Новост

Разновидна екстраваганција во музичката кошница на Корчинска и Кожушко

29.07.2019

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Украинската уметница Божена Корчинска со својата надолжна флејта и хармоникашот Богдан Кожушко  синоќа во „Света Софија“ донесоа разновидна екстраваганција во музичката кошница што ја донесоа на „Охридско лето“.

Двајцата млади уметници на концертот во рамките на традиционалната Украинска вечер на фестивалот, се претставија со дела од Јохан Себастијан Бах, Феофан Прокопович, Дмитри Бортањски, Доменико Скарлати,Жан Филип Рамо, Георг Фридрих Хендл, Џовани Басано,  како и од композиторите Никола Матеис, Михала Петри, Вјачеслав Семенов и Ладислав Купкович.

-Првпат сме во Охрид и Македонија. Многу сме задоволни од настапот на реномираниот фестивал „Охридско лето“ пред ваква прекрасна публика. Имавме многу разновидна програма на репетроарот. Кога ќе се соберат сите тие дела можеби не се поврзани  на некој посебен начин, но се многу колоритни и даваат едно големо разнообразие. Доловивме и композиции кои не се често застапени, вели Корчинска.

Божена Корчинска  е една од виртуозните изведувачи на надолжна флејта, наследничка на професионалната уметност на свирење на украинскиот кавал, основана од нејзиниот татко Mирослав Корчинскиј.

-Мојот татко е основач на  школата за свирење на овој инструмент во Украина и затоа, јас немав голем избор, па се одлучив украинската надолжна флејта да ја земам како мој главен музички инструмент. Овој инструмент во Европа е познат како блок-флејта, но украинската надолжна флејта се разликува по тоа што има различна апликатира и дава потопол тон,  додава Корчинска.

Дуото Корчинска – Кожушко се редок инструментален состав – украинската надолжна флејта и хармоника. Страсниот ентузијазам на музичарите за малку познатите ремек-дела од жанрот на музичките минијатури, виртуозната музика за флејта и свежиот звук на барокните хитови на хармониката ќе ги предизвика сетилата на слушателите пред сѐ  поради спецификите на инструментите и изборот на програмата која хармонично ги обединува во себе делата на древните епохи и музиката на XX век.

Коричинска соработува со мајсторите за оптимизирање на конструкцијата на инструментот, а исто така го проширува репертоарот и отвора нови можности на инструментот.   Од 2000 година таа е организатор на Отворениот натпревар на кавалџии и блок флејтисти во Украина. Соработува со бројни ансамбли и солисти.