Новост

ПРИЗНАНИЕ НА УМЕТНИЦИТЕ, ПУБЛИКАТА И ФЕСТИВАЛОТ ,,ОХРИДСКО ЛЕТО”, 2020 – година Прв Дел

08.10.2020

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Голема благодарност до сите љубители на музичката уметност и сите читачи на концертните приказни од фестивалската приказна „Охридско лето“, 2020 година.

Почитувани!
Ви се обраќам, со особена почит, за вашето следење на фестивалот и вашата поддршка, многу значајни за уметниците – изведувачи, но и за мене – како нивни раскажувач. Уметниците го заслужуваат најголемото внимание, зошто: наградните аплаузи – траат неколку минути, сензацијата – трае неколку денови, додека пишаниот збор е траен белег за нивниот настап и остварената уметност.
Музиката, создадена и дарувана токму од нејзиниот Творец, до нас ја пренесуваат неговите гласници: композитори и изведувачи. Нејзиниот универзален јазик, со бескрајна моќ и влијание, има единствен универзален превод, разбирлив за сите, а се вика Љубов. Тоа ја прави музиката возвишена, а нејзините гласници се избраници од бескрајната интелегенција. Нив, со најголем благослов им е дадена значајна мисија, во која секој се внесува со љубов и со љубов се изразува. Таквите претставувања заслужуваат со љубов да ги поддржуваш и со љубов да зборуваш за нивното остварено дело. Само тогаш музиката е вистинска и чиста. Секое друго толкување е искривување на нејзината естетска вредност.
Мир и љубов!

Голема благодарност до фестивалот ,,Охридско лето” и неговиот директор г-ѓа Наташа Поповиќ

  • Импресии од концертните настани од професор Павлина Нечевска Јосифова

 

 

СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ ОХРИДСКО ЛЕТО 2020

„ВОКАЛНИ БИСЕРИ ПО СТАПКИТЕ НА АНА ЛИПША – ТОФОВИЌ“

„Во музиката само музиката се случува“ Ханс Фитзер

Храмот „Св. Софија“, срцето во градот на светлината, е првиот извор на создавањето на музичкиот живот на фестивалот „Охридско лето“. Точно пред 60 години, Примадоната при Операта на МНТ, Ана Липша – Тофовиќ, е првата солистка која го запали фестивалскиот факел, со тогаш, најдобриот пијано-соработник, Ладислав Палфи.
Ништо случајно! Градот, со отворен портал кон Творецот, овозможен со енергијата од триста шеест и пет цркви и параклиси, му ја подари централната светост на храмот, во отворањето на универзалниот ритуал – музиката. Таа, знае најдобро да се огласи, при што, сите битија, од сите димензии, да ги поврзе со најголемиот духовен израз на православието – човечкиот глас. Уметниците, концертни изведувачи, со најголема професионална афирмација, во старт ги поставија високите критериуми на фестивалот, кои се почитувани меѓу сите негови учесници до денес.

Свеченото отворање „Вокални бисери по стапките на Ана Липша – Тофовиќ“, на истиот ден од неговото раѓање, 04. Август, ја потврди формулата, дека, само кога историјата ја повторува својата историја е гаранција за квалитет. Величенствениот настан, остварен и доживеан со голем респект и почит кон патронот, единствено му доликува да се изведе во величенствен простор. Античкиот амфитеатар, подготвен според сите протоколи на актуелните и наметнати предострожности, ги отвори прегратките за јубилејната фестивалска приказна.
Публиката, претпазливо, тивко и несигурно, влегуваше под отвореното небо на амфитеатарот. Во трепетот на душата, низ чувство на збунетост и низ тишината на аудиториумот, се чувствуваше возбуда и среќа, дека сепак, по толку време, повторно ќе се изведе и доживее концерт во живо, кој одново ќе ја оствари љубовта и ќе ја нарани душата.
Воведните говори, (Претседателот д-р Стево Пендаровски, покровител на фестивалот, д-р Хусни Исмаили, министер за културата и м-р Снежана Анастасова Чадиковска, професор), живи, со моќни пораки, побудија емоции на возбуда, среќа и љубов, за музиката, која повторно го враќа животот во сите нас. „Охридското лето“, кое беше скоро и невозможно да се оствари, сепак ги донесе своите уметници на концертниот подиумот, а сите Ние бевме привилегирани сведоци од една голема магична вечер.

Учесници на концертот: Миливоје Вељиќ – пијано (Србија), со извонредната оркестарска улога, закитена со кристално – вселенски остварувања, уште на почетокот нè поведе низ брилијантен виртуозитет, со кој ги освои довербата и вниманието на публиката. Неговите филигрански бисери, со беспрекорен сјај, кај сите присутни предизвикаа среќа и задоволство.

