Новост

Романтична вечер на „Охридско лето“

18.08.2017

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Акордите на гитарата од шпанскиот мајстор Игнасио Родес синоќа одекнуваа во црквата „Света Софија“. Публиката на „Охридско лето“ имаше можност да ужива во романтичната вечер што ја приреди маестро Родес кој со своето музицирање успеа да ги задржи вниманието и концентрацијата кај гледачите до крајот на концертот. Доказ дека публиката што ја наполни црквата навистина уживаше, беа и двете бис-изведби.

– Многу добро се сеќавам на моментите кога првпат свирев во црквата „Света Софија“ во Охрид. Бев импресиониран од акустиката на амбиентот, од убавината на градот и еве ме повторно, во прекрасната црква и прекрасниот град. Навистина е големо задоволството да се биде овде, изјави шпанскиот мајстор на гитара, Игнасио Родес.

Иако, вели, поминаа 23 години од неговиот прв солистички концерт на „Охридско лето“, сепак, чувството да се настапи на еден ваков фестивал со огромно реноме е прекрасно.

На синоќешниот репертоар беа композициите „Танго“, „Арапско капричо“ и Гранд Валс“ од Франциско Тарега, Прелудиумот и Танцот од Хулиан Баутиста, Прелудиум, Интермецо и Паспје од Салвадор Бакарис, Омажот –Гробот на Дебиси од Мануел де Фала, како и композиции од
Квентин Ескембре, Едуардо Лопез Чавари и Хоакин Турина.

Родес е еден од најголемите и најталентирани мајстори на гитарата што се потврдува и со неговите настапи во најпрестижните концертни сали ширум светот. Свирел во најпознатите концертни сали меѓу кои Операта во Франкфурт, салата на филхармонијата во Санкт Петербург, концертната сала во Сан Франциско, театарот во Каиро, Шопеновиот музеј во Варшава, Палатата на музиката во Барселона, Центарот за современа музика во Анкара, концертната сала во Мексико и многу други. Настапува со Англискиот камерен оркестар, симфониските оркестри во Галиција и Мадрид, оркестарот Хо Ши Мин, оркестрите на Тенерифе, Анталија, филхармониите во Белград и Барселона итн.

Зад себе има пет компакт-дискови за различни издавачки куќи меѓу кои и ЕМИ класикс.

Игнасио Родес е професор на Конзерваториумот во Аликанте и редовно одржува мајсторски курсеви низ целиот свет.