиот, камерен колектив, составен од одлични гласови, одговорни и предадени во својата дејност, и при најсложената a capella репродукција, одговорија со беспрекорна интонација и усогласени хармонии, со расчистени и совладани вокални техники, низ јасната дикција од текстот. Тие и овој пат, го потврдија својот атрибут – Амбасадори на хорската уметност.

Солистите: Јане Дунимаглоски и Мартин Блажевски, лидери- свештеници во респонзоријалната форма; Изабела Димовска и Елена Васова, лидери-ангели во истата форма, моделирани од мајсторството на нивниот диригент, прекрасно ги обоија ѕвездите од виножитото пред храмот ,,Св.Софија”. Тие, во дијалогната форма со хорот, со перфектна компактност, сосема природно, не бегајќи од воедначениот спектар на бои, зрачеа, изнијансирано и со многу вкус. Сите солисти ја остварија магичната моќ на убавината и топлината на камерните, вокални гласови, што е привилегија во духовната литература.

Диригентот со изведувачите, сите водени од заемната љубов, ја освоија воодушевената публика. Таа, не остана рамнодушна пред приказот на совршена естетика, низ покриеното-заокружено пеење, својствено за школуваните, благородни гласови, насенчани со привлечни динамични нијансирања, ниту пак ги сокри чувствата и емоциите на волшебното уживање. Универзалната синергија автор – изведувачи -публика, ја заокружија пофалните аплаузи, овации и достоинствениот поклон, во знак на благодарност, упатени до Творецот, токму преку отворениот портал пред храмот.

,,Вистинската уметност останува за вечност”, Бетовен.

Благодарност до соѕвездието, хорот ,,Про Арс”, нивниот диригент Сашо Татарчевски и до фестивалот ,,Охридско лето”.

 

 

,,КОНЦЕРТ НИЗ ЗЕМЈИТЕ НА АВТОРИТЕ“

МАРИЈА ЃОШЕВСКА – пијано, МАКЕДОНИЈА

 

Постоењето на музиката како уметност, која го води човекот кон убавото и возвишеното, е неоспорна творевина. Но на прашањето – Каде се крие нејзиното духовно богатство и вредност? – најдобро Ни одговараат нејзините изведувачи, пренесувачи на универзалното во неа.