Аманда Стојовиќ – мецосопран (Црна Гора), со своите настапи, низ нејзините музички приказни, ги овозможи сите бисерни колоратури, низ прекрасна и нежна вокална боја, благодарејќи им на нејзините технички совршености. Таа е солист кој знае да ја гали душата на слушателот и да го оживува и исполнува секој нејзин миг.

Марија Јелиќ – сопран (Србија), млад драмски лик, која, низ своите бисерни изведби, оствари, многу привлечни, силни и впечатливи емоции, без сокриени возбуда и одговорност. Таа, извонредно одговори на поставените критериуми на престижниов фестивал – сон за многумина уметници.

Дарио Ди Вјетри – тенор (Италија), е третиот солист кој нè поведе по бисерната патека до другите димензии, каде што постојат само совршености. Тој, низ сите совладани и транспарентни техники, успеа да се престави како презентер на извонредна школа. Неговото вистинско владеење, во целост, реализира вистинска уметност, достојна за: восхит, почит и авторитет.

Иван Томашев – бас (Србија) најавторитетниот бисер, во сите бои, кои топло ја греат душата, но знаат и да ја разиграат, истата, преку комиката. Солистот, уште еднаш потврди дека е бисер со трајна гаранција, зошто басовите уметници немаат рок на траење, туку напротив, со возраста стануваат само позрели.

Концертните приказни, со бисерни бои ги претставиа солистите како главни носители на остварените дејствија, кои најверно ги донесоа драмските ликови и ги оживеаа нивните настани. Ваквото остварување, благодарејќи им на: беспрекорната посветеност и одговорност, е и гаранција за оживувањето и доживувањето на делото. Само со таквото владеење, публиката успеа да навлезе во дејствието на содржината и во идентитетот на ликовите од приказните.
Вистинските вредности на „музикалната идеја – постоечката идеја“, е само музички раскажаната форма на самата музика, како плод на музикалното во неа.
Да живее уметноста, да живее музиката, да живеат сите оние на кои патот им е љубов!!!

Благодарност до сите изведувачи од концертот и фестивалот „Охридско лето“.

 

 

КОНЦЕРТ ДУО – ТУРЦИЈА
ОЗЏАН УЛУЏАН – виолина
БИРСЕН УЛУЏАН – ПИЈАНО

,,КОНЦЕРТ ПОД ВИНОЖИТО”

Одлична и сериозна програма, со мајсторски континуитет;
Одлично владеење со инструментите; Со рафиниран тон на виолинистот, усогласен низ сите регистри – подеднакво, со висока култура, беспрекорна интонација, техничко владеење и професионални манири, со големо достоинство… Извонредна школа и изведувачка пракса…

Пијанистката – извонредна во рамноправното дуализирање, со стабилна понуда на сочен и длабоко – енергичен звук, со целосен континуитет на колоритноста на музички план.

Концертот започна со великанот на класицизмот – Моцарт и низ виножитото на целосниот музички план кулминираше, преку националните богатства на извонредната свита на Аднан Сајгун, треперливите бои на големиот автор на импресионизмот – Дебиси, кој овој пат немаше музика само за себе си, својствено за импресионистите, туку извонредна музика за нас, наградената публика, до врвот на програмската соната на Штраус.
Тогаш во храмот Св. Софија се отворија сите драмски, сценски слики – низ триставачниот циклус; од експозициските личности, во првиот став, носители на дејствието, низ емотивните кантилени и превривања – во втори став, до триумфот на финалните кулминации..
Сцени, режии, извонредна интерпретација, се на едно место. Блазе си ни!
Љубовта, гостопримството и вниманието на;
Селекторот, Директорот и публиката, беше наградено со многу пријатно изненадување и почит кон Нас, како топол народ, со изведбата на суитата од нашиот Македонски композитор, меѓу најавторитетните – Томислав Зографски. Беспрекорна нижалка, со сите богатства и мајсторства.
Секако дека шлагот му го препуштија на концертната полонеза, од Виењавски, со која заврши, со овации, големото виножито.

Благодарност до уметниците и
фестивалот ,,Охридско лето”.

 

КОНЦЕРТ НА ДУО ,,СОЛИПС”
ЕЛЕНА СТОЈЧЕСКА-флејта, Македонија/Франција
РОМАН ПЕТИО-гитара, Франција

,,БИСЕРИ НА МУДРОСТА”

