Новост

Сонати за флејта и пијано вечерва на „Охридско лето“

15.08.2018

SHARE

Please follow and like us:
Instagram

Фестивалот „Охридско лето“ за љубителите на уметноста вечерва носи ново музичко доживување преку настапот на флејтистот Елвис Руди и пијанистот Марин Ѓолма од Албанија. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

На програмата се Соната за флејта и пијано од Филип Гобер,  Голема концертна соната оп. 85 од Фридрих Кулау, како и  Сонатина за флејта и пијано од Пјер Санкан.

Формирањето на првата класа на флејтисти во Албанија била резултат на голема волја и напорна работа на оние кои биле професори на тогашниот уметнички „лицеум“ (вид на средно уметничко образование). Ова е и времето кога Елвис Руди започнува да го изучува инструментот флејта под менторство на Мирела Селеница и Исуф Спахиу. Своите студии ги завршува на Универзитетот за музика во Букурешт, кај професорот Виргил Франк, по што се враќа во Тирана, каде започнува да работи како асистент-предавач на Академијата за уметности. Подоцна оваа институција е преименувана во Универзитет за уметности, а титулата на Руди прераснува во асистент-професор. Деветмесечната стипендија од Конзерваториумот во Париз му овозможува усовршување со Пјер Ив Артод и Софи Шериер. Во текот на овие години, значаен е неговиот придонес во интерпретацијата и промоцијата на албанската современа музика.

Марин Ѓолма своите додипломски, постдипломски и докторски студии ги завршува на Универзитетот за музика во Карлсрух, Германија, под менторство на познатата бразилска пијанистка Фани Солтер. По ова следи неговото усовршување на мајсторски курсеви кај познати професори и музичари. На полето на камерната музика соработувал со еминентни артисти, меѓу кои и Мартин Остертаг, како и бројни оркестри. Од 1996 до 2018 година, одржува серија концерти во Албанија и Германија, а исто така учествува и на значајни интернационални фестивали, како „Јанис Папајоану“ во Грција, „Алегрето Албанија“, фестивалот „Различни возови“ во Тирана, фестивалот на камерна музика „Чембер фест“ во Драч и други. Добитник е на повеќе награди на национални и интернационални натпревари по пијано од 1998 до 2011 година.