Пијаниската, проф. д-р Марија Ѓошевска, на фестивалот ,,Охридско лето”, понуди студиозно подготвена програма. Таа, овој пат, Не понесе на патување низ земјите на авторите од програмата, поаѓајќи од парискиот романтизам на Шопен, до македонското национално богатство – Томе Манчев, за повторно да Не врати во Париз, овој пат со имресионизмот на Равел, а на крајот, херојски да заврши, со полскиот Шопен.
Пијанистката Ѓошевска, од избраните валцери на концертот, многу успешно ја илустрира нивната елегантност, остварувајќи ја авторската цел, со неговите ,,контра валцери”, низ нивната стилизација, да создаде концертни бисери на мудроста. За многумина, поетот на пијаното се искажува само преку него, но Ѓошевска ни ја потврди авторската концепција дека покрај пијанистичката брилијантност, кај првите два валцери, изведена со сиот виртуозен израз, агогичка креативност на отпеаните – con anima фразирани мелодии, со богати хармонии и модулативни бои, низ развиенатата форма, маестрално ја истакна семоќната привлечност на пијаното. Авторската концепција во пијаното да ги смести инструменталните состави, беше одлично остварена, со гудачкиот квартет, кај третиот валцер, како и подвижноста на дрвените дувачки инструменти, во дијалог со оркестарот и пијаното, кај четвртиот валцер. Низ континуираната илустрација на валцерите, преку остварениот аристократски дух на г-дин Шопен, пијанистката Не пренесе во галантните концертните салони на Париз, во кои, секој дел од формата, отсликуваше портрети на различни ликови, огледани во декорот на огледалата.
Во следните две шопенови ноктурна, со особен субјективен белег на авторот, изразен исклучиво пијанистички, ги чувме сите расположенија, кога уметникот, сам во себе, си ја менува состојбата на чувствата, преточени во различните делови од нивната форма. Восхитен портрет на авторот, во кој пијанистката ги раскажа сите негови тајни, како плод на неговата природа.
Композиторот д-р Томе Манчев, во својата композиторска, современа техника, не признаваше граници, а неговата склоност кон импозантните оркестрации, се главен израз во неговиот портрет. Пијанистката Ѓошевска, познавајќи го авторот како свој професор и пријател, а при тоа и неговиот творечки израз и неговата природа, во интерпретацијата на неговата Соната за пијано, збогатена со сета оркестрација низ боите на оркестарските изведувачи, како и акустичните одбледоци од сите инструменти, ,,присутни” во храмот, го оствари авторскиот концепт, можностите на пијаното да прозвучат во ,,Симфонија за пијано”.
Повторното враќање во Париз, солистот Ни го приреди со францускиот импресионист Равел, кој инспириран од романтичните мајстори, особено Лист, ги создава оркестарскиот ,,La vals”, како и циклусот за пијано, ,,Благородни и сентиментални валцери”, бисерите во програмата на концертот. Тие, во нивниот стилизиран стил, низ развиените форми ги обединуваат романтичарските наследства, како фундамент на содржината, со вметнување и користење на новите импресионистички, виртуозни одбледоци, обоени со многу јасни и живи бои. Пијанистката Ѓошевска, во голем пијанистички манир, со испеани фразирања, во кои се насетува влијанието од таткото на импресионизмот – Дебиси, многу привлечно Ни ги отслика, со средствата на рафинираните – авторски изрази.
Шопен, во последното дело, овој пат од Полска, со неговата ,,Херојска полонеза” постави голем предизвик пред пијанистката, која на воинственото барање, без двоумење, одговори херојски, спремна да го активира сиот арсенал, како кај пијаното, така и во боите на оркестарот. Таа создаде одлична слика на триумфални најави за војна, која доби свој виртуозен развој, во средишниот дел, до одекот на трубата, во победничката, финална химна. Само Шопен е единствениот автор кој тоа го постигна на пијаното, но нашиот војсководец, Ѓошевска, од бојното поле – храмот ,,Св.Софија”, Не понесе на триумфалната Тврдина, како би ја доживеале помпезната слава. Полскиот Шопен, овој пат, остана во Охрид, заробен во срцата на одушевената публика, која со бурни аплаузи и овации, го испратија споменот на авторот во Полска.
Пијанистката, неуморна и расположена, Ни подари два биса од македонските автори, Панде Шахов и од, неодамна починатиот, проф. Благој Цанев, кристални бисери, изведени во голем сјај и со голема почит.

Благодарам Марија за најубавото патување. Вие на концертот бевте најдобриот ,,туристички” водич, низ земјите на авторите. Благодарност до фестивалот ,,Охридско лето”.

 

 

АВТОРСКА ВЕЧЕР НА КОМПОЗИТОРОТ ТОМЕ МАНЧЕВ

,,ПАТ КОН СВЕТЛИНАТА”

 

Синоќешната ВЕЧЕР ПОСВЕТЕНА НА КОМПОЗИТОРОТ ТОМЕ МАНЧЕВ, на фестивалот ,,Охридско лето”, е настан, со голема почит кон споменот на авторовиот портрет, творештво и неговата дејност. Воведното обраќање, од селекторката на фестивалот – проф. Даница Стојанова, го отвори светлосниот портал на космичките комуникации, меѓу Нас-битијата од различните димензии, точно во предворјето на магичниот храм ,,Св.Софија”, со едноминутно обраќање од сите присутни, испратено до неодамна починатиот д-р Томе Манчев. Неговото духовно присуство, беше остварено преку трансферот на изведувачите и модераторите, Маја Чанаќевиќ-внука на авторот, одличен ликовен уметник, која ги отслика сите цртежи на неговиот портрет; субјективни и надворешни биографски приказни, како плод на авторовата подвижна и неуморна амбиција и д-р Валентина Велковска – Трајановска, студент на авторот, која претстави студија на огромното творештво на авторот, класифицирано според творечките периоди и јазикот на изразувањето.