“Уметноста е највозвишена мисија на човекот“ – А.Родин

Дуото СолиПс, свесни за својата мисија, на синоќешниот концерт, не удостoија со прекрасна музика, изготвена со извонреден програм, од кој што излегоа сите бисерни филиграни на музичката мудрост.
Магичната атмосфера беше остварена, благодарејќи им на нивната целосна посветеност, со извонредно владеење и взаемна кореспонденција, во синергија со одушевената публика.
Следејќи го концертниот репертоар, чиниш дека тоа едноставно извира од нив, но кога анализираш, свесен си дека пред нас се големи уметници, кои ги абсолвирале своите алатки, со сите тајни и техники на француската школа. Тоа ти дава безбедност и сигурност да се опуштиш во музичката сензација.
Флејтистката, Елена Стојческа, една од нашите образовани ученици, ја испративме во потрага на најреномираната француска школа, и ја добиваме со возвишена уметност и манир на светски уметник… што би рекол нашиот народ “светско, а наше!!“
Гитаристот, Ромен Петио, или кажано – камерниот состав, зашто неговата гитара ги пласираше сите техники и бои на гудачки и дувачки камерни состави, беше сигурен и расположен, со висок, професионален јазик на изразување.
Во целост, дуото е извонреден камерен состав, зашто и двајцата потекнуваат од исти светови. Тоа се вика совршена хармонија, која најадекватно прозвучи во величенствениот храм “Св.Софија“.
Програмот на ,,Бисерите на мудроста“ беше избран според философските начела.

“Полесно е да го разберете еден народ, слушајки ја неговата музика, отколку да го учите неговиот јазик“ – Сантуана.

Концертот започна од Италија, со класичниот композитор и гитарист Мауро Џулиани, до Клод Дебиси “musicien français “ – како што и самиот се потпишувал, со совршени визуелни импресии на неговата пасторална поема, по која не пренесоа во Аргентина, каде бандонеон-от на Астор Пјацола, со сета популарна културна традиција, низ сите приказни за тангото, ги побудија сите емоции и страсти.
Во вториот дел, од концертот, Не преселија во Индија и одлично ни го илустрираа ситар-от на Рави Шанкар, по кој повторно не вратија на другиот француски великан – Морис Равел, како би биле комплетни со француската уметност.
На крајот отпатувавме во Шпанија и богатството од народното наследство со гитаристот и композитор Мигуел Лиобет, а од таму се преселивме на балканот, со Мирослав Тадич и неговите четири македонски песни за алт флејта и гитара. Сонорната алт флејта, својата топла и милозвучна напевност, се прелеваше во совршени хармонски бои, дијалогизирани со гитарата.
Секако заслуживме и извонреден бисер со Духовната фантазија, од авторот со чешко потекло – Јан Вркоч, како закитено доживување во адекватноста на храмот и во текот на големите православни – верски празници.

“Кога царот се вози во колата на вештините, а музиката му е кочијаш, кога се среќаваат различни управувачи со учтивост, кога службениците ги регулираат работите на основа на законот, кога научниците взаемно се поттикнуваат, држејќи се за честа како мерило, и кога народите се обединуваат во мир, тоа е здравјето на светот, тоа се нарекува величествена хармонија“ – Confucius

Благодарност до уметниците и фестивалот ,,Охридско лето”.

 

КОНЦЕРТ НА НАТАЛИЈА ТРУЛ – пијано, Русија

НАСТАН – “ТРАЈНИ ВРЕДНОСТИ“

Музиката е совршена, но, од друга страна, e комплексна уметност. Патот за откривањето на нејзините содржини и изведби е бескраен, како што всушност е и самата таа – бескрајна. Ако тргнете по нејзините долги патеки, секогаш Ви е потребна „храна“, со која ќе го овозможите вашиот, но и нејзиниот живот. Ако Ви е потребна информација, каде сето тоа да го пронајдете, тогаш обратете се кај уметниците со најавторитетно образование и најбогата дејност. Ако Ви е потребно име и адреса, на кои треба да се обратите, за тоа најдобро ќе ви одговори проф. м-р Даница Стојанова, уметнички селектор на овогодинешниот фестивал „Охридско лето“. Таа сигурно ќе Ви препорача, тоа што всушност сте го разбрале, дека треба да се упатите кај проф. Наталија Трул, во Русија.

Концертот на пијанистката Наталија Трул оствари уметност со трајни вредности. Тоа беше концертно музицирање, со висок израз на професионализам, од кој произлегоа сите педагошки инструкции.
Во концертната програма од првиот дел, со авторите: Л.В.Бетовен – патронот во годината на неговиот јубилеј и Ф.Шопен, беше само потврда дека пијанистката е изведувач која раскажува и едуцира, со голем интелектуален израз. Таа, низ јасната форма и содржина, нејзините составни делови ги профилира како актери од оствареното музичко сценарио.
Вториот дел од програмата, пијанистката го исполни со концертни етиди, изведувајќи ги наизменично, по шест етиди, од великаните Шопен и Дебиси. Таа, ваквиот начин на изведба го оствари, исклучиво, со едукативна порака.
Импресионистот Дебиси бил голем почитувач на творештвото на романтичарот Шопен. Тој, како уредник за редакцијата на неговите етиди, за издавачката куќа „Диран“, во Париз, со голема инспирација од етидите на големиот мајстор, го создал својот циклус со 12 етиди, со посвета на Шопен, (Шопен оставил два циклуси со по 12 етиди).
При изведба на етидите, двајцата мајстори се огледува во музичкото огледало, но сепак, секој автор, со различен лик, создаден од својот портрет, како белег за својот творечки стил. Етидите и кај двајцата автори, покрај виртуозниот предизвик, (за кој и двајцата автори оставиле инструкции за нивна изведба), ја носат концертната брилијантност и привлечност. Пијанистката, проф. Наталија Трул, со голем изведувачки манир и сјај, го огледуваше портретот на Шопен во портретот на Дебиси, менувајќи им ја само нивната облека, со јасна и музички доживеана дешифрација на романтизам, преточен во импресионизам,
Ништо подобро не можеше да се случи од доживеаниот настан – совршена интерпретација, со совршена педагошка инструкција, преку совршена дешифрација, до остварена мајсторска школа.

