Новост

Рам-Одинцова: Уживавме во амбиентот на „Света Софија“ и во вниманието на публиката

15.08.2017

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Внимателно одбрани композиции на руските уметници, виолончелистот Александар Рам и пијанистката Ана Одинцова беспрекорно се вклопија во амбиентот на црквата „Света Софија“ а публиката на фестивалот „Охридско лето“ уживаше во синоќешниот концерт.

Рам и Одинцова ги отсвирија Сонтата за виолончело и пијано од Ц.Франк, Свитата за соло виолончело од Г.Касадо и Сонатата за виолончело и пијано од Б.Бритен.

– Навистина премногу уживавме во амбиентот и во вниманието на публиката. Црквата е фантастична и не можев да замислам дека била изградена во 11-от век и сите овие фрески се правени токму во тоа време. Посебно уживав кога ја свиревме Сонатата на Франк затоа што тој бил многу религиозен човек. Затоа чувствував огромна топлина во мене, но и одговорност кон публиката. Сакам повторно да свирам за публиката на фестивалот „Охридско лето“ која е фантастична, изјави виолончелистот Рам.

За уметницата Одинцова фестивалот „Охридско лето“, црквата „Света Софија“, Охрид и Охридското Езеро оставаат силен впечаток.

– И јас како и мојот колега не можев да замислам дека луѓето во 11-от век изградиле вакво здание. Акустиката на црквата е фантастична. Се изненадив кога влегов првпат во неа, рече пијанистката Одинцова.

Александар Рам е еден од најнадарените и најбараните виолончелисти на неговата генерација. Неговиот стил е комбинација на виртуозност, длабока проникливост во авторската мисла, емотивен набој, јасна артикулација и индивидуалност.

Рам е носител на сребрен медаљ на Интернационалниот натпревар „Чајковски“ (Москва, 2015 година), како и на бројни награди на други музички натпревари како Третиот интернационален натпревар во Пекинг, Првиот национален натпревар во Москва (2010) и до денешен ден е единствениот руски виолончелист кој стасал до финалето и бил лауреат на престижниот натпревар за виолончелисти „Пауло“ во Хелсинки (2013).

Александар Рам настапувал во бројни градови во Русија, Англија, Германија, Литванија, Шведска, Австрија, Финска, Јужна Африка, Јапонија, Франција и Бугарија, во едни од најубавите концертни сали во светот. Тој соработува со значајни диригенти на денешницата, како Владимир Спиваков, Валериј Гергиев, Владимир Јуровски, Михаил Јуровски, Александар Сладковски и Валериј Полјански. Оваа сезона ќе настапи во Филхармонијата во Париз, ќе дебитира во Кадоган хол во Лондон со Валериј Гергиев и ќе го изведе Вториот концерт од Шостакович во Белград под диригентската палка на Михаил Јуровски.

Ана Одинцова е родена во 1990 година во Москва, а дипломира на Московскиот конзерваториум „П. И. Чајковски“ во класата на Наталија Трул во 2014 година. Носител е на повеќе награди и признанија, како Втора награда на Германскиот натпревар за пијано во Ерланген и награди на натпревари за млади пијанисти во Вилнус и Москва. Во 2012 година заедно со виолончелистот Александар Рам победува на натпреварот за камерно дуо во Шведска, а во 2015 година е наградена како најдобар пијано-соработник на натпреварот „Чајковски“ во Москва. Како солист, претставник на Куќата на музиката во Санкт Петербург, има настапувано низ Русија, Шведска, Австрија, Шпанија, Италија, Финска, Франција и Бугарија. Настапите со оркестар вклучуваат соработки со Естонскиот симфониски оркестар, Литванскиот симфониски оркестар, Филхармонијата во Самара и Московскиот камерен оркестар.