Да зборувам за Томе Манчев, мојот драг и почитуван колега и пријател, низ нашиот заеднички период од студенските денови до денес, ќе биде украден дел од неговата афирмирана и авторитетна личност и дело. Многуте генерации ученици, студенти, колеги, изведувачи и публика, поминале низ неговото виножито и просветлени ја продолжиле патеката на професионализмот.
Јас, денес, сакам да Ви ја откријам тајната на Томе. Тој имаше моќ да ги потиснува и вешто да ги сокрива своите емоции кон луѓето и настаните. Неговите љубови беа татковината, своите најблиски, своите професори, своите творевини, но најмногу од се – своите деца, учениците и студентите. Неговите чувства, кон нив, никогаш не ги споделуваше со транспарентни емоции, туку се однесуваше на свој, чуден начин. Беше секогаш строг и службен и меѓу нашите, дијаметрално-различни природи. Ме убедуваше дека јас ги расипувам младите (во некои случаи беше во право), а тој ги држи во стегната дисциплина, како би ги побудил во нивната одговорност и вреден труд кон работата (и овде имаше до некаде право, зошто често кажуваше дека тие знаат да злоупотребуваат). Се соживуваше со своите престроги критериуми, низ едукативниот процес кај младите, но на крај знаеше да го доживува напливот на радоста и задоволството, повторно сокриени, создадени од резултатите и успехот.
Неговата внатрешна љубов и масовна енергија, најтранспарентно го предадоа во неговото творештво, собрано по патот на најголемите истражувања и собирања низ најкомпетентните рудници. Неговото творештво, солистичко- инструментално и вокално, камерно и оркестарско, честопати е изразено со оркестарски третман на учесниците од партитурата, во поголемиот дел од неговото творештво, како плод на неговата импозантна творечка инвенција. Тоа одлично го оствари пијанистката Марија Ѓошевска, уште на претходната рециталска вечер, во храмот ,,Св. Софија”, пренесувајќи го сиот симфониски израз од својот професор Манчев. Ако сте информирани дека пијаниската свиреше Соната за пијано, Вие сте во голема заблуда. Таа беше диригент и изведувач на ,,Симфонија за пијано”, со сета оркестрација-збогатена и нијансирана со инструменталните, акустични одбледоци од сите инструменти, ,,присутни” во храмот.

Синоќешните изведувачи, сите ученици и студенти на авторот, со најголема подготвеност и одговорност, впрочем
како што секогаш биле пред него, изведоа само мал опус од неговото огромно творештво.
Марјан Милошевски-фагот, солистичкиот монолог и дијалог го претвори во камерен состав, во кој учесниците, низ богатите технички грифови и колоритноста низ регистрите, Ни ја претставија магијата на составот;

Весна Ангеловска-Христов-пијано, низ неговите минијатури Ни ја отвори авторската субјективност-љубовта, желбите, радостите и упатените пораки до младиот свет;

Горан Начевски-баритон и Елена Атанасовска-Ивановска-пијано, низ циклусот на баладата ги визуелизираа авторските концепции, низ мотото на детскиот свет и инструментот, раскажани од авторската перцепција за детската желба;

Камерното дуо-Љубиша Кировски-виолина и Маја Шутевска-Кировска-пијано, во Сонатата го остварија авторскиот извонреден концепт, кој овој пат од вокално, солистичко, ожалостено оплакување, прерасна во вокален, ламентозен колектив, во кој сите учесници, равноправно, дијалогизираа во отпеаните драмски одбележја на литургиското опело;

Антоние Весковски-оркестар од ударни инструменти и Весна Ангеловска-Христов-пијано, со извонредна атрактивна и виртуозна содржина, со голема прогресивна градација на изведбата, маестрално ја осветлија патеката кон светлината, низ која одекот од последните ѕвона, кај Весковски, го отпоздравија авторот, и овој пат задоволен, а Ние сигурни, дека замина во пресрет на светлосни битија. Со Нив, сигурно дека неуморно ќе соработува во новите димензии на универзалноста, оставајќи се тука духовно, во своето творештво, како сведоштво на неговото- безвремено постоење.

СЛАВА ТИ, ПРИЈАТЕЛУ МОЈ!

Благодарност до сите учесници, за блескавиот професионализам, и до фестивалот ,,Охридско лето”.