Благодарност до пијанистката Наталија Трул и фестивалот „Охридско лето“.

 

КОНЦЕРТ ГРЦИЈА
ХРИСТОС ГРИМПАС – виолончело
ЏОРЏ ЕМАНУЕЛ ЛАЗАРИДИС – пијано

,,КОНЦЕРТ – ЕНЕРГИЈА”

Изведувачите на овој концерт, Не покренаа со извонредна музичка живост и енергична пулсација, кои низ континуираната динамика, остварија моќно доживување на широки хоризонти.
Уметниците, во извонредната Рахмањинова соната за виолончело и пијано, имаа јасна концепција, со беспрекорна музичка илустрација. Тие, целосно предадени, а при тоа, не штедејќи се: ни технички, ни музички, пласираа раскош на камерно дуо, со извонреден равноправен третман во нивното учество, од јасната форма.

Мусоргски, во интерпретација на пијанистот, со неговите слики го доживеа сјајот на целосната изложба, со одблесоци на енергијата на ,,Нијагара”. Пијанистот, во уникатна интерпретација, доста впечатливо, го наметна и оживеа циклусот, остварувајќи го во еден здив.
Во храмот “Св.Софија”, прозвучи целата масивност: што од ликовни, што од музички илустрации, кои верно ја илустрираа програмноста на изложбата, од делото.
Музика – Енергија!

Благодарност до уметниците и фестивалот ,,Охридско лето”.

 

КОНЦЕРТ
КЕМАЛ ГЕКИЌ – пијано, САД

,,КОНЦЕРТ – РАЈ”

Концертот од душата за душите, со извонреден избор на програм од големите автори: Бетовен, Шопен, Ален и Лист, по кои следуваа и наградни бисови, магично ги оствари сите пијанистички очекувања.
Сите композитори, претставени со големо расположение и мошне креативна интерпретација, добија матични портрети, отсликани со извонредните бои на сопствениот – творечки период.
Пијанистот Гекиќ, со целисна предаденост и сугестивност, ги наметнуваше сите музички содржини, многу допадливи кај публиката, а при тоа, со одлична остварена синергија кај сите присутни и нивното доживување. Музичката драма, во својата најадекватна – Сонатна фирма, го постигна најзначајното остварување, со кое ја антиципира интерпретацијата на нејзиното вајарско обликување, за идните изведувачи. Сите составни делови, прозвучија со индивидуален третман и свој драмски печат.Тоа беа музички приказни, разбирливи до душите на сите присутни…..
Концерт – Рај!

Благодарност до уметникот и фестивалот ,,Охридско лето”.

 

КОНЦЕРТ НА ДУО ПИЈАНО

ЈУЛИЈА КОЌУБАН – пијано, Полска
ИЛЈА МАКСИМОВ – пијано, Русија

,,ДУО ПЕРФЕКЦИЈА СО ТРОЈЦА ВЕЛИКАНИ”

Репертоарот на синоќешниот концерт; Моцарт, Дебиси и Рахмањинов, сигурно е забележан во мемориските фолдери на храмот ,,Св.Софија” и уште долго време ќе живеат сите бисери, на совршената интерпретација.
Публиката, соноќа, ја имаше привилегијата да учествува во настан, во кој се пласираа;
– врвни уметници, со извонредна школа,
– голем професионализам,
– совршена камерна усогласеност, поддржана со подеднакво расположение и солистички манир, што е реткост во врвот на музичкото-камерно музицирање,
– во отсликувањето на сите макро и микро составни делови, со својствен идентитет на творечкиот период и авторите, пласираа сериозна знанственост, како одраз на високиот професионализам,
– перфектна синергија со одушевената публика, која беше сведок и уживател на високата естетска порака…..
Само совршената музика е универзална, создадена за најголемото творештво на бескрајната интелегенција – човекот!

Благодарност до уметниците и фестивалот ,,Охридско лето”

 

  • Продолжува…