 

 

КОНЦЕРТ – “РАСКОШ”

ВИКЕНА КАМЕНИЦА – мецо сопран      МЕРИТА РЕЏА-ТЕРШАНА – пијано, Албанија

 

Да се биде уметник – треба да се биде слободен. Да се биде слободен – треба да се владее техниката на изведување. Да се владее технички – треба да се совладаат; образованието, работата и дисциплината. За да се обединат сите компоненти – треба да се има голем дар од Творецот, обдарен со голем музички потенцијал и љубов.
Солистот Викена Каменица – мецосопран, во соработка со Мерита Реџа-Тершана – пијано соработник, Ни претстави боженствена уметност, изразена со исклучителни; дарба, техника, магичен шарм и привлечна слобода.
Публиката на фестивалот “Охридско лето”, ја имаше ексклузивната привилегија да биде дел од еден настан кој, едноставно, несакаш никогаш да заврши. Ретки се можностите како восприемач во аудиториумот, да се препуштиш целосно на концертната изведба, која те води во световите на; љубовта, убавината, тагата, шармот, болката, копнежот, интригите итн…. Токму оваа Дива, преку својот природен и многу солидно надграден драмски израз, Ни дозволи да влеземе во овие светови и да ги вкусиме сите емоции, претопени во железниот репертоар на; мајсторите на камерната соло песна, лидерските арии од оперското творештво, до шармот на новите жанрови и композиции од националното богатство. Дивата Викена Каменица, со нејзината колоритна вокална разиграност ја обогатуваше секоја испеана фраза, создавајќи палета со бои, исенчани со импозантни градации, присутни во сите композиции. Нејзините изедначени регистри и овозможуваа потполна слобода во изведбата на делата, создавајќи впечаток дека сето тоа е претставување на едно вокално вајарство, кое Ни докажа дека не постојат никакви ограничувања на мецосопранскиот вокален опсег.Таа понуди беспросторни и сигурни висини и низини, извајани со интонациска и техничка стабилност и сочност, (што би рекле нашите музичари – пеачи – мрсен глас).
Богатиот опсег на гласовните можности, можеби во иднина, ќе Ни приреди и задоволства од алтовските ликови на големите драмски автори; Верди и Вагнер.
Дивата, обдарена и слободна со своето доминантно владеење и драмска сугестивност, во сите дела оствари визуелна претстава кај сите присутни. Чиниш, во храмот се ротираат сите сцени и улоги, во кои те обзема магијата дека и ти си дел од драмите. На врвната професионалност на Дивата, со нејзините; шарм и харизма, со интелегентно владеење низ репертоарот од плеада на композитори, публиката беше сведок и уживател на совршената уметност. Викена, со сите алатки и универзални дарови, Ни ја побуди сензацијата и расположението од концертот РАСКОШ.

Успешноста на концертот, подеднакво и припаѓа и на пијаниската Мерита Раџа-Тершана, извонреден камерен и оркестарски изведувач, која и во солистичките три обраќања во интермеците на остварениот континуитет од концертот, дијалогизираше со воедначена компактност во концертниот сјај и шарм.Таа понуди висок професионализам, многу сроден и со исти атрибути како кај солистот, кои кај публиката го подвлекоа естетското доживување на совршеноста. Пијаниската, со огромни расположливи средства, само ги потврди сите пофалби за создавањето на музиката, во самата музика.
Одушевената публика ја восхити двојната слободата од нивната хармонија на уметноста. Изведувачите, успеаа да остават порака од иста формула; да се биде уметност – треба да се биде слободен, како и слободно да им ги подариш доживувањата на публиката, која им се заблагодари со бурни аплаузи и овации.

Слободата ја прави уметноста!

Голема благодарност до изведувачите на концертот “Раскош” и до фестивалот “Охридско лето”.

 

„УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“

МАШКИ ВОКАЛЕН АНСАМБЛ „НОКТУРНО“ – Србија

 

„Твоето Успение, Богородице, го слават властите и престолите, началата и господствата, силите и херувимите, и прекрасните серафими“
(Стихија на „Господи повикав“)

„Православната Црква на 15/28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува ‘Успение’ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сострадалност, грижа и доверба, сила и смирение, чистота и убавина, љубов и победа на љубовта. Небозрачната светлина со која сјае Нејзиниот лик го осветлува и овој празник, на кој човекот веднаш сфаќа дека смртта е всушност чин на животот. Црквата никогаш во смртта на Богомајката не почувствувала страв, ниту ужас, ниту жалост и надгробно ридање, туку секогаш една блескава воскресна радост.“
(Од библиотека на Бигорски манастир)

Фестивалот „Охридско лето“, на големиот ден на Пресвета Богородица, по утринските молитви од сите православни храмови, го пренесе нејзиното вечерно празникување во предворјето на храмот „Св. Софија“, во срцето на градот на светлината.
Машкиот вокален ансамбл „Ноктурно“ и нивниот уметнички раководител – диригентот Ѓорѓе Станковиќ, исполнија концерт со духовна a capella музика, од богатата православна литература, како што прилега на големото празникување.
Концертната програма, со благослов од нашиот Небесен Отец, кај публиката побуди вдахновени емоции и духовна радост. Уметниците, понесени со празнична љубов, целосно се предадоа во своето изведување, со што, нивниот настап доби белег на остварена концертна молитва.
За многу години, празникот!

Благодарност до изведувачите на ансамблот ,,Ноктурно”, нивниот диригент и фестивалот „Охридско лето“.

 

 

„КОНЦЕРТ НА БОГОТ И СЕНАТОТ НА БОГОВИТЕ“

МУЗИЧКИ ПРИЈАТЕЛСТВА

ГОРДАНА ЈОСИФОВА-НЕДЕЛКОВСКА – обоа

 

Гости на концертот:

ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ – гитара

СТРАШО ТЕМКОВ – флејта

ЕЛЕНА АТАНАСОВСКА ИВАНОВСКА – пијано

ИНЕС НЕДЕЛКОВСКА – пијано

 

„Со ремек-делата на уметноста, треба да се однесуваме како со егзалтирани личности – да застанеме мирно пред нив и да чекаме додека не проговорат“ – Шопенхауер

Кога се создавале боговите, се создвале и химни, кои се музички приказни и одбележја за нивното постоење. Кога се создавале инструментите, се создал најплеменитиот инструмент diaulos, кој ја пренесувал душата на музиката на неговиот бог Аполон. Кога се создавала неговата совршена претрансформација, се создала обоата, која тајната на душата од сите богови, им ја открила на сите битија.
Сите философско – естетски пораки, како во науката, така и во уметноста се верен приказ за универзалното во музиката, за нејзиното постоење и создавање во самото нејзино претставување.
Енио Мориконе, големиот мајстор на музиката за филмската уметност, во филмот „Мисија“, ја испочитувал најголемата порака, главниот лик – мисионерот на христијанството, не случајно ја воспоставува првата коресподенција, со дотогаш затворениот свет, точно со моќта на единствениот разбирлив јазик – музиката и неговиот волшебен алат – обоата.
Солистката на синоќешниот концерт, Гордана Јосифова – Неделковска, одговорна за програмата на концертот, успеа маестрално ја изготви истата. Нејзиниот успех е како резултат од личното искуство како изведувач и искуството на наш долгогодишен, многу успешен музички селектор на фестивалот, која најдобро ја познава душата на „Охридско лето“ и нејзината публика. Заклучниот настан од концертите, за учесниците, особена чест, оствари помпезна уметност, со триумфален белег на величествена уметност. Искуството на солистката Ни понуди мајсторски композиции, со свежи плодови од творештвото на светски и домашни автори, кои ја остварија магијата на боженството.
Солистот на боженствената обоа и нејзините гости, музички пријатели, пред раскошно осветлениот и технички декориран храм „Св. Софија“, го остварија музичкото боженство, привилегија за бројната и расположена публика. Боженство без богови, не се остварува. Нашата солистка – божицата Хестија, бог на срцето и душата, со нејзиниот сенат на богови: Елена Атанасова – Ивановска – пијано, Страшо Темков – флејта, Влатко Стефановски – гитара и младата пијанистка Инес Неделковска, нè пренесоа во светот на уметноста, во кој царува топлата музика на богот Аполон.

„Најдобро може да се побегне од светот со помош на уметноста“ – Гете
Тоа и го остварија нашите богови, кои многу волшебно нè пренесоа во имагинарниот свет на авторите: А.Пјацола, С.Веруст, Е.Мориконе, В Николовски, С.Ливрински, В.Атанасовски, В.Стефановски и К.Костов (редоследот на солистите и авторите ги пишувам според програмата).
Низ целосната програма, како солистката, така и нејзините гости, воопшто не беа поштедени од нивната максимална техничко-изведувачка интерпретација, со огромна предаденост во мајсторството и креативноста на музчкото фразирање и обликување, со кои многу успешно ги галеа срцата и ја полнеа душата на публиката. Програмата започна со маестралниот Пјацола, кој со неговата популарна култура и традиција на аргентинското танго, им наметна на изведувачите; Јосифова, Темков и Атанасовска, виртуозна предаденост во музичките планови, не сокривајќи ги побудените емоции и страст, како кај нив, така и кај публиката.
Виртуозното соло обраќање од Веруст, солистката го оствари со интерпретација без ограничувања и со целосно владеење на волшебната обоа.
Во годината на роденденскиот јубилеј на фестивалот, значајната музичка хронологија беше остварена со видео проекција од концертот, 2009 година, на големиот уметник Енио Мориконе, со својот симфониски оркестар и солистот на мисијата, Гордана Јосифова – Неделковска – обоа, еден од позначајните настани низ исторојата на фестивалот. Споменот и големината на композиторот Енио Мориконе, беше концертно застапен во следните нумери што се изведуваа, визуелно оживеани низ видео проекции, кои магично нè пренесуваа во имагинарниот свет, во кој постоеше само музиката и љубовта за таа музика, искажана од обоата и пијаното.
Нашето национално творештво, застапено во програмата, беше од нашите големи автори – аранжери, (сите горе-споменати), многу маестрално создадени и без никакви поштеди на изведувачите, нè вратија во нашиот свет, многу богат, многу темпераментен, многу допадлив, многу близок до публиката. Тоа е светот кој многу знае да пее и раскажува. Изборот на најдобрите бисери од нашето национално богатство, што за жал, понекогаш го забораваме, ни ја создаде совршеноста на уметноста и бескрајното расположение и восхит. Најзаслужни за тоа, беа изведувачите – солистката и нејзините пријатели: Страшо Темков, со волшебната флејта, бисерот на маестралното дијалогизирање со обоата и останатите инструменти; Елена Атанасовска – Ивановска, најодговорното и најпрецизно пијано, кое одлично го познава и се изразува со неговиот огромен литратурен и музички јазик, но знае да го претстави и со оркестарска, импозантна боја; Влатко Стефановски – кралот на гитарата, омилениот авторитет на музичката публика, целосно предадено ги оствари сите негови креативни солистички и камерни виртуозитети, закитени со големо импровизаторско расположение; и младата пијанистка, Инес Неделковска, која беше бисерот на вечерта, а нејзината изведба на В. Николовски, нашето најголемо национално богатство, е одличен избор во програмата, авторитетно вклопен меѓу авторите на бисерите на македонскиот идентитет. Таа се претстави мошне успешно и темпераментно, како што впрочем беше и самиот автор и со изведбата на токатата, го оживеа неговото вечно постоење. Не помалку значаен беше настапот на Инес, како пијано соработник, во кој, со најубавите бои ги обои пејсажите на оркестрацијата на големиот мајстор Енио Мориконе.
Сите изведувачи, кај верната публика предизвикаа големо расположение и задоволства, која ги награди со бурни аплаузи и овации, кои се огласуваа низ бескрајното боженство, во преддворјето на храмот „Св.Софија“.

Голема благодарност до сите нив, особено до носителот на проектот, солистката, кои нè заробија во прегратките на совршената уметност. Да се доживее најголемата предадена музичка митологија, е голем дар, кој нè наградува со вечното постоење и доживување на најголемата љубов. Музиката, со бексрајната енергија, создадена токму од нејзиниот творец, е привилегија на боговите, вечните лидери од легендите.
Вие бевте нашите богови!

Уште еднаш, благодарност до сите учесници и фестивалот „Охридско лето“.